1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
На 4-ти март Берни Сандерс објави изјава: „Веќе 250 години Соединетите Држави ја поддржуваат демократијата“, изразувајќи загриженост дека администрацијата на Трамп зазема авторитарен правец што ги нарушува вековните традиции на американските демократски принципи дома и во странство.
Не е невообичаено да се слушне нешто вакво од американските политичари. Бајден рутински ги нарекуваше САД „светилник на демократијата“, исто како и многу претседатели пред него. Изјавата на Сандерс само нагласува колку е распространет овој наратив во САД, низ целиот политички спектар на Конгресот.
Можеме да разбереме што сака да докаже Сандерс. Но, тврдењето за САД и демократијата е фундаментално неточно. Всушност, доказите против него се огромни.
Соединетите Американски Држави не биле основани како демократија. Напротив, биле апартхејд режим со институционализирана нееднаквост врз основа на раса, пол и класа, управуван како олигархија. Ова не е претерување, туку добро документирана реалност. Американските сојузни држави генерално ги дозволувале правата на глас само на белите мажи кои поседувале имот (околу 6 проценти од населението). Работничката класа, жените и обоените луѓе главно немале право на глас. Речиси сите црнци биле жртви на масовно ропство и немале никакви права, а домородните Американци биле цел на етничко чистење и геноцид спонзориран од владата.
Имотниот цензус бил целосно укинат дури во 1856-тата година. Жените не добиле загарантирано право на глас до 1920-та година. А домородните Американци дури 1948-та година. Расната сегрегација — американскиот систем на апартхејд — не била целосно укината до 1964-та година. А дури во 1965-та година правото на глас било формално загарантирано за сите малцинства. Важно е да се нагласи следното: Соединетите Држави немале универзално право на глас до 1965-та година, речиси 190 години по нивното основање. И, во секој случај, тоа не било дадено од влада посветена на демократските принципи, туку било изборено и освоено од работничката класа преку организирана колективна борба.
И покрај тоа, степенот до кој САД денес функционираат како демократија е крајно дискутабилен. Власта се префрла напред-назад меѓу две естаблишмент партии, и двете раководени од богати луѓе посветени на интересите на капиталот. Третите партии се ефективно исклучени од националниот политички процес. Елитите и корпорациите можат да трошат неограничени суми на финансирање кампањи за да постават политичари кои ќе ја обликуваат политиката во нивна корист, што претставува облик на институционализирана политичка корупција. Демократијата не може да функционира под вакви услови.
Ова го потврдуваат и доказите. Студија од 2014-та година, објавена од Cambridge University Press, открива дека имплементацијата на политиките во САД генерално ги следи преференциите на елитите и организираните деловни лобија, дури и кога тоа е спротивно на преференциите на мнозинството. Со други зборови, САД повеќе личат на олигархија отколку на демократија. Ова помага да се разберат податоците од Индексот за перцепција на демократијата, кој во 2023-та покажа дека само 54 проценти од Американците веруваат дека нивната земја е навистина демократска, а само 42 проценти сметаат дека владата му служи на мнозинството.
Толку за демократијата дома. Што е со странство? Американските политичари тврдат дека Соединетите Држави ја поддржуваат демократијата низ светот. Но, всушност, доказите во огромна мера се спротивни.
САД редовно се мешаат во странски избори за да го корумпираат демократскиот процес во корист на американските интереси. Студијата на Дов Левин документира дека САД се вмешале во странски избори најмалку 128 пати помеѓу 1946-та и 2014-та година, вообичаено за да спречат левичарски партии да формираат влада или да останат на власт.
Во текот на 20-тиот век, САД активно се спротивставуваа на антиколонијалните ослободителни движења во Азија и Африка, кои се бореа за демократија и еднакви права. Тие отворено го поддржуваа апартхејд режимот во Јужна Африка (американската влада соработуваше во затворањето на Мандела и го сметаше за „терорист“ до 2008-та година) и продолжуваат да го поддржуваат апартхејд режимот во Израел денес. САД го поддржуваа диктаторскиот режим на Пиноче во Чиле, диктатурата на Шахот во Иран, режимот на Мобуту во Заир, диктатурата на Франко во Шпанија, и многу други. Ова продолжува и денес: еден неодамнешен извештај покажа дека 73 проценти од светските диктатури добиваат директна воена поддршка од САД.
САД исто така имаат долга историја на операции за смена на режими во други земји, за да обезбедат услови за американската геополитичка хегемонија и акумулација на капитал. Професори и новинари како Линдзи О'Рурк, Вилијам Блум и други документирале најмалку 113 вакви операции од 1949-та година, засновани на официјални документи (не вклучувајќи ги операциите спроведени кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век според доктрината на Монро и Рузвелтовиот королар). Половина од овие операции биле извршени против либерални демократии или демократски централистички држави. САД отворено поддржаа државни удари или атентати против демократски избрани лидери како Салвадор Аљенде во Чиле, Хакобо Арбенз во Гватемала и Патрис Лумумба во Демократската Република Конго, сите заменети со диктатори.
Накусо, Соединетите Американски Држави не биле основани како демократија, не биле демократија во најголемиот дел од своето постоење, денес имаат сериозни демократски недостатоци и долго време спречуваа, поткопуваа и дури уништуваа демократски влади низ светот. Овој проблем не започна со администрацијата на Трамп; тоа е структурна патологија на американскиот систем. Политичката цел на прогресивците во САД треба да биде борбата за промена.
Карикатури: Angelo Lopez
Извор за текстот: https://jasonhickel.substack.com/