Фантастичниот роман „Илина и шумските тролови“ на Хана Корнети ќе има промоција во Прилеп

14.03.2025 01:41
Фантастичниот роман „Илина и шумските тролови“ на Хана Корнети ќе има промоција во Прилеп

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, на 15 март, во 12 часот, прилепчани ќе имаат уникатна можност за пријатна дружба со авторката Хана Корнети, која ќе им (рас)каже повеќе за некои детали од авантурите на Илина и Папрат, јунаците во книгата „Илина и шумските тролови“, а промоторка на книгата ќе биде Наташа Атанасова. Модератор на настанот ќе биде Александар Еленин.

Петтото издание на книжевните средби „Процеп во процес“ е посветен на „Илина и шумските тролови“ од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

Книгата „Илина и шумските тролови“ е наменета за „малку поголеми деца“ (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години), која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца и им го разгорува жарот за авантури.

Станува збор за динамична, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, што ја прави оваа книга една од оние со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надградуваат својата креативна фантазија.

„Илина и шумските тролови“ има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.

ОкоБоли главаВицФото