1022 hPa
52 %
17 °C
Скопје - Сре, 12.11.2025 16:01
Јапонија – земја стара
океанот што ја мие,
на глобусот сам ја барам,
местото на исток ѝ е.
Хоншу, Нипон, Хокаидо,
потем Кјушу, Окинава –
островите, добро видов,
дека голем ѓердан прават.
Фуџијама – гора света,
висок вулкан, симбол јасен,
на творците им е мета,
подарува поглед красен.
Јапонецот, полн со радост,
верно дружи со сè живо –
со векови трае складот,
убавини нуди здивот.
Вистинити сказни има,
и денес се живи тие –
љубопитно јас ги примам,
но најмила една ми е.
„На Нипон, пред десет века,
Мураками беше царот –
во дворецот виде дека
свена дрво, стебло старо.
В час на нозе сè се крена:
дворјаните како прво,
за сувото да го сменат,
ќе пресадат друго дрво.
Задачата беше јасна –
во потрага мошне вредна,
ги пресретна слива красна
во дворот на куќа една.
Решение падна скоро:
тоа стебло со цут свиден
личи да го краси дворот
царот весел за да биде.
Гранките што шират опој,
свои тајни тука скриле:
едно гнездо – агол топол
за две птици што го свиле.
Дворјанинот в дворот стапна
(царот беше на сè стопан!) –
придружбата веднаш запна
корења да корне, копа.
Токму тогаш млада жена
се појави како веда:
лист хартија, четче крена,
ги напиша петте реда:
Нека се откорне тоа дрво,
ако така заповеда
мојот Пресветол Господар,
ама кога ќе дојдат славеите
што да им речам? *
Напишаното им го врачи
лично царот да го чита –
гласник на коњ в миг се качи,
кон дворецот право ита.
Владетелот мошне тихо
во душата сети жалост,
штом прочита китка стихој
го повлече својот налог!
Сега знаат внуци, внуки,
умни дела сите ценат:
на поетот Цурајуки **
ќерка била таа жена!
* Песната е напишана во старата јапонска форма „танка“ - петтостишие со определен број слогови во секој стих (5,7,5,7,7).
** Дворски поет од Х век, составувач на царската збирка (антологија на песни од старите јапонски поети) „Кокин-шу“, во која има околу 1100 песни.