Политичарите бараат спортот да не се меша во политиката

14.03.2011 16:12
Политичарите бараат спортот да не се меша во политиката

Во изминатиот период зачестија поплаките на домашните политичари за сè погрубо мешање на спортот во политиката.

Жалбите за тоа дека нивните пријатели, познаници, сопартијци па и политички соперници сè почесто ги предизвикуваат на спортски дуели, очигледно наидува на силен отпор кај нив.

Побаравме изјави од сите политички чинители, но на нив ни се отповикаа само неколкумина. Од владејачката гарнитура и од неколку партиски штабови на владеачката партија во Скопје ни беше одговорено потврдно дека ваквите, според нив, провокации, се сè позачестени и дека тие негативно влијаат врз политичката атмосфера и дијалогот во земјата. Само во последната недела видни челници и функционери биле повикани на неколку партии мал фудбал и баскет, и на сите од нив, дознаваме од маалски извори, биле поразени катастрофално. Ова многу лошо влијае врз нивниот углед и доверба кај партиското членство па веднаш бил активиран аларм дека ваквата пракса на повикување и учествување на спортски мегдани треба да престане. Сè уште се размислува како да се забрани учеството на партиските аудути, особено на оние со високи функции, во вакви спортски мегдани на кои што тие обично само се резилат пред присутните.

„Како да не ги повикаш на фудбал, баскет или некој друг ’помашки’ спорт, кога тоа е единствениот начин малку да си поиграме со нив, и тоа вака пред публика, да ги издрибламе на јавна сцена и да им дадеме до знаење дека и тие се обични луѓе кои најчесто немаат врска за многу работи, вклучително и за спортот“ – ни пренесува еден од учесниците кој побара да остане анонимен.

- Да ви кажам, јас просто се чудам кој народ на вакви физички закржлавени и спортски инфериорни лица од година во година им дава доверба на избори? – додава уште еден од нашите сведоци соговорници.

Дознаваме дека ништо подобро не поминале ни перјаниците на опозициските партии. Еден од нив, инаку бивш министер, според наши извори минатата недела на локален фудбалски натпревар примил 4 баџаци, по што се шпекулира дека тешко дека ќе добие место на изборната листа доколку опозицијата земе учество во предвремените избори.

Од експертските кругови сè почесто се заговара идејата политичарите да се повлечат од ваквите активности, повеќе да се посветат на својот професионален политички ангажман, или пак во крајна линија да оформат свои затворени партиски кругови кои би играле кошарка, фудбал, пикадо и други популарни спортови далеку од злонамерните очи на јавноста.