За трагедијата во Кочани (1)

17.03.2025 13:18
За трагедијата во Кочани

Љупчо Коцевски, Ѕвездан Георгиевски, Румена Бужаровска, Љубомир Д. Фрчкоски, Фросина Крушкаровска, Ида Протуѓер и Бојан Шашевски.

 

Љупчо Коцевски, јавен обвинител

Објектот немал хидрантска мрежа, ниту хидрант. Немало доволен број на ПП апарати, односно имал само два. Немал две излезни врати, туку само една единечна импровизирана метална врата на задниот дел од објектот, која била заклучена и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс картон и звучна изолација. Немало пристап од две страни за ПП возила, согласно правилник за пожари, внатрешноста на објектот бил обложен со гипс картон, но не бил со огноотпорни својства, немало спуштен таван со огноотпорни својства, немало врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите и известување на присутните за пожар. Истата била и непрописно обложена со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали.

Од увидот на лице место на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам констатирано е дека објектот во кој се случила несреќата е регистриран како деловен објект за лесна индустрија со површина од 419 метри квадратни, и не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект.

Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот.

 

Ѕвездан Георгиевски, Призма

За 59 мртви млади луѓе, во некои нормални држави паѓаат цели влади. Или барем одредени министри. На пример, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој, исто така, со својот личен пример не чувствува никаква морална одговорност. На Тошковски во пожарот му гине негов службеник, полицаец. Зошто? Зошто воопшто бил таму? За да ги обезбедува присутните? За да спасува преживеани? Не! Туку за да проверува дали илегално се продава дрога и да легитимира малолетници! Тоа е таа масивна борба против криминалот!

Впрочем, самата идеја да пратиш човек на небезбедно, нелегално и нерегуларно место да брка деца со марихуана и притоа човекот да загине е повеќе од доволно за оставки на целиот полициски врв, заедно сосе министерот. Се чини дека и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов го има истото чувство за одговорност, како и неговите колеги.

Никакво. Иако во градот со кој начелствува речиси нема куќа, нема семејство што директно не е засегнато од оваа трагедија.

Ќе му поверувам на Мицкоски кога, наместо со фалсификувани лиценци, ќе почне да мавта со фалсификувани сертификати за познавање англиски јазик, со фалсификувани дипломи и докторати и кога навистина ќе почувствува морална одговорност за сите оние високопозиционирани службеници по македонските министерства што се таму само затоа што се партиски активисти, негови пријатели или пријатели на негови блиски луѓе. 

 

Румена Бужаровска, Фејсбук / Окно

Присуствував на денешниот собир организиран од студентите на платото на УКИМ. Платото беше полно. Реки млади видно истрауматизирани луѓе се слеваа кон универзитетот. Немаше место каде да се стои. Во траорната атмосфера во која сепак се чувствуваше сплотеност, одржавме седумминутен молк.

А потоа излезе да зборува Ректорката. На универзитетски собир тоа до некаде го разбирам, но не разбирам зошто први не се обратија студентите. За жал во говорот на Ректорката немаше збор за одговорноста и за системот што ги уби децата и уби еден цел град, туку беше полн сентиментални флоскули, во кое време му се слоши на млад човек во толпата. По траорната пауза во која се бараше доктор, Ректорката продолжи со празниот говор. Очекувавме дека потоа ќе излезат да зборуваат младите, но не, излезе Министерката за образование и застана пред Филозофскиот факултет, чии предмети етика и логика неодамна ги укина во средното образование.

И знаете што направи Министерката? По редицата нови празни флоскули, како да е на школска приредба, ни изрецитира песна од Ацо Шопов, онаа дека ако носиме нешто неизречено што нѐ притиска и пече, го закопуваме во длабока тишина и тишината треба сама да го рече. Сакаше да го поврзе со седумте минути молк, изгледа, но всушност, со неодговорното рецитирање на поезијата, на студентите им порача дека треба да молчат, дека треба болката и гневот да ги закопаат во тишина. Во меѓувреме уште на неколку луѓе им се слоши и повторно доктори се пробиваа низ гужвата.

Во толпата студентите почнаа да викаат У-А и да ѝ свиркаат на Министерката. Наеднаш се појави интервентна полиција и застана до неа. Министерката престана да зборува, а еден студент, веројатно од собранието (не видов кој) излезе и ни порача дека не сме тука за да правиме бунт, туку за да бидеме сплотени и да оддадеме почит кон жрвите.
Тоа беше единствениот глас на студент или млад човек што го слушнавме по оваа трагедија на овој настан.

 

Љубомир Д. Фрчкоски, Либертас

Завлегувајќи во некои апсења, потерници, во дебати кој ја издал и до кога важела лиценцата за Клубот, во ароганција помешана со страв кој извира од очите на министерот кога им дели лекции на новинарите за тоа како да поставувале прашања – сè во сенка на ужасната трагедија – не можете да почувствувате друго освен превртување во стомакот, од гадење и бес.

Министерството за внатрешни со серија акти – кои не ги спровело – е одговорно за настанот, трагедијата, односно, ако ги спровеле законските обврски кои морале, настанот можел да биде спречен или барем неговите последици драстично намалени. МВР морало, бидејќи било претходно информирано, поради неговата обемност и можност од било какви инциденти (тоа се прави рутински со такви настани), да го обезбеди настанот однадвор. Но МВР тоа не го сторило!

МВР морало да обезбеди, внатре во салата, полицајци за можни инциденти долж концертот (истото вообичаено се прави за настани од ваков обем: 1.500 млади луѓе во затворен простор кој е сомнително адаптиран за таков настан). Значи, не да праќа полицајци да ловат дилери, туку да проценуваат можни инциденти и опасни ситуации и да го запрат концертот ако е потребно.

- МВР морало да обезбеди противпожарни возила околу објектот поради неговиот обем и ризик и веројатно и кола за брза помош (сето тоа се рутински работи за концерт од ваков обем и на вака ризично место). МВР тоа не го сторило.

- МВР, што е најважно и најтрагично, морало да издаде посебна дозвола за користење пиротехнички средства. МВР таква дозвола не издало, ниту разгледувало, а нивната употреба/злоупотреба била директна причина за пожарот и трагедијата. 

 

Фросина Крушкаровска, Фејсбук / Окно

На огромниот број млади собрани пред платото на УКИМ на микрофон им беше кажано - дури прекорно подвикнато - да молчат, бидејќи не дошле тука да протестираат?!
Какво срамотно потценување и манипулирање со неподносливата болка што колективно ја чувствуваме! „Студентите“ организирале собир и ја поканиле (или самата си дошла, а овие ѝ дозволиле!?) Министерката за образование неумесно да го цитира Ацо Шопов, а самите едвај зеле збор. Ова е очигледно превентивно запоседнување на наративите и пресретнување на студентското организирање со цел нивното незадоволство да се потисне и канализира целосно во полза на политичките интереси. Како што впрочем и се случи со протестите за смртта на Фросина.

Моментално Владата е преплашена дека протестите од Белград ќе се прелеат и во Скопје и гледа навремено да испинува и да го стави незадоволството, пред сè на студентите, под контрола. Стравот од сериозноста на ситуацијата се гледаше во сите нивни прес-конференции што ги ислушав вчера и денес. Заправо, во изјавата на ниеден функционер од која било партија не чув повеќе од празни флоскули и веќе предобро познатата мантра „да не се повтори“ додека нештата не само што се повторуваат туку монструзно растат.

Сите што ги познавам, од кога ја слушнавме веста вчера наутро, сме во физичка болка, дезориентирани, нефункционални, скршени и поразени како луѓе. Сигурна сум дека не остана ниедна личност во земјава на која не ѝ е кристално јасно дека овој хорор што го имаме во Македонија, сега и последниве 35 години, се подведува под категорија неодговорност и корупција, а за што се заслужни сите политички елити досега, и дека тоа бара преземање одговорност и организирање за реакција. Последниве години беше евидентно дека македонското општество е апатично, атомизирано, разочарано и нема сила за којзнае каков зафат - тоа не значи дека така и ќе остане. Особено после длабоко забоденото, распорувачко сознание дека немаме што да изгубиме кога веќе изгубивме сè: немаме ни достоинство, ни здравје, ни соживот, ни иднина.

 

Ида Протуѓер, Фејсбук

Луѓето автоматски умираат

Син ми сабајлево: зошто се случуваат вакви работи? Му викам, затоа што не се почитуваат законите и политичарите и директорите и сите што треба да ги спроведуваат кога се на власт, не го прават тоа. Ми вика па зошто претседателката на Македонија не им каже на политичарите да престанат да крадат и да почитуваат закони? Зошто не се во затвор? Му викам, па не оди така, треба сите да се свесни за тоа кои им се обврските и зошто постојат институциите и законите. И да одат секако во затвор ако ги прекршиле. Затоа се избрани.

Ми вика епа тогаш вака како што е, Македонија не треба да се плаши од војна, луѓето автоматски ќе умрат.

Ме потресе таа детска брутална искреност и наивна прецизност.

134 наши сограѓани починаа од непочитување закони и корупција последниве 4 години (Дурмо Турс, модуларната, Беса Транс). Плус жртвите од загаден воздух, канцероген мазут, сообраќајни несреќи поради недозволена брзина, стрес поради нефункционирање на институциите, недостапна или несоодветна здравствена нега…. А парите од даноци во Буџетот се трошат на се, освен за поквалитни услуги и живот за граѓаните.

Мерцедес за политичарите, ниту столче во чекална за вадење лични документи за граѓаните. Ако му се слоши некому нема кај да седне, ама за политичарот на власт мора да има меко седиште во најскап автомобил.

Ако ова не е последен аларм за ресетирање на тој систем, за нас војна во овој нестабилен свет не е закана, туку тоа се домашните функционери и секој оној кој презел одговорност со функцијата, а си зел само привилегии. Луѓето не се безбедни - што е основна човекова потреба и право.

И да, да не ја заборавиме моралната одговорност. Се дава оставка од морални причини, веднаш, вчера. Мислам на градоначалникот на Кочани секако.

 

Бојан Шашевски, Фејсбук

Деца растени со култура на фрлање ѓубре од пенџере. Со турски серии и банкарот на Лила и Ѕвезде гранде. Со неносење појас зашто „така праат сите“ и нема полиција. Со традиција на корупција од лекар до паркинг до диплома до функција. Со бркање врски за сè живо и диво. Со опирање на сè што е по закон или непишано бон-тон правило. Со „сине, снајди се у животот, не биди будала“. Со кич и узурпирани јавни простори. Со дивоградење. Со шаренки шишиња што пловат по Вардар. Со давање аплауз, а накај дома оговорање. Со џиберство како лајфмотив. Со образовни политики што траат од кампања до кампања. Со почитичари на „црни листи“ како секојдневие.

Тие деца сега се израснати и имаат добиено некоја улога во животот. Тие деца сега се директори, функционери, сопственици на клубови, сештолози, снаоѓачи, потпишувачи, правачи, организатори на работи.

Таквиот генерациски круг кој ќе го сопре? Само витална културна плима и нов, свеж бран млади луѓе, кои не се циници, кои не се заверисти, кои не се транзицисти, кои не се затруени, кои не се оштетени. Без искривоколчено „знаење“. Без колективна траума. Без минато во државава.

Тие, новите, нека нè учат што треба, како треба, оти повеќето луѓе во Македонија, особено родени докај 80-ти, 90-ти, веќе ретко препознаваат вредност. ТАА вредност што некогаш била „храна“ при растење, таа „храна“ е толку затруена, станата е цревен паразит, со носталгичарскa реа на нешто што веќе не постои. Или постои само во мислите.

Бидејќи, гледаме и детектираме и констатираме проблем, ама тој проблем очигледно не го учиме, за да стане заеднички принцип. И, целото наше општествување е заглавено, без можност да си помогне себеси.

И, не, не се слагам дека селењето од тука е решение. Има овде убај луѓе, широки, креативци, солидарци... за кои вреди да се живее. Со нив, и со онаа неумирисана свежина, со тие ќе ја градиме куќата.

За трагедијата во Кочани (2)


 

ОкоБоли главаВицФото