Срамотно потценување и манипулирање со неподносливата болка што колективно ја чувствуваме!

17.03.2025 18:11
Срамотно потценување и манипулирање со неподносливата болка што колективно ја чувствуваме!

На огромниот број млади собрани пред платото на УКИМ на микрофон им беше кажано - дури прекорно подвикнато - да молчат, бидејќи не дошле тука да протестираат?!

Какво срамотно потценување и манипулирање со неподносливата болка што колективно ја чувствуваме! „Студентите“ организирале собир и ја поканиле (или самата си дошла, а овие ѝ дозволиле!?) Министерката за образование неумесно да го цитира Ацо Шопов, а самите едвај зеле збор. Ова е очигледно превентивно запоседнување на наративите и пресретнување на студентското организирање со цел нивното незадоволство да се потисне и канализира целосно во полза на политичките интереси. Како што впрочем и се случи со протестите за смртта на Фросина.

Моментално Владата е преплашена дека протестите од Белград ќе се прелеат и во Скопје и гледа навремено да испинува и да го стави незадоволството, пред сè на студентите, под контрола. Стравот од сериозноста на ситуацијата се гледаше во сите нивни прес-конференции што ги ислушав вчера и денес. Заправо, во изјавата на ниеден функционер од која било партија не чув повеќе од празни флоскули и веќе предобро познатата мантра „да не се повтори“ додека нештата не само што се повторуваат туку монструзно растат.

Сите што ги познавам, од кога ја слушнавме веста вчера наутро, сме во физичка болка, дезориентирани, нефункционални, скршени и поразени како луѓе. Сигурна сум дека не остана ниедна личност во земјава на која не ѝ е кристално јасно дека овој хорор што го имаме во Македонија, сега и последниве 35 години, се подведува под категорија неодговорност и корупција, а за што се заслужни сите политички елити досега, и дека тоа бара преземање одговорност и организирање за реакција. Последниве години беше евидентно дека македонското општество е апатично, атомизирано, разочарано и нема сила за којзнае каков зафат - тоа не значи дека така и ќе остане. Особено после длабоко забоденото, распорувачко сознание дека немаме што да изгубиме кога веќе изгубивме сè: немаме ни достоинство, ни здравје, ни соживот, ни иднина.

Фактот дека на институциите треба да им се дозволи да ја завршат својата работа и да ги казнат одговорните за трагедијата во Кочани, не се коси со потребата граѓаните, откако ќе се соземат од шокот, да се самоорганизираат, да се обединат и да го промислат преуредувањето на системот, артикулирајќи позиции и барања. Се надевам дека студентите и останатите граѓани нема да дозволат да им ги мачкаат очите и да продолжат да ги стишуваат и замолчуваат.

Слики: Henning Wagenbreth