Груевски открива - името сакал да го смени неговиот двојник

14.03.2011 19:34
Груевски открива - името сакал да го смени неговиот двојник

Скопје, Македонија - На две години по самитот на НАТО во Букурешт клопчето почнува да се одмотува и да се дознаваат сè повеќе и повеќе информации.

Најновата доаѓа директно од премиерот Никола Груевски, кој деновиве беше актуелен токму со оваа тема.

Сè почна со писмото на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, испратено до првиот човек на ОН, Бан Ки-мун. Во него, меѓу другото, стоеше „Република Македонија прифати неколку предлози од господинот Нимиц како можно решение, вклучувајќи го и предлогот од март 2008 - Република Македонија (Скопје), кој Грција, за жал, го одби“.

Писмото, сосема очекувано, ја крена на нозе македонската политичка сцена и предизвика многу реакции, најмногу поради тоа што Груевски во јавноста се претставуваше како најголем чувар на името и идентитетот, на картата на патриотизмот ги доби и минатите парламентарни избори, а Милошоски на Бан Ки-мун му пишува нешто сосема поинакво.

Сепак, Груевски не призна дека две години ги лажел граѓаните, туку во јавноста излезе со неколку изјави во кои кажа дека ова не е ништо ново и дека всушност прифатил предлогот да оди на референдум и народот да каже дали го прифаќа. Ова беше малку тешко за верување и поради тоа што Милошоски никаде во писмото не споменува референдум, а и поради тоа што Груевски во 2008 година убедуваше дека не прифатил никакво ново име.

Но, сега, целата збрка има смисла бидејќи премиерот го откри фактот што недостасуваше во целата приказна. Тој изјави дека името Република Македонија (Скопје) навистина било прифатено и доколку се согласела и грчката страна сега тоа ќе било нашето ново име, но тој не ја дал согласноста туку негов двојник.

- Да... знам дека е навистина тешко за верување, но народе македонски, морате да ми верувате. Неколку дена пред самитот бев киднапиран. Со оглед на тоа што работам 24/7, ме киднапираа од мојот кабинет во владата некаде по три или четири часот по полноќ. Обично тоа е време кога и чуварите и луѓето од обезбедувањето заспиваат, а јас продолжувам да работам и да остварувам. Сепак, тоа по сè изгледа го знаат злобниците и го искористија за да ме киднапираат и да ме одземат од вас прекрасните граѓани, само и само да ја запрат преродбата - откри премиерот Никола Груевски.

Според неговото сведоштво, бил однесен во непознат правец и оставен во некоја соба која била бојадисана во портокалово. Таму го чувале околу еден месец.

За тоа време, на самитот на НАТО во Букурешт, наместо тој се појавил негов двојник, човек кој претходно направил пластична операција за да личи на него. Двојникот се согласил на промена на името во Република Македонија (Скопје), предлог кој грчката страна го одбила, и со тоа не сакајќи го уништила овој монструозен план за менување на името.

- Знам дека звучи чудно, но всушност треба да и’ бидеме благодарни на Грција. Ако и тие го прифателе името, немаше враќање. Двојникот ќе потпишеше и ние засекогаш ќе бевме обезличени. После ќе ми беше џабе и да објаснувам дека не сум се согласил јас, туку мојот двојник. Кој ќе ми поверуваше? - прашува Груевски.

Како што објаснува тој, откако мрачните сили увиделе дека планот не им е успешен, решиле да го пуштат да се врати на своето работно место. Запрашан од новинарите зошто чекал до сега за да го каже ова, Груевски одговори:

- Па... сметав дека не треба да ве заморувам со моите лични проблеми и да ве загрижувам. А и од кај да знам на што сè се подготвени мрачните сили и што може да биде следното од нив. Сепак, откако во медиумите излезе писмото на Милошоски и откако граѓаните почнаа да се сомневаат во мене и во моите чесни намери, морав да излезам и да го кажам ова мое доживување - рече премиерот Груевски.

Иако новинарите инсистираа, сепак, тој не им го даде одговорот кои се тие мрачни сили кои го киднапирале и на негово место поставиле двојник кој се согласил на промена на името. Сепак, чаршијата плете приказни дека мрачните сили се всушност самиот Бранко Црвенковски како комплетен извршител на ова дело.

Најинтересното е што промената не успеале да ја забележат ни неговите најблиски соработници.

- Имаше моменти кога не си личеше на себе и споменуваше работи како компромис, но мислев дека тоа не е ништо страшно и дека се работи за уште некој генијален план за преродба на земјава. Не ни сонував дека се работи за некој друг човек, подметнат и подбуцнат да го смени името - вели Мартин Протогер, генерален секретар на владата.

По ова признание на премиерот, се очекува граѓаните уште повеќе да го сакаат и да му веруваат препишувајќи му го епитетот на најголем патриот и чувар на македонското име и идентитет.

Извор: Шпиц, 12.03.2011

ОкоБоли главаВицФото