Како да започнеме со процесот на колективно исцелување?

19.03.2025 12:31
Како да започнеме со процесот на колективно исцелување?

Колективната траума е збир од индивидуални болки и врежана е во културните наративи, во јазикот, во несвесните човечки реакции на одредени случувања. Психологот Каи Ериксон ја дефинира како „распад на структурата на заедницата“, каде што не само поединците туку цели групи страдаат од психолошки, емотивни, дури и физиолошки последици. Габор Мате зборува за тоа како нерешената траума создава модели на самоуништување, зависности и хронични заболувања, не само на лично, туку и на општествено ниво.

***

Нашите мисли, емоции и јазик ги обликуваат нашите верувања и реакции. Кога траумата не е обработена, јазикот станува рефлексија на болката: „ништо не може да се промени“, „системот е гнил“, „животот е страдање“. Овие фрази стануваат дел од колективното несвесно, одржувајќи го циклусот на беспомошност; ве молам ова да не го забораваме, иако знам колку отпрвин е можеби и смешно да се внимава како се искажува неиздржливата болка.

***

Во древните култури ритуалите на плачење и заедничко тагување биле суштински за обработка на загубата. Денес, во општество кое често ги потиснува емоциите, важно е да си дозволиме да ја почувствуваме болката.

Како да започнеме со процесот на колективно исцелување?

1. Да создадеме простор за емоции – наместо да се срамиме од плачење и тага, да создадеме култура во која емотивната експресија е прифатена. Да не ги туркаме родителите на жртвите да бидат „силни“, туку да им дозволиме да ја изразат својата болка.

2. Да практикуваме наративи на надеж – јазикот што го користиме го обликува нашето искуство. Наместо „ништо нема да се промени“ можеме да почнеме да зборуваме за тоа како колективната траума може да биде катализатор за градење нов систем. Да изразуваме болка со многу свесност, внимавајќи да не придонесуваме кон раѓање нова болка.

3. Да се залагаме за системска промена – личната работа е основа, но таа мора да биде проследена со структурни промени. Законите за безбедност, транспарентноста и одговорноста мора да станат приоритет, за да се прекине циклусот на повторувачки трагедии. Затоа на дело сакаме да видиме спроведување на сè што е потребно за да не се повтори ова.

4. Потребни се колективни ритуали за исцелување – организирање настани каде што луѓето можат заеднички да оддадат почит, да споделат приказни, да пеат, да запалат свеќи... Сите овие симболички гестови создаваат нови енергетски полиња во морфолошката структура на општеството. Да не го забораваме правото да се плаче, да се сочувствува и да се тагува, самостојно и колективно.

Фотографии: Томислав Георгиев

 

ОкоБоли главаВицФото