Наоружана Европа

21.03.2025 02:13
Наоружана Европа

Изгледа дека влезот на Украина во НАТО, откако Русија ќе биде потисната на границите од 2014-тата година, е единствената стратешка цел за која лидерите на ЕУ се осмелуваат да размислуваат од почетокот на руската инвазија пред три години. За жал, дури и пред втората победа на американскиот претседател Доналд Трамп, таа опција потона во доменот на неостварливото. И тоа на сите им е јасно.

Прво, преминот кон воена економија се покажа како подарок од небото за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим. Второ, дури ни претходникот на Трамп, Џо Бајден, не беше подготвен за членство на Украина во НАТО и застана на неодредени ветувања. Трето, двете партии во Соединетите Држави силно се спротивставија на идејата НАТО трупите да се борат заедно со украинските.

Значи, во напливи на лицемерие од кои застанува здивот, бројните говори на тема „Путин е новиот Хитлер“ никогаш не вклучуваат обврска за вооружена борба на страната на Украина до воен пораз на руската војска. Наместо тоа, кукавичкиот Запад им испраќа оружје на исцрпените Украинци за да го поразат „новиот Хитлер“ во негово име – но без директно учество на западните сили.

Неизбежно, и покрај храбриот отпор на бројно и технички послабата украинска војска, единствената стратешка цел на европските лидери не успеа – и тоа е факт кој ќе останеше ист дури и ако Трамп изгубеше на изборите во ноември. Тој само гласно ја изговори вистината, со бруталност што го одразува неговото долгогодишно презирање кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и кон ЕУ. Без план Б, ослабена од две децении економско пропаѓање, Европа се обидува да одговори на политиката на Трамп кон Украина.

По Минхенскиот договор од 1938-та година, Винстон Черчил ја изрече познатата оценка дека Невил Чембрлен можел да „избере помеѓу војна и губење на честа. Го избра губењето на честа, но ќе ја добие војната.“ Стравувајќи да не ја повторат истата грешка, лидерите на ЕУ се подготвуваат повторно да згрешат, овој пат во спротивна насока: нивната определба за војна до победа наскоро ќе му отстапи место на прифаќањето понижувачки мир што Трамп со задоволство ќе им го наметне и на нив и на владата на Зеленски кога ќе дојдат да молат за помош.

Вистината е дека Европа мора да биде на висина на задачата или да престане да постои, но се поставува прашањето како да го постигне тоа што го сака. Што всушност не е во ред со Европа? Што ѝ недостасува најмногу?

Неверојатно е што Европејците не се во состојба да го видат одговорот што е очигледен: на Европа ѝ недостасува вистинско Министерство за финансии, некој еквивалент на Стејт департментот и парламент со доволни овластувања за да го заобиколи она што сега се преправа дека е европска влада (Европскиот совет). Што е најлошо, сè уште не е отворена дебата за тоа како да се затворат дупките што зјаат во европската институционална архитектура.

ЕУ од почетокот избегнува каков било мировен процес во Украина токму затоа што тоа би ги разоткрило сите проблеми на нејзиниот блок. Кој би ја претставувал Европа на преговарачката маса, ако Трамп ја повика да му се придружи? И дури и ако Европската комисија и Советот можат да мавнат со волшебно стапче и да создадат голема, добро вооружена армија на ЕУ, кој би имал демократски авторитет да ги испраќа нејзините војници да гинат и убиваат?

Исто така, кој може да собере доволно даноци за да обезбеди трајна борбена готовност на армијата на ЕУ? Процесот на одлучување што бара ангажирање на повеќе влади на ЕУ значи дека никој нема демократски легитимитет за донесување такви одлуки.

Кога Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, ја најави иницијативата ReArm Europe, тоа разбуди тажни спомени на неспособниот Јункеров план, Green Deal-от и Планот за обнова. Насловите во весниците повторно се полни со големи бројки, но зад нив повторно нема суштина. Дали некој навистина очекува дека Франција ќе го зголеми неодржливиот дефицит во јавните финансии за да го финансира вооружувањето?

Во отсуство на институции за имплементација на воен кејнзијанизам, единствениот начин на кој Европа може повторно да се наоружа е преку пренасочување на средствата наменети за обновување на пропаднатата социјална и физичка инфраструктура – што дополнително ќе ја ослаби Европа, која веќе горко се соочува со незадоволството на своите граѓани и подемот на крајната десница низ целиот континент. Зошто? Дали некој навистина верува дека Путин ќе се исплаши од европските гранати и хаубици, додека самата Европа е сè подалеку од воспоставување федерална власт неопходна за одлучување за прашањата на војната и мирот?

ReArm Europe нема да ѝ донесе победа на Украина, но речиси сигурно ќе ја турне ЕУ во уште подлабоки економски проблеми – што е основната причина за слабоста на Европа. За да ја обезбедат својата безбедност пред двојната закана од Трамп и Путин, ЕУ треба да го воспостави својот мировен процес.

Прво, таа мора јасно да го отфрли предаторскиот обид на Трамп да се дограби до природните ресурси на Украина. Потоа, по навестувањето на можноста за ублажување на санкциите и враќање на 300 милијарди долари замрзнат имот, ЕУ треба да започне преговори со Кремљ, нудејќи можност за сеопфатен стратешки аранжман во кој Украина би станала суверена, вооружена, неутрална земја, интегрирана со Западна Европа онолку колку што сакаат нејзините граѓани.

Најпосле, ако навистина сакаме да ја зајакнеме Европа, првиот чекор не е повторно вооружување. Прво треба да се изгради демократска унија. Во спротивно, стагнацијата ќе продолжи да ги нагризува европските капацитети, правејќи ја неспособна да го обнови она што ќе остане од Украина кога Путин ќе заврши со неа.

Карикатури: Stellina Chen

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото