1011 hPa
82 %

15 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 08:59
Дел од општата култура е да се зборува за срцето како за посебно место каде што престојува нешто мистично наречено душа или како место каде што љубовта се чува, крие или складира. Поп-културата не би постоела без љубовта и срцето: те носам во срцето, ми го скрши срцето итн. – општи места во љубовните песни и балади.
Не би се чудел на тоа, ако немаше огромни напредоци во нашето знаење за човечката биологија, медицината и особено технологиите за лекување. Кристијан Барнард во 1967-та година првпат во историјата успешно пресади срце од трагично почината девојка во телото на педесет и тригодишен продавач на зеленчук, чиј живот висеше на конец поради екстремна слабост на срцето. За жал, пациентот почина по 18 дена, и тоа поради воспаление на белите дробови.
По тој настан, трансплантацијата на срце толку многу напредна, заедно со технологиите за заштита од отфрлање на органите, што овие операции станаа рутински, иако сè уште се високо ризични. Познавањето на функционирањето на одделни делови од срцето денес овозможува замена на поединечни делови, како што се залистоците, со вештачки или животински ткива. Кога станува збор за замена со животински ткива, тогаш, нека остане меѓу нас, тоа се нарекува ксено-трансплантација.
Кога се во прашање животните, на прво место за трансплантација се делови од свињи. Сигурно нема да се чудите, но тие се најслични на човекот, ги има во голем број низ целиот свет, брзо се размножуваат и брзо созреваат. За трансплантации се користат генетски модифицирани животни, за да се минимизираат процесите на отфрлање на органите. Ксено-трансплантацијата е далеку од тоа да стане рутинска метода на пресадување, но многу интензивно се работи на истражувања за намалување на ризиците и продолжување на животот на пациентите. Покрај срцето, лекарите се обиделе да пресадат бубрези и црн дроб од генетски модифицирани свињи.
Досега се постигнати неколку успешни трансплантации, и тоа во 2022-та година, кога срце од свиња беше трансплантирано во терминално болен кардиолошки пациент. Пациентот преживеа уште два месеци. Една година претходно, свински бубрег беше пресаден во мозочно мртов пациент. Бубрезите успешно функционираа за време на 54-часовното набљудување.
И за да биде разочарувањето поголемо за оние романтичари кои со срцето ги поврзуваат емоциите, еве разочарување кое е, пак, надеж за сите оние кои со страв за сопствениот живот чекаат соодветно срце од донор.
Списанието Nature неодамна објави информација дека еден пациент, воедно шестиот во светот на кој му е вградено срце од титан, со тоа срце живеел сто дена, и тоа делумно надвор од болница. Потоа дошол на ред за трансплантација со човечки орган. Оние петмина пред него не ја напуштиле болницата и имале срце од титан значително пократко време.
Всушност, срцето од титан е пумпа што континуирано работи така што ротор поддржан од магнети ја пумпа крвта во правилни пулсови. За разлика од другите, главно гломазни вештачки срца, ова има само еден подвижен дел и е значително помало, односно има димензии на човечко срце. Уредот се нарекува BiVACOR. Го измисли и патентира биомедицинскиот инженер Даниел Тимс од Австралија. Неговата компанија ги произведува и продава овие уреди.
Самото вградување е комплицирано и трае со часови, па покрај високата цена на операцијата и уредот, носи и значителен ризик. Затоа, не е за очекување дека BiVACOR ќе го преплави светот, но можеме да се надеваме дека од таа идеја ќе се развијат уште подобри и поевтини уреди.
Колку е важно да постои вештачко срце кое може да го премости времето на чекање соодветен човечки орган, говори податокот дека само во САД околу седум милиони луѓе се борат со сериозни срцеви заболувања, а во 2023-та година биле изведени само 4.500 трансплантации. Причината? Нема доволно донори.
Размислувајќи така за напорите на медицината да спасува животи, не можам, а да не помислам на илјадниците луѓе кои секојдневно умираат поради војни, глад и недостаток на каква било медицинска нега. Би било неправедно и неточно да се каже дека во светот не постојат емпатија и акции за подобрување на тие ситуации, но најновите случувања будат повеќе страв отколку надеж. Клучниот збор мора да биде мир, а не војна, не само во Европа, туку и во целиот свет. Ете, тоа го носам во моето срце.
Извор: https://www.portalnovosti.com/