1011 hPa
82 %

15 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 08:59
Стефан Алијевиќ, Ивор Мицковски, Кица Колбе, Слободанка Јовановска, Венко Крстевски, Ѓорче Ставрески, Денко Малески, Соња Крамарска, Ерол Ризаов и Дороти Пачкова.
Стефан Алијевиќ, Фејсбук
Верувам дека сите оние кои се вмешани во смртоносните механизми на корупција било каде во државава се веќе подисплашени. Токму од тоа место на страв најверојатно и делуваат, па извираат и сите оние ситнодушни обиди, видливи деновиве, да се завитка во тишина гласот на младиот човек, од корен да се пресече бунтовниот импулс кој е само природна последица на длабоко разочарување, очај, и доста често траумата да се биде дел од ова општество.
Големата идеја на какво било следно (доста веројатно неизбежно) поголемо протестно студентско и/или граѓанско движење секако би била системската промена каде од корен ќе се пресечат токму смртоносните механизми на корупција кои постојано нè фрлаат во поразителни, незавидни и погубни позиции, ни ја одземаат радоста од животот и ни го одземаат достоинственото живеење. Бидејќи излишна е визурата за менување партии на власт како сликички во албум - веќе со години ја гледаме бламажата на речиси целиот политички спектар, неспособни „државници“ и локални авторитети, од лево кон десно и обратно од десно кон лево.
Се надевам, ќе имаме сите малку време и за имагинација (доколку таа не се претворила во мртво ткиво) па да погледнеме надвор од бинарниот лево-десен поглед на светот. Кога секој би си дал чесен збор дека ќе делува независно, непоткупливо, настрана од привлечните, лепливи магнетни сили кои можат да ве понудат со бифтек од срна или егзотично патување во странство. Зарем левото и десното крило не се крилјата на истата птица чија глава треба да се исече?
Ивор Мицковски, Фејсбук
Не сфаќам како денеска не беше разбрана воздржаноста и достоинственоста на Студентите, и како во исто време министерката и ректорката можеа да си дозволат да окупираат простор со своите анахрони беседи и дефокусирања, воопшто како собраа храброст да го дезавуираат нивниот достоинствен протест и глас.
Ова е дел од тој ретрограден и заостанат менталитет, од таа поразителна култура на премолчување на вистината и непрепознавање на реалноста.
Оваа лажливост, претворена во култура, сеприсутна и сеопфатна, е злото кое мора да се надмине во нашето општество.
Генерации се бореле и изгубиле попат, уште млади и постари се трудат (што е неверојатно на сета наша емотивна истрошеност и испразнетост) и ние пак паѓаме во истите грешки.
Робови сме на една ментална диктатура која не признава свежина, вистина и преземање одговорност.
Но, како што животот секогаш не потсетува, сè почесто и сè потрагично, плаќаме со смрт или ужасна егзистенција.
Борбата во ова општество е политичкa, но и културнa, менталнa, когнитивнa и моралнa.
Не ги стишувајте, не ги гасете и не ги бркајте оние кои уште имаат сила и волја за подобро.
***
Дали ВМРО се плаши од Шарена, колку и тоа да е глупо?Да, се плаши.
Дали се во паника? Се!
Дали неоправдано и несфатливо самите во тој страв и паника и во обид комплетно да се исперат како неодговорни, си ја појачуваат вината? Да, и тоа е така.
Ниту власта треба да паничи, да демонстрира вишок сила или селективност и да форсира наратив - седете дома, бидете тивки, не излагајте, не е момент и слични патетики и злонамерни пропаганди.
Ниту другата страна треба да се занесува дека треба одма и веднаш да се дојде до инстант правда.
Па не е така лесно дечки, и правда од трагедија е само будење пред трагедија и после пак заспивање.
Нам ни треба постојан ангажман, секојдневен за властите нешто да менуваат на подобро, не само изблици, туку постојана борба и ангажираност.
Така што, треба да има протести кому му се протестира, треба да има гласност и гнев, а власта и нејзините корифеи да сфатат дека таа не е насочена кон нивно соборување, туку кон нивно и наше севкупно подобрување.
Кица Колбе, Дојче веле
Таа шупа и нејзината околина за мене е симболот за Македонија денес, со која владее чудовиштето на криминалот, корупцијата и нечовечноста. Пеколот во таа трошна куќарка три децении го градеше неспособноста и нечесноста на политичката и државната елита. Македонија под нивното раководство стана таа трошна шупа, која македонската некадарност ја покрила со стиропор, затоа што, впрочем, и центарот на Скопје е преполн со фасади од стиропор. Цела Македонија се претвори во огромен „фушерај“ и невкус. Цела Македонија утрово ја гледам во таа шупа со изгорен покрив. А во неа гореа деца!
***
Промените почнуваат со сознанието за криза, за потрес од кој нема враќање назад. Околу тоа сознание во сите демократски општества се обликува самодовербата дека секој граѓанин може да придонесе за промена, само ако својата самодоверба ја обедини со таа на сите во заедницата. Демократијата е загрозена кога граѓаните ја губат самодовербата дека тие самите се способни да ги променат нештата. Нема ништо во животот што е невозможно и сè е возможно, особено кога се работи за социјалното однесување. Постојано пишувам дека македонскиот дефетизам е погубен, затоа што ја обликува самоперцепцијата на македонските граѓани. Кај личната самоперцепција тоа не е веднаш видливо, затоа што како поединци ние секогаш се наоѓаме во една мала заедница која нè крепи и ни дава надеж во кризни ситуации. Тоа е фамилијата, пријателите, луѓето што ни се блиски и за кои знаеме дека веруваат во нас. Тоа ни дава сила и поддршка. Посложено е кога се работи за самоперцепцијата на македонското општество. Поради лошото искуство во минатото, луѓето веруваат дека нивното општество не може да се справи со кризи и да ја промени политичката констелација. Зошто? Затоа што македонските граѓани немаат долго искуство во таква граѓанска самодоверба, докажана во кризи и пресврти, врз која почива секое модерно демократско општество.
За промените во кризите, првиот катализатор се секогаш малкумина самосвесни граѓани кои имаат самодоверба.Самодовербата е, всушност, духот на слободата. Тоа често го нарекуваме „визија“, а таа е секогаш верба на поединци. Во секоја политичка јавност некој секогаш треба да гледа подалеку од хоризонтот. Некој секогаш треба да има сон за поинаква Македонија, за поинакво, праведно општество, а тоа потоа станува заеднички сон. Секако, не преку ноќ, зашто промената е секогаш процес, но најважна е самодовербата дека секој придонесува за неа.
Слободанка Јовановска, Независен
„Шталата“ во Кочани е сликата што ја виде целиот свет за Македонија, а тоа е слика на пропадната држава. И, така е, кога соседите ни ги гасат пожарите бидејќи немаме пожарникарни возила, соседите ни ги лечат изгорените бидејќи сме укинале центар за изгореници, ЕУ ни дава лекови за пандемија, ЕУ ни ги плаќа сметките за струја, бидејќи немаме своја, со сила ни наметнува стандарди за кои ние наоѓаме начин да ги изигруваме…
Венко Крстевски, фрагмент од видео запис
Младите вчера на симболичен начин ги изразија својот гнев за се она што се случува во државата. Тие вчера каменуваа дивоградба во центарот на градот. Полно е дивоградби и младите се револтирани.
Кој е крив за тоа? Општината, министерот за внатрешни работи. Мора со име и презиме да се каже секој кој носи титула, и секој кој е крив. Ние кои преживеавме од дискотеката, ако останеме овде, ќе продолжиме да гинеме. Гинеме од нечист воздух, гинеме од несериозни институции, гинеме од корупција, гинеме од секаков вид на нефункционалност што ги го приредуваат самите носители на тие институции. Не може одговорноста да се сведува на луѓето кои се обезбедување, на тој што продава карти, тоа е срамота. Денеска изгорела дискотека, утре ќе горат градинки и школи, ако продолжи вака. За да го смениме системот мора да ги смениме луѓето кои се во него.
Ѓорче Ставрески, Фејсбук
Македонска политичка програма на тој што доаѓа на власт:
Ако не Таче да го вратиме? Е, ако не Заев да го вратиме, а? Ако не па Грујо да го вратиме? А ако не па Бучко да го вратиме? Ако не Бране да го вратиме? Ако не па Љубчо да го вратиме?
Едно е сигурно, децата нема да ги вратиме.
Денко Малески, Слободен печат
Барајќи ја дефиницијата за корумпиран ум, го наоѓам ова: корумпиран човечки ум е оној што не се грижи за никој друг. Се разбира, загубив секаква желба за колективна акција, па „макар гореле сите“. Но, вчерашната трагедија во дискотеката во Кочани ме погоди и ме освести. Ми се појави старата грижа: Што ако избувне пожар во влезот, а ние немаме опрема за гаснење.
Утрово му пратив имејл на станбениот управител со молба да ја продолжиме акцијата. Да се обидеме уште еднаш, по стравотната случка во дискотеката, белким станарите нема и сега да работат против себе и своите животи, му напишав.
Станбениот управител ме побара на мобилен и ми рече дека ќе се ангажира за нова понуда, а потоа, повторно, мнозинството станари ќе треба да се согласат. Тоа е „законски“. И гледајте го сега парадоксот: наместо законот да ги обврзе станарите на функционални противпожарни апарати, законот им дава право на корумпираните умови да саботираат. Па макар и самите изгореле во евентуален пожар? За секој разумен човек збунувачко е ова поведение, но тоа е нивото на нашата безбедносна култура. Моите состанари сигурно не сакаат да изгорат во пожар, ама не сакаат да мрднат со прст тоа да не се случи. Која е таа поразителна состојба на умот кај нашиот народ.
Соња Крамарска, Дојче веле
Централната власт во Скопје вели дека нема кривична одговорност за градоначалникот и за министерот за внатрешни работи. Ајде да видиме дали е така. На веб-страницата на општината, има наводи кои ја побиваат нивната „одбрана“ која дојде директно од премиерот. Општина Кочани, како што е објавено на веб-страницата, имала формирано посебен Локален совет за превенција со кој претседавал градоначалникот Папазов. Советот имал за цел да поттикне заеднички пристап во третирањето на проблемите и подобрување на локалната безбедност. Дали тоа го правел? Не. Овој Совет имал напишана задача да ги координира локалните институции, токму тие институции кои најмногу потфрлија, и да анализира можни ризици за безбедноста. Советот имал задача и да се грижи за безбедноста и квалитет на живот во заедницата.
Дали тоа го направи? Не. Освен градоначалникот, во Советот членуваат и началникот на Одделението за внатрешни работи на Кочани, основниот јавен обвинител од Кочани, претседателот на Основниот суд од Кочани, како и пратениците во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Лефков и Марија Ангелова. Локалниот Совет за превенција имал и втора работна група, во која членувале командирот на полициската станица во Кочани, командирот на територијалната противпожарна единица и повеќе раководители на подрачни единици на владините служби меѓу кои и на трудовата и пазарната инспекција.
Ако тоа не им било само хоби, или извор за дополнителни хонорари, значи имаат и одговорност. Бидејќи, ако некој не си ја врши задачата што му е доделена, подлежи на одговорност, а ако последиците од тоа невршење на задачата се смртни последици, одговорноста е за загрозување на безбедност кое има за последица смрт. А тоа е кривична одговорност и за локалните извршители и за нивните претпоставени во централната власт во Скопје кои ја организираат и одговараат за нивната работа.
Ерол Ризаов, Независен
Премиерот Мицкоски непрестајно повторува да не се политизира случајот. Па има ли поголема политизација ако кажуваш дека наназад 30 и кусур години сите биле виновни што не функционираат институциите на системот, само тој и неговата влада и надлежните институции се невини бидејќи се на власт само девет месеци? Па нека погледне Мицкоски малку околу себе, можеби ќе препознае најмалку десетина кои беа единаесет години на власт, а некои и повеќе, а некои и осудувани. Колку функционери на високи позиции и колку советници има Мицкоски од тие што вика дека ја довеле државата во ваква состојба во изминатите три децении?
Дороти Пачкова, Фејсбук
Како да започнеме со процесот на колективно исцелување?
1. Да создадеме простор за емоции – наместо да се срамиме од плачење и тага, да создадеме култура во која емотивната експресија е прифатена. Да не ги туркаме родителите на жртвите да бидат „силни“, туку да им дозволиме да ја изразат својата болка.
2. Да практикуваме наративи на надеж – јазикот што го користиме го обликува нашето искуство. Наместо „ништо нема да се промени“ можеме да почнеме да зборуваме за тоа како колективната траума може да биде катализатор за градење нов систем. Да изразуваме болка со многу свесност, внимавајќи да не придонесуваме кон раѓање нова болка.
3. Да се залагаме за системска промена – личната работа е основа, но таа мора да биде проследена со структурни промени. Законите за безбедност, транспарентноста и одговорноста мора да станат приоритет, за да се прекине циклусот на повторувачки трагедии. Затоа на дело сакаме да видиме спроведување на сè што е потребно за да не се повтори ова.
4. Потребни се колективни ритуали за исцелување – организирање настани каде што луѓето можат заеднички да оддадат почит, да споделат приказни, да пеат, да запалат свеќи... Сите овие симболички гестови создаваат нови енергетски полиња во морфолошката структура на општеството. Да не го забораваме правото да се плаче, да се сочувствува и да се тагува, самостојно и колективно.
Фотографии: Томислав Георгиев