1011 hPa
40 %

28 °C
Скопје - Вто, 15.07.2025 20:59
Веднаш по вселувањето во 1984 година, некој ги украл цревата од противпожарните метални сандачиња на секој од петте ката на мојата зграда на „Орце Николов“. Низ годините, еве веќе 40, сите обиди да се поправи состојбата беа неуспешни – ги бојкотираа самите станари.
Тоа се случуваше и кога во минатото беше потребна согласност од сите за сè што би се направило во влезот и сега кога е потребна согласност од мнозинството. Пред околу година дена, поведов иницијатива кај станбениот управител да побара фирма-изведувач што ќе постави нова противпожарна опрема по скалите.
Воопшто не ми беше тешко на сабајле да му ја отворам на мајсторот долната врата и со него да одам од еден до друг хидрант во проверка на доводот за вода. Пресушените цевки добија вода. Потоа следуваше понудата што изнесуваше некаде околу 3.000 денари по стан. За таа сума станарите добија безбедност на послужавник.
Но, мојата иницијатива да се заштитиме од пожар пропадна, а трудот ми отиде во ветер. Се разбира дека бев лут, но морав да проголтам уште еден залак од нашиот познат македонски егоизам, вистинскиот збор за практиката луѓето да не ги интересира ништо вон од нивниот куќен праг.
Пресилни зборови? Ни најмалку. Барајќи ја дефиницијата за корумпиран ум, го наоѓам ова: корумпиран човечки ум е оној што не се грижи за никој друг. Се разбира, загубив секаква желба за колективна акција, па „макар гореле сите“. Но, вчерашната трагедија во дискотеката во Кочани ме погоди и ме освести. Ми се појави старата грижа: Што ако избувне пожар во влезот, а ние немаме опрема за гаснење.
Утрово му пратив имејл на станбениот управител со молба да ја продолжиме акцијата. Да се обидеме уште еднаш, по стравотната случка во дискотеката, белким станарите нема и сега да работат против себе и своите животи, му напишав.
Станбениот управител ме побара на мобилен и ми рече дека ќе се ангажира за нова понуда, а потоа, повторно, мнозинството станари ќе треба да се согласат. Тоа е „законски“. И гледајте го сега парадоксот: наместо законот да ги обврзе станарите на функционални противпожарни апарати, законот им дава право на корумпираните умови да саботираат. Па макар и самите изгореле во евентуален пожар? За секој разумен човек збунувачко е ова поведение, но тоа е нивото на нашата безбедносна култура. Моите состанари сигурно не сакаат да изгорат во пожар, ама не сакаат да мрднат со прст тоа да не се случи. Која е таа поразителна состојба на умот кај нашиот народ.
Слика: Asya Marakulina
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/