1011 hPa
82 %

15 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 08:59
Фасцинира целосната слепост за непосредната иднина, рече филозофот Борис Буден зборувајќи за повеќекратните кризи на денешницата во ТВ емисијата „Завидaвање“ со Ладо Томичиќ, која можете да ја гледате на следниот линк.
„Го живееме крајот на епохалниот концепт на либералната партиска демократија, која би можела да создаде здрави општества, нормален живот и капитализам без кризи“, рече тој зборувајќи за оправданото воодушевување од студентските протести во Србија. „Секој чувствува дека енергијата на протестот е многу поголема од малото ‘молбиче’ на демонстрантите – да се почитува законот“, рече Буден, додавајќи дека денешните барања во Србија се обратни од оние од 1968-та година: „Мотото на ‘68-та беше ‘Да бидеме реални, да го бараме невозможното’, а студентите во Србија денес велат: ‘Нереални сме оти го бараме возможното’“.
Политичката опозиција во овие протести е целосно маргинализирана. „Таа воопшто не недостасува. Ирелевантна е и претставничката демократија, како и целиот парламентарен систем. Во прашање е една поинаква идеја за демократија. Во позадината на протестите е вербата дека народот ќе ја поправи државата, па Србија ќе стане примерна, но не станува збор за тоа: прашањето повеќе се однесува за што служи државата“.
Буден забележа дека на протестите во Србија нема знамиња на НАТО и ЕУ. „Сите знаат дека тоа се илузии. Но, не се протестира ниту со знамиња на Путин или Кина. Едноставно, не знаеме како студентите ја замислуваат иднината, но кај револуциите секогаш е така. Но, тоа што не знаат што прават, тоа е највредното, тоа е најискрениот момент од кој сите треба да учиме. Белградските демонстрации несвесно изразуваат нова свест дека рецепт за иднината веќе нема“, рече Буден.
Зборуваше за вооружувањето на Европа како израз на длабока идентитетска и морална криза на континентот и на целиот Запад. „Западот и неговите таканаречени вредности важеа како универзален одговор, а потоа се редеше цела низа тешки контрадикции. Денес Ирак не постои, Либија не постои, Сирија не постои... Толку многу морални дебакли се натрупаа што секој што денес тврди дека можеме да се угледаме на Европа или Германија е последната неинформирана будала“.
На прашањето дали актуелната состојба е вовед во голема војна, Буден одговара со противпрашање: „Што е војна, а што е мир?“ „На овие простори знаеме: ако слушаш бомби на десет километри, живееш во мир. Сите ја поминавме таа логика на ескалација: ‘Па веројатно нема да го направат тоа, не се толку луди, па нема да го разурнат олимпискиот град...’ А го направија токму тоа.“ Според него, веќе сме во војна, потсетувајќи на фактот дека „отворањето на шампањските шишиња во воените индустрии на Западот е погласно од руските топови“.
Живееме и во тешка климатска криза, приближувајќи се кон точката без враќање или која веќе ја достигнавме. „Луѓето немаат свест за иднината. Нацијата живее во опсесија со конструирање лажна историја, а никој не зборува за стареењето на населението, за исчезнувањето на јазиците во дигиталниот предизвик... Фасцинантно е што живееме во илјадагодишна нација на која ѝ се одбројани деновите, а тоа никого не го вознемирува. Зошто никој не го кажува тоа? Оти нема иднина – а тоа никој не се осмелува да го каже“, рече Борис Буден во разговор со Ладислав Томичиќ во „Завидавање“, нагласувајќи дека „зборува од загриженост за иднината на сопственото дете“.
Фотографии: Облакодер
Извор: https://www.portalnovosti.com/