1014 hPa
59 %

16 °C
Скопје - Пет, 18.04.2025 03:13
„Безсловен“, Кирил Ангелов, „Сакам книги“
Музиката ја кршеше немоста во собата, а јас почнав да прелистувам низ телефонот. До мене беше една од моите омилени книги. Односно мојата прва книга. Покрај лектирите кои мораше да ги купам, ова беше првата книга која со желба и посакување ја добив. Насловот е „Првата книга на Италија“.Книга со дебели корици и не толку многу страници. Изданието кое јас го имав беше од 1960 година. Книга во која беа сите најважни историски факти за Италија. На насловната страница беше статуата на Давид, нацртана со графит. Таа книга беше моето прво богатство.
Ја добив како подарок од еден соученик.
Мислам дека луѓето најчесто ме сметаа за чудак. Најмногу во основното и средното училиште. Но тоа не беше дека бев антисоцијален или дека не сакав луѓе. Тоа беше затоа што поголем дел од времето јас навистина бев нем.
Кога ќе отвориш речник под зборот „немост“ се подразбира „тивок, бесшумен, кој е лишен од способноста да зборува“. Од почетокот на моите шест години па до крајот на средното образование, јас бев во немост; jас бев лишен да зборувам; јас бев потемнето безсловен.
Ете така пристапив кон еден од првите сандаци.
Во него беше мојата немост и целата вистина за неможноста да говорам. Одамна ги бев затворил очите и се видов себеси од друга страна.
Голем сандак, убав, од багремово дрво можеби. Сјаен и мистичен. А таков и мораше да биде, бидејќи беше еден од првите сандаци кои ги бев направил. Односно не, можеби беше и првиот. Да, сигурно беше првиот. Го погалив како што знаев, и полека, но сигурно го отворив:
Една од моите први трауми почна кога бев во градинка.
На некои работи се сеќавам, а на некои не толку. Некои дупки ги пополни мајка ми која беше сведок на тие немили моменти. Повторно ќе кажам, никогаш не би сакал некое дете да го доживее тоа што јас го доживеав. Никое.
Првичната социјализација е радоста во градинката. Иако текот на природните нешта требаше да биде оставен така, природно, кај нас беше прекинат. Ние како една цела група бевме подложени врз тиранијата на дел од негувателките.
Кога велам тиранија, не мислам само на врескање и дерење, мислам и на физичко злоупотребување.Тепање, кубење за коса, удирање шлаканици. Тоа се случуваше многу често кај нас во градинка. Па затоа, ние наместо да играме и да се веселиме, само тивко седевме на земја, легнувавме да преспиваме и седевме по ќошиња, за да не им досадуваме.Тоа беше нашиот прв чекор за да почнеме да се повлекуваме длабоко во себе. За нас социјализацијата не беше награда, туку нешто кое не треба да се прави. Од тие мали години бевме програмирани дека човек не треба да се социјализира и да си игра и да се смее, да биде радосен. Туку да седи во тишина и да молчи, да биде „мирен“, ништо да не кажува. Тивко да зборува.
Не знам какво е денешното искуство на сите тие деца. Не сум во контакт со нив и не ги познавам. Но за мене беше ужасно.
Мојата мајка често знае да ми раскаже како еден ден кога ме зеле од градинка јас воопшто не сум можел да проговорам. Од толку голема траума од сиот ќотек кој сум го добил од негувателките, јас од страв, сум ја изгубил можноста да говорам. Некако се дознало за тоа, поради тоа што друго дете кажало на родителите, и сите деца беа повлечени од таа градинка. А јас останав нем.
***
„Ветрилиште“, Игор Анѓелков, „Или – Или“
Откако стариот град го загуби својот сјај, токму ова маало се претвори во сврталиште на градските боеми. Градот направи сѐ да им го направи животот на мештаните невозможен поради гласните музики до доцна во ноќта, но и поради кревањето на високи згради над куќите што многу децении му одолеваа на урбанизмот. Боемските улици во попладневните часови беа мирни и не беа полни, но тоа се очекуваше веќе по 20 часот, кога турирањето на моторите и бесните автомобили ќе стане препознатлива слика за овој дел од градот.Затоа тој сакаше побргу да помине низ овој дел и да дојде до главниот градски булевар, па оттаму, покрај Соборниот храм, да се упати накај строгиот центар.
Се сеќава дека пред да стане „боемско“ маало, овде во неговата младост помина низ подрумите на многу градски алтернативни клубови. Но, тоа е далечно минато. Она што Борис сега го забележуваше е старосната група на сограѓаните кои ги сретнуваше. И тој не беше во цветот на младоста, но повеќето од луѓето кои седат овде- онде на клупите или оние пред малку што излегоа од маркетот, се постари од него. Каде се младите луѓе?, се праша. Очигледно ним им останува ноќта. Или, пак, повеќето се веќе заминати одовде?
Одеднаш се најде во ситуација да мине меѓу два паркирани автомобила на тротоарот, онаму каде што треба да биде слободна пешачка зона. Забележа дека од другата страна истото сакаше да го стори и една госпоѓа, која во моментот зборуваше на телефон. Писателот застана, иако можеше елегантно да помине пред и крај неа затоа што беше поблизу до „преминот“, но тој сепак застана. Додека зборуваше гласно за платените или за неплатените сметки за струја, за вода, за парно, откако и таа подзастана, госпоѓата малку ја поткрена главата и забележа дека господинот спроти нејзе ѝ дава предност. Таа помина меѓу автомобилите близу паркирани еден до друг со браниците, вртејќи ги колковите прво на едната, па на другата страна, веројатно не сакајќи да ја извалка облеката што ја носеше, погледна во него, му се насмевна и гласно рече: „Драго ми е што сѐ уште постојат џентлмени на светов“. Тоа му причини задоволство и тој ѝ врати пријателска насмевка, помина низ „преминот“ меѓу двата автомобила и продолжи понатаму.
Веќе имаше поминато 17 часот, што значи она правило за одмор од 14 до 17 часот е зад нас и зад следниот агол почнаа да се слушаат звуците на бор -машините, на довикувањата на мајсторите кои градеа ли градеа. Порано во овој простор доминираа ниските куќи со дворче пред нив, како во неговиот дом, но Борис забележува дека сега секаде се гради, високо, угоре, со прозорци на зградите што се гледаат еден со друг. Недалеку оттука се наоѓаше некогашниот стан на тетка му, во кој престојуваше во младоста, и фино му беше, го засака градот, излегуваше до доцна во ноќта... Овој град некогаш живееше до раните утрински часови. Но, има уште понекоја останата стара куќа, забележува тој, стисната меѓу две високи зданија, куќи не многу на број, но куќи што сѐ уште не се предаваат.
На балконот на едната од нив, старица си ги полева цвеќињата. Во ќошот се гледа лимоновото дрво, кое се чека да даде сочни жолти плодови. Кога немате зеленило во околината, надополнувате со саксиски цвеќиња на балконот. Таа погледнува надолу, им се сретнуваат погледите, се поздравуваат со нишање на главите и со срдечна насмевка. Но, од заднината се слуша страшен рев. Некакво бучно незадоволство. Тоа ја натера старицата да се повлече внатре. Тој почна да се чувствува како еден од ангелите во „Небото над Берлин“, ни крив ни должен им ги слуша муабетите на сограѓаните, како да е еден од ликовите на Хандке и Вендерс. И не може да им помогне.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.