1010 hPa
88 %

14 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 07:59
Прекршувајќи го примирјето воспоставено во јануари, Израел на 18-ти март изврши воздушни напади врз Газа, при што според извештаите уби повеќе од 400 луѓе. Не е познато колку од нив биле припадници на Хамас – се споменуваат неколку убиени водачи – но околу две третини од жртвите се жени и деца. Осомничениот за воени злосторства на чело на израелската влада, Бенјамин Нетанјаху, тврди дека вината за продолжувањето на масакрот врз Палестинците е Хамас, бидејќи одбил да ги ослободи преостанатите израелски заложници.
Реално, Израел уште пред неколку недели ги прекрши првично договорените услови. Во рамки на првата фаза од примирјето, Хамас ослободи 33 заложници, додека Тел Авив за возврат ослободи околу 1.900 палестински затвореници и дозволи влез на хуманитарна помош во Газа. Беше договорено и повлекување на израелската војска од коридорот Филаделфија, но Израел одби да го спроведе тоа.
По истекот на првата фаза, која заврши на 1-ви март, се предвидуваше Хамас да почне со ослободување на останатите заложници, а Израел да почне со повлекување од Газа, што наводно требаше да стави крајот на конфликтот. Наместо да започнат преговори за втората фаза, Израел повторно ја блокираше хуманитарната помош, а сега започна и бомбардирање. Во одлуката за продолжување на масакрот веројатно играат улога повеќе фактори. Меѓу нив се и личните интереси на израелскиот премиер, кој по секоја цена сака да остане на власт.
Опстанокот на владата и изгласувањето на буџетот зависат од екстремната десница, која е уште порадикална од самиот Нетанјаху и неговата партија Ликуд. Овие екстремисти бараат продолжување на војната. Нетанјаху исто така се обидува да го смени шефот на разузнавачката служба Шин Бет, што многумина го сметаат за неуставно. Затоа, како што наведува аналитичарката Маирав Зоншајн, со бомбардирањето на Газа веројатно се настојува да се одвлече вниманието од внатрешните конфликти.
САД беа однапред информирани за најновите израелски напади и очигледно ги одобруваат. Овој потег е спротивен на декларираните намери на администрацијата на Трамп за завршување на војните. Зоншајн истакнува дека поддршката на САД веројатно има за цел да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи преостанатите заложници под израелски услови – односно без повлекување од Газа.
Но, освен што и самите семејства на преостанатите шеесетина заложници се категорично против продолжување на бомбардирањето, не е јасно зошто Хамас би се откажал од својата последна преостаната карта. Во поширока слика, Израел последниве шеснаесет месеци уби околу педесет илјади луѓе, а не ги постигна своите официјални воени цели – враќање на сите заложници и уништување на Хамас. Иако споменатата аналитичарка на тинк-тенкот International Crisis Group наведува дека Трамповиот план за етничко чистење на Газа малкумина го сфаќаат сериозно, истовремено истакнува дека многумина во израелскиот естаблишмент сметаат дека можат слободно да продолжат со бомбардирање на Газа, „а Палестинците некако ќе исчезнат“.
Израел штотуку најави дека за секој повреден заложник ќе возврати со припојување на дел од Појасот Газа, а неодамна го одби и предлогот на Арапската лига, кој вклучува обновување на Газа и право на Палестинците на останување и сопствена држава. Иако функционерот на Хамас, Басем Наим, кон крајот на февруари потврди дека организацијата е подготвена да се откаже од управувањето со Газа, Израел очигледно претпочита војна и убивање.
По Amnesty International и Human Rights Watch, кои кон крајот на 2024-тата година го обвинија Израел за геноцид, истото минатата недела го направи и Комисијата на ОН за окупираните палестински територии. Објавено е и дека Израел и САД истражуваат дали Судан, Сомалија или Сомалиленд се подготвени да прифатат Палестинци кои би биле раселени од Газа – што, исто така, потсетува на најмрачните епизоди од минатовековната историја.
Извор: https://www.portalnovosti.com/