Инкал - стрипот кој промени сè

15.03.2011 12:27
Инкал

„Инкал започна како сон“, вели Ходоровски, сценаристот на ова дело. „Се наоѓав во луциден сон, во сон во кој бев свесен дека сонувам. Седев среде космосот и посакав да си го видам внатрешното битие.“

По будењето Ходоровски запишал: „Видов два вкрстени триаголника како во ѕвездата на Давид. Се преобразија во две просторно вкрстени пирамиди. Во сонот продрев во пирамидите. Блескав во центарот како вселена од оган. Во тој миг мојот мозок беше преплавен од светлина, и јас се рабудив“.

Ходоровски отсекогаш тврдел дека Инкал му се појавил во сон. Веднаш почнал да ја пишува приказната и во таа приказна сакал да прикаже како некој станува – Инкал.

Но стрипот „Инкал“, пред сè, е приказна за неверојатната средба на двајца уметници – Алехандро Ходоровски и Жан Жиро Мебиус (Jean Giraud Moebius). Средбата се случила во филмската канцеларија каде што Мебиус го донел нарачаниот плакат, налетувајќи на Ходоровски кој го препознал и му понудил соработка на идниот филмски проект – екранизацијата на култниот НФ роман на Херберт – „Дина“.

Во тоа време Ходоровски веќе важел за етаблиран уметник. Роден во Чиле 1929 г., тој потекнува од семејство на украински Евреи. Студирал филозофија и психологија, се заминавал со глума, а основал и куклен театар. Животниот пат го одвел во Париз каде што соработувал со уметниците Шевалие, Легранд и други, со посебен интерес за надреалното и духовното во сите уметнички правци.

На 31-годишна возраст Ходоровски се преселил во Мексико каде што основал продуцентска куќа и снимил неколку филма, од кои најбитен е метафизичкиот вестерн „El Topo“. Истовремено, Ходоровски ги забележал стриповите на младиот Мебиус, посебно неговата специфичност според која во светот на стрипот ги вовел кинематографските стилистички обележја на Џон Форд, Серџо Леоне и Сем Пекинпо. На почетокот на 1970-те, откако се вратил во Франција од Мексико, Мебиус почнал да го менува стилот. Посебно кратките стрипови настанати во 1973 и 1974 г. претставувале вистинска револуција во овој медиум – тоа биле стрипови за возрасни, лишени од оковите на цензурата на младинскиот печат.

„Моите први средби со Ходоровски се состоеја од засилено бомбардирање од негова страна и неверојатен отпор од моја страна. Постојано ме полнеше со податоци за симболизмот, таротот, кабалата, а јас одбивав да ја играм неговата игра. Најпосле, повеќе не можев да се опирам: сè се влеа, се впи во мене...“, изјави Мебиус.

Роден во сонот на Ходоровски, израснат во неуспехот на филмот „Дина“, меѓу овие двајца уметници се создаде „Инкал“ – стрипот кој засекогаш ќе го промени светот на овој млад медиум.

„Инкал“ е серијализиран меѓу 1981 и 1988 г. и се состои од шест книги. „Инкал“, или поточно, „Авантурите на Џон ДиФул“, почнува и завршува со истата сцена – падот на јунакот во бескрајот, додека се обидува да се сети. Репетитивноста, удвојувањето и цврстата структура се строго промислени, а од „Инкал“ создаваат раскажувачки систем чија сложеност делува како шифра која никогаш не е пробиена. Елементите на научна фантастика, криминалистичките заплети, комични ситуации и убиствени реплики, психолошки огледи и трансцендентални промислувања – сево ова е само површинско гребење по „Инкал“.

Неверојатна карактеристика на овој стрип е тоа што е фабулативно исклучително густо збиен и тешко е да се прочита одеднаш, а од друга страна како да не постои друг стрип кој, откако ќе го прочитате, ќе посакате да го прочитате уште еднаш. Исто така, „Инкал“ на читателот му се нуди во разни варијанти на доживувањата: од авантуристичките и забавните до длабоко-езотеричните и духовните. Кога се појави, беше евидентно дека „Инкал“ ќе функционира како манифест на најсилната европска стриповска сцена - француската. За овој стрип се разговара со речиси религиозен вокабулар. Се работи за читателско доживување кое делумно не може да се опише со зборови и е апсолутно единствено во својот карактер. „Инкал“ нуди заокружен свет, приказна и слики, ама тој нема да му открие сè на читателот. Секој пат кога повторно ќе го препрочитувате, во „Инкал“ наоѓате нешто ново.

Којзнае, можеби магијата на овој стрип е содржана и во начинот на кој настанувал: Ходоровски театрално чекорел по собата и експресивно ги глумел јунаците, раскажувајќи ја фабулата пред Мебиус кој на хартија, во реално време, го скицирал она што го гледал.

Цртежот на Мебиус се менува низ стрипот, а неговата режија секогаш ни открива ново решение во истиот лавиринт, дури и денес, триесет години подоцна. Пораката на „Инкал“ – да сонуваш значи да преживееш – е еден од најубавите уметнички дарови на светот, бидејќи малкумина се уметниците како Ходоровски и Мебиус кои можат да ви подарат – соништа. Или, како што Ходоровски изјави во една прилика: „Целата езотерија е еден огромен сон. Несвесното се манифестира во потрагата по животната утеха. Се обидуваме да најдеме утеха пред овој ужас. Ни треба утеха. Но ’Инкал’, според мене, е голема утеха, како што, впрочем, е и сè останато што го работиме“.

Во 1975 г. Ходоровски се враќа во Париз со мегаломанска замисла – да сними филм според „Дина“, култното дело на Френк Херберт. Салвадор Дали се согласил да го глуми интергалактичкиот цар за хонорар од 100 000 долари на час, а Pink Floyd требало да ја направат музиката за филмот. Била избрана фантастична екипа визуелни уметници кои требале да создадат нова вселена. Како најважен соработник бил потребен стрип-цртач кој требал да го црта целиот филм кадар по кадар. Изборот паднал на младиот Французин Жан Жиро, чие дело „Поручникот Блубери“ Ходоровски веќе го забележал. Но Холивуд го саботирал проектот кој бил преевропски за американскиот поим. „Дина“, иако неснимен, засекогаш го променил светот на филмот, посебно научно-фантастичниот жанр. Холивуд го одбил Ходоровски, ама ги искористил неговите визии. Мебиус бил ангажиран на „Осмиот патник“ одреден период. Ходоровски истакнувал дека на сите ангажирани околу проектот „Дина“ им се променил животот. „Научивме да губиме“, велел тој.

Извор: jutarnji list

ОкоБоли главаВицФото