1023 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Нед, 22.06.2025 06:59
Моето Тумбе-кафе нема многу врска со онаа идиличната слика, ала њуорлеанс ориентализам во златната ера на клавирите. Некакви митови кои упорно се форсираат во историјати, каталози и други прикази. Мојата слика е многу пореалистична и погруба. Во неа се проткаени посиви тонови, сиви како битолските олуци.
Деновите кога ти зачекори во Битола завладеа жолто-зелена прекривка по целото Тумбе како своевидна најава за една autumn-sonata каде полека деновите на љубовно очајание ќе ги надминат оние на љубовна радост. Ритчето за мене ќе стане натуралистичко светилиште, сталкеровска Зона во кое фанатично секојдневно ќе изведувам мал спортски аџилак; во трескавична потрага по лачење на серотонин кое ќе ми ги разблажи љубовните јадови или просто ќе се капам на сонцето седнат на распаднатата фонтаничка и ќе сонувам колку добра книга ќе напишам.
Кога добро ќе се загледа, пред влезот на Тумбе-кафе постои канал по кој тече вода, како најава за влез во еден готски Замок. Птички црцорат, црни верверички ја претрчуваат трим-патеката како илегалците кои честопати врват низ оваа траса од и до грчката граница; маунтбајкери кои се спуштаат низ стрмните патеки; и тескоби предизвикани од еден микс на еха кој ме застрашува уште од детството: моторот на локомотивата која врти круг и на шлеперите кои испуштаат свиреж кој го сече воздух итајќи кон терминалот на границата. Сребрените силоси на „Жито Битола“ сјаат под сонцето како потсетник на некоја славна некогашна ацтечка цивилизација, на индустриски потонат свет пропратен со атонални маршеви кои ми се вртат во главата. Во далечината чади бел оџак како потсетник, гробна плоча врз остатоци и коски на работници. Се шетам со тебе по шеталиштето и здогледувам кафеав ротвајлер како лае на залутана црно-бела крава која пасе трева во Градскиот парк пред подножјето на тумбето.
Смрдеата на гомна и мочка која наизменично се меша во прилики како оваа, кога шеташ за рака со кандидат за љубов на твојот живот, добива сосем мистична димензија, воопшто не ти пречи, исто како потта при водењето љубов. Со твоите разнежнети изрази кои ги изнудува Тумбе-кафе, со скриените убавини започнува со работа една фабрика на соништа која на монтажна лента реди сликички: распаднатите ресторан, фонтана и чешма добиваат сосем поинаква димензија, нивната грдост и распад стануваат складни и разбирливи. Урнатини како потсетување каква руина ќе оставиш во моето срце! Местото престанува да крвари како подостарена жена која со малку шминка лесно потсетува на деновите кога била убава. Се шетаме за рака низ скаличките по кои повремено се завртувам, и ми се причинува дека после секоја наша стапка се распаѓаат… Испраќаме погледи кон уличните светла, сакам да кажам нешто убаво за набрзо да сфатам дека тоа е тишината во кое моето забрзано срцебиење оддава заљубеност која ме покосува. Седиме крај чешмичката заграбени извесно време, те стегам, цврсто ја тестирам силата на моите мускули — поткрцнуваш како неодоливо кршлива девојка која редовно побудува мажественост и една старомодна гушкачка интервенција. Трпеливо ги слушаш моите монолози во кои се заканувам дека ќе го запалам светот. Облеката ти е во виолетово-сини бои кои во ноќта те прогласуваат за суверена кралица; ја зафрлаш главата наназад, се ројат светулки чија фосфорцентност со боја на петролеум те прави нестварна. Дува остар ветер од Хераклеја, ветер кој претходно фучел покрај гологлави статуи, мозаици и базилики, ветер кој побудува во мене лавкрафтови фобии и стравови.
Се чувстувам гол и набркан од безбедната соба со книги, директно изложен на сцени од животот. Игриво се плеткаме меѓу мермерните столбови на новоизградениот амфитеатар сè додека не ни се спојат погледите кои разменуваат оган и страст. Сè престанува кога фрламе поглед на заспаниот град, додека во позадина одекнува болен крик на Лавот во Зоолошката! Во мачилиште! Орли кататонични! Мајмуни хистерични! Изнемоштен носорог кој одбива да јаде! Инертна, речиси неподвижна мечка те гледа со засолзени очи! Очи кои како да ти кажуваат јасно и недвосмислено дека е подобро да престојуваш на некое друго место.
Или можеби time-travel и крај на 19 век, а можеби само 15–20 години подоцна кога ќе избледат сите наши спомени.
Слики: Nicole Eisenman