Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

31.03.2025 01:16
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

 

 


„Играта на господин Филип“, Санта Аргирова, „Култура“


Утрото Филип ги поминуваше неколкуте врати за излез од локалната полициска станица. Немаа докази за да го задржат, но му рекоа дека не смее да ја напушта државата. Ги уверуваше дека до крајот на денот ќе стигне дома, во главниот град, и нема намера да биде на ниту едно друго место. Истоштен и малодушен, со темни подочници, застана под сонцето, кое му го погали лицето. За само една ноќ изгледаше постаро од оној Филип, човекот што сакаше да си го развесели животот со учествотo на спектаклот на продукцијата „Мини“. Одеше кон автобуската станица, во правец на пристаништето, со идеја да појадува пред да отпатува. Чекореше полека, гладен и жеден, навјасан и замелушен од многу непознати. Дали му сместиле за да го обвинат за убиството на тетовираниот, зошто го оставија жив... Ќе му поверуваат ли на тоа што му го раскажа на инспекторот... Се преиспитуваше дали пропуштил некоја нерешена ситуација во своето минато иако знаеше дека нема таква историја... Блед и поднаведнат стигна до кафеанчето на аголот од каде што почнуваше шеталиштето покрај езерото. Вработените беа пристигнати, но имаше уште половина час до отворањето, па се потпре на ниската камена ограда. Гратчето сѐ уште спиеше иако не беше рано за луѓето што џогираа, возеа велосипеди или ги шетаа своите миленици. Ги затвори очите и остави да го допрат звуците на растечкото пулсирање на градот. Ја впиваше таа блага утринска енергија. Очајно му требаше да се почувствува колку - толку нормално... Веројатно задремал бидејќи срипа на нозе од звукот на повикувачкиот тон од телефонот. Му се згрчија мускулите од можноста да го бараат од полиција. Вџашен, погледна кон екранот и се зачуди кога прочита дека му ѕвони Брзи, роднината на неговиот прв газда од модната конфекција „Обнова“, оној што потоа му ја обезбеди работата на бензиската пумпа. Не се имаа видено долго време, поточно откако замина во пензија.

- Брзи, какво изненадување.

- Кај си, дечко? Не сме контактирале со години. Те гледав синоќа и морав да те слушнам. Да не замина веќе?

- Не, уште сум тука, покрај едно кафеанче, и чекам знак за појадок.

- Одлично. Кај си?

- На аголот, кон автобуската станица. Местово има дрвени маси, чекај да видам како се вика...

- Не гледај, знам каде си. Доаѓам за некоја минута.

Филип го врати мобилниот во џебот обидувајќи се да го протолкува јавувањето на Брзи. Веројатно е тука на одмор, си рече. Повторно се наврати на изминатите времиња и пред очи му излегоа насмеаните лица на неговите ќерки. Гледаше во нив ветувајќи им дека никогаш веќе нема да влета во некаква глупава авантура. Што да ви кажам, убавици мои, што? Дека на глава ми виси затвор само затоа што посакав глупава разонода. Ах... ве молам да ми простите – плачно и тивко прозборе.

- Господине, господине... Добро ли сте?... Повелете, седнете, веројатно ќе нарачате – келнерот, момче на дваесетина години, невино го загледуваше откако ќе ги поместеше долгите прамени што му ги покриваа очите.

- Оф, извинете, јас зајдов малку... Изгледа сум зборувал со себе... Простете.

- Ништо. Нема врска. Исто како дедо ми. И тој така... Повелете, што сакате.

- Да, да... Ве молам омлет и чај од мајчина душичка.

- Во ред. Веднаш.

Веќе јадеше кога на шеталиштето го препозна нервозното одење на долгогодишниот колега. Не се беше променил. Сѐ уште беше полн, цврст човек. Но, за разлика од порано, сега беше насмеан, а ред бисерни заби му го разведруваа темното лице. Премногу забележливо за да не предизвика коментар.

- Брзи, пријателе, конечно ги направи.Порцелански и бели. Баш какви што сакаше. Драго ми е што конечно си го остварил сонот. Морам да потенцирам дека изгледаш дури и подмладено. Супер.

- Ај не ме мачкај. Дај да јадеме. Гладен сум до коска... Добар е омлетот?

- Одличен е.

Порача и се заврти кон Филип.

-Ти си решил да станеш телевизиска ѕвезда. Не ми беше верно кога те препознав на бродот. Би дал милион евра да разберам што ти текнало да се појавиш таму. Си реков, мораме да се сретнеме, затоа ти заѕвонив олку рано.

-Пушти го тоа. Никогаш нема да си простам. Слабоумен стар човек... Изгледа многу ми е досадно...

***


„Јод“, Снежана Младеновска Анѓелков, „Или-или“


Пазарчето е полуиспразнето. Само неколку пазарџии храбро останале да ги допродадат зарзаватите. Други тезгаџии ги покриваат своите тезги со мушами или тенки платнени прекривки, оставајќи покрупни камења на рабовите. Само еден продавач пред влезот на доминиканската црква од јужната страна, сместена во самиот пазар, е спокоен. Не продава градинарски плодови, туку плодови на умот. Таков му е и изгледот, толку толстоевски. Во пластичните корпи и картонски кутии што не можат да се добројат, наредени врз тезгите, цело богатство од книги, енциклопедии и лексикони, сликовници, разгледници, дописни картички, школски учебници и нагледни средства за настава, старински предмети за домаќинство, дрвени кутии за шах и табла, сувенири од поранешната братска држава Југославија, значки, офицерски еполети, грамофонски плочи и што уште не!

Застанувам, поточно, се вкопувам во место. Срцето почнува забрзано да ми бие. Ми се враќа бучавата во ушите. Носот повторно ми се затнува. Очи во очи се погледнуваме со расплаканото момче. Врамено во дрвена, малку поткршена рамка лежи врз купот книги. Солзи ми навираат во очите. Одеднаш ми се враќа цело едно поглавје од детството што го потиснував длабоко во себе. Дури и кога си спомнував за домот во кој живееше мојата тетка Радмила во Куманово, пред да се всели кај нас во Скопје, несвесно (или свесно) го одминував тој дел, тој агол од нејзината куќа што ми влеваше истовремено страв и тага. Сликата на расплаканото момче во помала димензија од онаа што ја познавав, а што не знам каде заврши по смртта на мојата тетка со изнесувањето на целата покуќнина од домот, со повеќе непријатни отколку пријатни спомени, еве ја пред мене. Повторно, по многу изминати години, се сретнуваме.

− Вие одете, јас ќе ве стасам, − му велам на мојот сопруг и посегнувам по сликата.

Држејќи ја в раце, целото тело почнува да ми трепери. Дрвениот панел, оштетен на неколку места по краевите и погледот што веројатно никогаш не го избришав од умот, поглед исполнет со страв и очај, неочекувано ми предизвикува неизмерна радост и среќа. „Се пронајдовме“, воскликнувам во себе. Моето расплакано момченце, со растегнато блузиче во црвена боја и темно палтенце... Моето расплакано момченце со костенлива косичка од која се одвојуваат немирни праменчиња што делумно му го прекриваат челцето. Од крупните зелени очиња две солзички му се тркалаат по румените обравчиња. Носето му е зацрвенето со малку подраширени ноздрички. Моето изгубено момченце повеќе не е само. Иако расплакано, тоа сега ме има мене.

Се сеќавам дека еден долг период, веднаш по смртта на мојата тетка Радмила, бев опседната со сликата. Ме прогонуваше мислата дека ја купила за да ја смири својата болка, можеби да плаче заедно со расплаканото момче, затоа што си нема свое чедо. Сите слики во нејзината куќа беа некако чудни, мистериозни, како предвесници на апокалипсата, барем таков впечаток добивав гледајќи во нив, во раните години од моето детство. Но оваа, како да го имаше мојот лик. Всушност, изгледот на моето расплакано детско лице. Затоа, кога бев малечка, честопати ја одбегнував за да не ни се сретнат погледите. Ме застрашуваше. Можеби заради тоа чувство на страв, ретко плачев. По смртта на мојата тетка, чувствата сосема ми се сменија. Стравот и тагата ги замени желбата да дознам нешто повеќе за неа. Часови и денови поминував во барање податоци за авторот кој се чини го немаше во ниту една листа на уметници, ниту пак, некој повеќе упатен знаеше нешто за него. Потписот во горниот десен агол G. Bragolin ми предизвикуваше копнеж за поскоро откривање на тајната зад тагата на расплаканото момче.

Натписите за серијалот на расплакани момчиња дојдоа многу подоцна. Не беше само моето расплакано момче, туку повеќе момчиња и девојчиња на околу три-четиригодишна возраст, насликани со маслени бои на платно. И навистина, многу повеќе мистерија и урбани легенди отколку конкретни податоци; и голем број копии од серијалот, литопринтови на дрвен панел што биле дистрибуирани по целиот свет. Се продавале во обични продавници и се разбира дека биле без некоја особена уметничка вредност.

Многу фамилии во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век ги украсувале ѕидовите на своите домови токму со овие слики, немајќи воопшто претстава што се крие зад плачот на овие дечиња. Дали само го следеле трендот или пак ѓаволот што се криел во самите слики ги маѓепсувал луѓето да ги купуваат!? Морници ме полазуваа при помислата дека во нив била насликана и личната трагедија поврзана со авторот на серијалот за расплаканите момчиња. Дали Џовани Браголин е италијански сликар, или пак, тоа е само псевдоним на шпанскиот сликар Бруно Амадио кој ја продал својата душа на ѓаволот во замена за успех на своите слики?! Во легендата до која дојдов се зборуваше дека во замена за овој пакт, делата на уметникот биле проколнати и носеле несреќа во домовите во кои имало слика или реплика на расплаканите момчиња.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.