Љубопитниот уметнички свет на Николас Стивенсон

03.04.25 03:06

„Моето име е Николас Стивенсон, јас сум илустратор од Лондон. Немам мачки, но имам стар зелен автомобил.“

Николас студирал илустрација на Уметничкиот колеџ во Херефорд, а уште од најрана возраст морал да ги користи својата имагинација и истражувачките способности – дури и повеќе од другите деца. Во детството, Николас живеел на пуст остров без видео игри или пријатели и тоа искуство можеби одиграло клучна улога во обликувањето на неговиот креативен глас и визија.

Николас создава чудни и привлечни сцени исполнети со животни со бради, диви растенија, густи шуми, ликови со лица на птици и инсекти. Неговите композиции се карактеризираат со внимателно поставени шари, паметна симетрија и светли бои, кои совршено се спојуваат со неговата помрачна и потаинствена страна. Иако светот на Николас е полн со ексцентричност, забавата секогаш е убаво контрастирана со повторливото и вознемирувачко чувство на сериозност.

Што ве натера да ја одберете вашата сегашна професија?

Цртањето отсекогаш беше голем дел од мојот живот. Имав среќа што живеев на пуст остров неколку години додека бев мал, бидејќи татко ми се вработи на Сејшелите како заштитник на природата. Немаше други деца со кои можев да си играм, па најголем дел од времето го поминував во морето, преправајќи се дека сум пират и цртајќи риби и птици со фломастери и моливи. Подоцна се преселивме на поголем остров каде што имаше продавница за изнајмување видеа, па одеднаш почнав да ги цртам Дарт Вејдер, Петар Пан и диносаурусите, откако тој свет ми се отвори. Тоа беше инстинктивно – едноставно цртав сè што ќе видев во текот на денот. Мислам дека многу деца го прават истото, но јас никогаш не се откажав од тоа. Дури и кога се вративме во Велика Британија, каде што морав да дознаам што е фудбал и кој ми е омилен Пауер Ренџер.

Во средно училиште почнав да правам омоти за албуми и постери кога почнав да свирам во бендови. Отидов на неколку отворени денови на универзитети за илустрација и воопшто не се сомневав дека би уживал во секоја минута од тоа. Да бидам искрен, пред да се запишам на универзитет, не знаев многу за светот на комерцијалната илустрација – ги знаев само историските сликари и знаев дека сакам да раскажувам приказни преку моите цртежи. За среќа, курсот само ми потврди дека сум на вистинското место!

Можете ли да кажете нешто повеќе за вашиот работен процес?

Често започнувам со слободно цртање, барајќи интуитивни идеи и спонтан одговор на темата. Имам неколку различни начини на работа во зависност од тоа како ќе биде отпечатена финалната слика и што бара самата илустрација. Понекогаш една гваш-слика завршува како финално дело, што е прекрасно. Сакам да сликам без план, надевајќи се на необични перспективи и изненадувачки комбинации на бои. Сакам изненадувања.

Другпат морам одново да ги создадам моите скици дигитално. Често ги цртам контурите на облиците со пенкало, а потоа ги скенирам. Потоа ги сечам, бојам и ги составувам во Photoshop. Не користам графички таблет, па дури и кога работам дигитално, линиите се рачно нацртани, а текстурите се насликани со рака. На тој начин, нема толку голема разлика помеѓу моите дигитални и рачно насликани дела. Некои ми рекоа дека не можат да направат разлика помеѓу нив, што ме изненадува, но од друга страна, јас сум тој што ги направил, па имам мала предност.

Имате ли некој совет за креативците?

Едноставно, верувајте дека тоа што го правите е важно и правете го со целосен елан. Тешко е да се знае што ќе биде важен проект, скица или кој мал случаен потег ќе ве одведе до следното нешто. Очекувајте да бидете пријатно изненадени и не посакувајте сè да излезе како што сте го замислиле.

Извор

ОкоБоли главаВицФото