1015 hPa
62 %

11 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 21:59
Марин Ле Пен, претседателката на француската радикално десничарска партија Национален собир и пратеничка во Народното собрание, на 31-ви март беше осудена од судот во Париз за проневера на средства од Европскиот парламент во периодот од 2004-тата до 2016-тата година. Таа беше казнета со четири години затвор, од кои две условно, парична глоба од 100 илјади евра и петгодишна забрана за вршење јавна функција.
Оваа пресуда, барем засега, ги уништи нејзините политички амбиции, чијашто круна требаше да биде претседателската функција на изборите во 2027-та година. Меѓутоа, по сè изгледа дека таа предизвика и ново турбулентно поглавје во француската политика, бидејќи десницата, но и дел од левицата, тврдат дека судството извршило антидемократско мешање во изборниот процес.
На изборите во април 2022-та година, Марин Ле Пен во првиот круг освои 23 проценти, а во вториот 41,45 проценти од гласовите, 17 проценти помалку од претседателот Емануел Макрон, кој е во вториот мандат и не може повторно да се кандидира.
Според сите анкети на јавното мислење од март 2023-тата до крајот на март годинава, Ле Пен на изборите во 2027-та година во првиот круг би освоила помеѓу 30 и 36 проценти од гласовите, а во вториот круг би победила против четирите потенцијални кандидати.
Во анкетата спроведена ден по пресудата, нејзиниот протеже, 30-годишниот Жордан Бардела, добива 36 проценти од гласовите, што укажува дека судскиот удар врз Ле Пен не мора да значи и крај за Национален собир.
Марин Ле Пен беше осудена заедно со уште 23 членови на Национален собир, од кои деветмина се пратеници во Европскиот парламент, поради проневера на 4,1 милиони евра европски средства преку вработување на членови на својата партија како асистенти во ЕП. Иако судот не утврди дека Ле Пен лично се збогатила, туку дека средствата завршиле во нејзината партија, во процесот беше утврдено дека токму таа го наложила ангажирањето на партиските членови.
Ле Пен изјави дека не се смета за виновна, а делото за кое е осудена го нарече „административно недоразбирање“ со Европскиот парламент. Пресудата ја опиша како „нуклеарна бомба“ и „мешање на судот во претседателските избори“, додека Бардела ја нарече „тиранија на правосудството“, споредувајќи ја ситуацијата со исклучувањето на „прорускиот “ кандидат Калин Георгеску од претседателските избори во Романија.
Партијата најави митинг за поддршка во Париз во недела, очекувајќи да им се приклучат и некои европски сојузници. Поддршка и изрази на згрозеност упатија унгарскиот премиер Виктор Орбан, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и Доналд Трамп и Илон Маск, додека лидерот на радикално десничарската партија, Ерик Сиоти, најави дека неговата партија ќе покрене постапка за укинување на законската одредба за забрана на вршење јавна функција поради кривично дело.
Во тој контекст се огласи и лидерот на левицата Жан-Лук Меланшон, кој на платформата Икс напиша дека „одлуката за отстранување на избраните функционери треба да ја донесува народот“.
Иако се прогласи за жртва на политички прогон, Марин Ле Пен не е првата политичарка чија кариера е нарушена од судска одлука. Поранешниот премиер Ален Жипе во 2004-тата година исто така беше осуден за проневера на јавни средства, поради што му беше забрането вршење јавна функција на десет години, додека поранешниот премиер Франсоа Фијон во 2020-тата година беше осуден на затворска казна, исто така за проневера. Поранешниот претседател Никола Саркози во 2021-та година беше осуден за корупција во два одделни случаи.
Марин Ле Пен може да поднесе жалба на пресудата, но тоа нема да го одложи извршувањето на делот од казната кој се однесува на забраната за вршење јавна функција, бидејќи судот одлучи дека таа стапува на сила веднаш. Дури и во случај пресудата да биде укината, не е реално дека постапката ќе заврши пред претседателските избори пролетта 2027-та година.
Карикатури: Ramón Díaz Yanes
Извор: https://www.portalnovosti.com/