1023 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Нед, 22.06.2025 06:59
„Коски, пепел, чад“, Мери Арсова, Антолог
Нетрпеливо чекаше до четири часот на пладне за да добие некоја нова информација од анализите, но беше поминал половина ден, многу кратко време за добивање некакви резултати. Периодот за проверка на ДНК и токсиколошки анализи обично траеше од 24 до 72 часа, а во екстремни случаи дури и до 14 дена.
Кога неговата млада соработничка се врати, му ги прочита забелешките од изјавите на двете деца што ги пронашле останките и не слушна ништо повеќе од тоа што веќе го знаеше. Единствено нова беше информацијата дека децата навлегле подлабоко во шумата за да консумираат џоинт. Во малите места во Германија околу 90% од младата популација користи марихуана и опојни дроги. Тоа не беше ништо чудно.
Откако ги заврши тековните задачи, направи контрола на неколку полициски службеници што беа излезени на терен. На крајот, ја среди моменталната скудна документација за новиот случај.
Немаше ништо. На местото не беше најден никаков отпечаток, никаква трага што може да ја следат и што ќе им понуди некаква опција. Немаа утврдено ни идентитет со кој ќе ги поврзат коските. Според патологот, некоја жена беше мртва, можеби кремирана, а тие не располагаа со дополнителни релевантни информации.Нервозно затропа со прстите по бирото кога еден глас му ги распара ушите. „Жал ми е, не знаеме кој е сторителот. Веднаш по ударот,возачот избегал од местото.“
Нела влета во канцеларијата, силно туркајќи ја подотворената врата.
„Нели си замина ти, девојче?“„Детективе, само што тргнав кога добивме телефонска дојава. Сега го завршив разговорот со жената. Го презедов повикот затоа што сум запознаена со случајот и не сакав...“
„Новиот случај?“ Јохан брзо стана.
„На почетокот не ги поврзавме работите. Боб се претепа за да крене слушалка, само јас да не стигнам прва до неа и...“
„Добога, девојче, кажи што ти рече жената“, се размавта со раката.
„Рече дека завчера вечерта нејзината сосетка излегла и од тогаш не е вратена дома. Рече дека е исчезната.“
„Тоа е нагаѓање. Како е толку сигурна дека исчезнала? Може ја напуштила државата. Може дури и да не ѝ ја отвора вратата“. Неговата возбуда спласна со истата брзина со која се појави. Помисли дека барем малку има надеж.
„Господине, со сигурност знаеше. Како прво, кога ја видела вечерта, кратко разговарале и таа ѝ рекла дека ќе оди да џогира 30 минути во близина. Второ, се договориле следниот ден по работното време да пијат кафе, а тој ден бил вчера, но таа никогаш не се појавила кај пријавителката.Таа ја барала на мобилниот телефон, но сосетката не ѝ кревала цел ден. Денес кога се вратила од работа, решила да провери дали е дома.Тропала на вратата пет минути, никој не ѝ отворил. Почекала половина час и повторно се вратила до куќата. Тропала, гледала низ прозорците чии завеси останале ненавлечени, исто како што биле пред два дена. Внатре немало никој. Сфатила дека нешто не е како што треба, а воедно си припомнила дека на телевизија слушнала за веста дека во шумата биле пронајдени човечки коски, па веднаш ни јавила.“
„Пак ќе речам, сѐ тоа е во ред. Само ништо не посочува дека станува збор за истата жена. Зедовте ли податоци?“
„Знам дека е таа, детективе. Ги имаме податоците. Кога ќе потврдиме дека жената навистина исчезнала и ќе ја споредиме нејзината ДНК со коските, сигурна сум дека ќе се покаже совпаѓање.“
Нејзината детерминираност го застрашуваше, но мораше да признае дека можноста да станува збор за истото лице беше голема. Која беше шансата толку брзо да ги идентификуваат коските?
***
„Напластување“, Јасмина Атанасова, Центар за култура – Битола
Каков што ме дал Господ, немав расположение, а ниту волја и понатаму да го толерирам инсистирањето на Роса. Една недела од моето вселување во пансионот, во едно вообичаено пеколно пладне ја прекршив мојата тврдоглавост.Тргнав да го видам „местото каде секојдневно се случуваат мали чуда“ (тоа беше нејзината интерпретација за местото на кое работеше). Но не само што не беше претерала со описот, туку ќе речам дека беше прилично скромна по тоа прашање (подоцна ќе заклучам дека прокумерен беше само тонот на нејзиниот глас). Површината на островот беше премала во однос на богатството што го чуваше на својата површина.Нејзини штитеници не беа само луѓето што ја посетуваа и што живееја таму. Островот како осамен бог кој бдееше над својот народ, а за свој го сметаше, секој што ќе го допреше неговото тло. Токму преку таквата несебична љубов што ја добиваа жителите (трајни и минливи), тие научија да се грижат, да внимаваат и да ги пазат останатите членови на заедницата. За многумина непозната Лампедуза беше ризница на најразлични видови флора и фауна. А за чудотворната симбиоза на таквиот вид на заедништво,спознав од Роса.
Таа ме чекаше нетрпеливо пред пансионот. Рацете наизменично ги вадеше и ги ставаше во џебовите од шорцевите, изработени од темно тексас платно. Врз малите гради имаше обична мала маица која јасно го декларираше името на институцијата во која работеше. Додека набрзина ги ставав мокасините и ја запетлував изгужваната, браон, ленена кошула, погледнав повторно преку завесата. Роса напоредно го гледаше часовникот на раката и нервозно тапкаше со сините еспадрили по работ на тротоарот. Знаев дека бев крив што доцнев и молчешкум ги следев инструкциите што таа ми ги даваше.
„Седнете позади мене“, воздржано ми соопшти. Седиштата во комбето кое Роса го возеше (до чиј волан ретко кој друг добиваше пристап), беа зафатени од доминантни, женски, ентузијастички разговори. Едвај се провлекуваа длабоки машки гласови, кои очигледно беа второстепени ( и по број и по гласност). По краткото возење кога сите се симнавме од автомобилот, точно пред влезната врата на објектот, забележав дека сите беа облечени во истиот вид маичка и дека имаше само три машки лица од вкупно десет (вклучувајќи ме и мене). Едниот беше мал печуркаст Јапонец со мазно лице и уште помазно исчешлана катран црна коса која како фотографски филм му сјаеше на главата. Сите деветмина беа во своите средни дваесетти години, освен едното машко лице.Тој изгледаше малку повозрасно веројатно поради густата, црна брада која му ги правеше, ситната уста и сплесканиот нос, скоро невидливи. Имаше недоверливи, прозирни очи и пријателски настроена, опуштена, кадрава коса над ушите. Сите, како едвај да чекаа да почнат со работа, бидејќи го напуштаа комбето со позитивни изрази на лицата и се ориентираа кон морето (феномен што знаев да го видам само кај групи што тукушто се растовараа на годишен одмор). Автоматски сите безгласно се раштркаа, а Роса ме поведе во својот свет на бајките.
Како што се приближувавме до објектот, пред мене се откриваше некаква варијација на филмски сет од болница во Втората светска војна (знаете оние огромни шаторски крила што се држат на климав метален скелет чија внатрешност врие од разноразни случувања и неволји). Возејќи се забележав дека тоа огромно сино шаторско крило претставува всушност опашка на еден поголем цементиран корпус за кој претпоставив дека е основниот дел од објектот. На влезната врата го пишуваше името на организацијата што во превод би значела „Спасување на желки – Лампедуса.“. Пред огромната зграда имаше нешто со големина на автомобил. Изгледаше како гигантски аквариум. Кога му се приближивме, сфатив дека сум бил во право.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.