1026 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Пон, 08.12.2025 23:59

Симетријата на „златниот пресек“ е основно правило во уметноста. Тоа е стандард во проценката на пропорциите, композицијата и на перспективата во уметничкото дело. Улогата на стандардот не е само да даде идеални параметри за примена на симетријата. Стандардот може да биде и „водилка“ за вдахновено креативно отстапување од него.
За ова сведочи историјата на уметноста низ вековите, како на пример, пионерскиот стил на асиметријата во сликите на Јероним Бос. Кубизмот ја зема асиметријата како основен стил на сликање. Во оваа траекторија се забележуваа влијанијата на претходните генерации под што се подразбира дека ништо под сонцето не е „ново“, и не се појавува без претходно влијание.
Изложбата на Гордана Јаневска „аСиметрија“ е конкретен пример на инспирирана уметност. Насликаните портрети имаат елементи на аналитичен кубизам, на апстрактен и геометриски портрет и општо земено на модернизам, додека уметничкиот „миг“ во сликите укажува на автентичен уметнички израз на Јаневска.
Самиот наслов „аСиметрија“ си поигрува со поимот и ја посочува намерата на уметникот. Дискрепанцијата во распоредот во зборот кој почнува со мала буква за втората да биде голема е знак дека насликаната асиметрија уште повеќе го нагласува феноменот на симетријата. Острите агли и преклопувачките асиметрични форми создаваат илузија на повеќекратна перспектива. Фрагментацијата на лицата кон чија хармонија тежнее окото го „вади од колосек“ набљудувачот и го прави свесен за нешто на што симетријата не би го поттикнала. Преку различните геометриски перспективи набљудувачкиот субјект добива увид во повеќеслојноста на секој „идентитет“. Свесните личности не може да се сведат на монолитна дефиниција, туку во секој миг се мултиреферентни.
.jpg)
Дополнителен ефект на асиметричноста даваат боите со кои Јанева ги слика портретите. Ова е особено важно по прашање на емотивниот елемент при набљудувањето. Земјено црвената, длабоко сината и „стишано“ зелената се во силен контраст со жолтата и со белата. Со ова Јаневска ја нагласува „подвоеноста“ во свеста на мисловниот субјект. Човечката психосоматска сосотојба е во постојана напнатост која од севдах за миг преминува во кеиф и обратно.
Асиметриите во портретите на Јаневска изразуваат внатрешен конфликт на битието што во потрагата за среќа постојано флуктуира, се згуснова и се тенчи, заблескува и се помрачува.
Важен мотив на уметничкиот израз во портретите на „аСиметрија“ е перцепцијата и сеќавањето. Секоја личност, која доволно долго живеела, има искуства кога сеќавањето оставило „цврсти“ траги кои вивидно ни прикажуваат некакво доживување што во суштина не е наше, туку е сплет на когнитивни асоцијации и на „позајмување“ од искуството кое некој друг го споделил со нас. На тој начин се случило репрограмирање на стварноста, нешто што станало автентично наше без притоа сѐ да биде реално искуство.
Конечно, опусот на делата „аСиметрија“ е втемелен врз двојно гледање, врз квантната испреплетеностна умот при што тој е во постојана суперпозиција така што колку и да се двете когнитивни честички оддалечени, тие секогаш влијаат една врз друга. Сѐ се случува моментално.
Оваа двојност во портретите на Јаневска е уметнички акт кој го обединува колективното свесно и несвесно во аСиметричното себеразбирање на нас како на словесни битија.
.jpg)