1010 hPa
88 %

14 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 07:59
Одиме во крајности. Таква е средината.
Не е точно дека политичарите не прават ништо за нас. Нè прават будали.
Се обидовме да разбереме зошто власта нè третира како идиоти. Ќе разберевме да не бевме идиоти.
Пописот покажа дека сме малобројни, изборите дека сме малоумни.
Сите се против нас. И ние.
Сите гласаа против нас. Само ние бевме воздржани.
Такви сме по природа. И по општество не сме подобри.
Ми рекоа да ја гледам големата слика. Мене ме нема ни таму.
Во секој од нас се крие човек, ама толку добро се крие што не можеме да го пронајдеме.
Тие се собираат и се множат, ние се делиме. Како ќе се извадиме?
Се размноживме. Сега можеме да се разделиме.
Избравме погрешен пат. Нема да ни биде првпат.
Мафијата постојано победува оти на време ги купи најдобрите играчи од власта.
Клептоманите избраа клептократија, ама претходно ние ги избравме нив.
На политичкиот пазар се продава само расипана стока.
Има политичари со чисти раце. Се бројат на прсти.
Малиот крадец е крадец. Големиот крадец е голем.
Ако тие што ги избравме се најдобрите, се плашам и да помислам какви сме ние.
Нашата судбина е во нашите скрстени раце.
Очекувавме дека ќе биде лошо, но власта ги надмина нашите очекувања.
Изневерени очекувања или можеби очекувани изневерувања?
Власта може подобро, полошо веќе не може.
Ништо не смее да ме изненади. Нешто може.
Не можеме да направиме ништо. Тогаш да направиме нешто.
Карикатури: Dave Blazek
Димитар Алачки (76), лекар од Струмица, првенствено е познат како одличен афористичар, хуморист и, во поново време, поет за деца.