Уште 500 улици во француската престолнина се претвораат во зони без автомобили

09.04.2025 01:58
Уште 500 улици во француската престолнина се претвораат во зони без автомобили

На референдумот одржан кон крајот на март, дури две третини од парижаните (66 проценти) ја поддржаа идејата уште 500 улици во француската престолнина да се претворат во зони без автомобили, додека 34 проценти од гласачите беа против.

Сепак, на овие избори, според медиумите, излегле само 4 проценти од 1,4 милиони регистрирани гласачи.

Со оглед на тоа што преку иста трансформација досега веќе поминале повеќе од 200 улици, кога планот ќе се реализира, бројот на пешачки улици во Париз ќе се искачи на над 700. Тоа е повеќе од една десетина од сите улици во Градот на светлината.

Покрај тоа што автомобилите претходно беа забранети во 218 улици, во 70 од нив се создадени нови зелени површини кои го прават животот и јавните простори во Париз попријатни, поодржливи и поздрави.

Одлуката за тоа кои улици ќе бидат претворени во пешачки ќе се донесе во консултација со локалното население. Како што е најавено, во секој од 20-те арондисмани, односно административни окрузи, се планира отстранување на автомобили од околу 25 улици.

Овој референдум ќе резултира со елиминација на дополнителни 10 илјади паркинг-места, покрај 10-те илјади што веќе се отстранети од 2020-тата година.

Станува збор за последниот во низата проекти под водство на актуелната градоначалничка Ана Идалго, со цел намалување на загадувањето на воздухот, бучавата и штетните емисии во Париз, како и заменување на автомобилите и паркинг-местата со зеленило.

Парижаните и претходно се изјаснија за слични прашања: на референдумот од 2023-тата година изгласаа забрана за изнајмување електрични тротинети, а лани беше изгласано и тројно зголемување на цените за паркирање на големи теренски возила.

И покрај последните промени, Париз заостанува зад европските престолнини кога станува збор за зелената инфраструктура, која ги вклучува приватните градини, парковите, дрворедите и влажните подрачја.

Според податоците на Европската агенција за животна средина, само 26 проценти од главниот град на Франција се покриени со зелена инфраструктура, додека просекот на европските престолнини е 41 процент.

Извор: https://klima101.rs/

Слични содржини

Јавни простори / Европа / Екологија
Јавни простори / Европа / Екологија / Живот
Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото