1010 hPa
88 %

14 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 07:59
Жртвите од пожарот во Кочани не се 61, туку 256 луѓе. Еве зошто.
Повеќето луѓе мислат дека зборот жртви, „casualties“ подразбира „убиени“ или „мртви“, но зборот има пошироко значење и ги опфаќа сите настрадани, сите загуби, односно сите повредени, убиени или онеспособени луѓе од некој инцидент, непогода или воен конфликт. „Casualties“ (настрадани) често се користи при проценка на штета од војни, несреќи или природни непогоди, бидејќи дава поцелосна и попрецизна слика за настраданите и претрпената штета.
Со други зборови, без разлика дали си мртов оти те разнел топ, или си жив но ранет во ногата, или ти се скршени прстите па не можеш веќе да пукаш, или си развил панични напади од стресот па веќе не си способен за борба, без разлика дали си се удавил во поплава или нозете ти ги смачкала карпа во земјотрес, ти си исто жртва: убиен, онеспособен, или повреден, ти си исто casualty.
Или, во нашиот случај, без разлика дали си изгорел жив, или ти скршиле ребра во стампедото кога газеле врз тебе, дали си се задушил од отровниот чад, дали паднал кровот врз тебе, дали си преживеал со изгореници на пола лице и тело или просто си вдишал премногу штетен чад, без разлика -= ти си исто жртва.
Значи, без разлика дали се броиш во мртвите/убиените или во преживеаните но повредените - ти си секако жртва.
Според тоа, од пожарот во Кочани Македонија всушност нема 60 жртви.
Македонија има 256 жртви, од кои 61 се починати, а 196 се повредени.
И мртвите и повредените настрадаа од тој настан, и едните и другите се жртви.
Извесно е дека преживеаните 196 жртви, меѓу кои има и деца и возрасни луѓе, во иднина нема да имаат сосема нормален живот. Дел од нив ќе имаат панични напади од самата помисла на кафич, оган или дискотека, со што нема да имаат нормален социјален живот. Дел од нив ќе имаат трајни физички деформитети од изгореници и други повреди, што само ќе додаде врз психолошката траума. Дел од нив цел живот ќе имаат разноразни здравствени проблеми до степен да им треба постојана асистенција, бидејќи и физички повреди, и пожар и вдишување гасови можат трајно да го оштетат мозокот и нервниот систем.
Значи, 61 луѓе се починати. Уште 196 се привремено или трајно онеспособени и тешко ќе имаат нормален живот. И едните и другите се жртви на тој настан.
Суштински, уште повеќе луѓе се погодени од овој настан, ако се земе предвид дека секоја од тие 296 жртви околу себе има барем уште по неколку членови на семејство или сакани луѓе, кои нивната смрт или тешки повреди ги повредила и веројатно со години и децении ќе ги измачува. Простата математика кажува дека над 1000 луѓе се директно погодени од тој пожар поради смртта или повредите на нивни блиски.
Гревот кон 196-те повредени не е помал, иако е со помали последици. Криминалот кон нив не е помалку простлив, само оти имале среќа да останат живи ама тешко повредени. Секој од нив можел, и за жал уште може да биде, дел од починатите 60 луѓе. Оти, за некој да биде жртва од нешто, не е неопходно тој или таа да го загуби животот.
Така што, кога зборуваме за овој настан, многу поблиску до вистината е да се каже дека има 256 жртви, од кои 61 мртви и 196 повредени. Ако сакаме да бидеме попрецизни и почесни, вака сликата станува многу појасна, иако и многу пожална.
И би апелирал до сите, покрај починатите, почесто да ги спомнуваат сите 256 настрадани, оти мислам дека вистината многу посилно отрезнува. А вистината е дека во пожарот во Кочани, за жал, настрадаа 256 луѓе. Дел мртви, дел живи, но сите повредени.
Фотографии: Александар Митовски; од протестниот „Марш за Ангелите“ одржан во Кочани на 5 април 2025 г.