Според Флиновиот ефект луѓето стануваат сè попаметни, но интелигенцијата ја намалуваат отровите

10.04.2025 03:08
Според Флиновиот ефект луѓето стануваат сè попаметни, но интелигенцијата ја намалуваат отровите

На неколку години истражувачите спроведуваат тестови за интелигенција на различни примероци испитаници. Ја земаат средната вредност на резултатите и ја прогласуваат за нова „стотка“ – резултат што претставува просечна интелигенција.

Многу од научниците го поставуваат прашањето што често го споменува и Мет Дејвис, раководител на неколку програми на Кембриџ што се однесуваат на функционирањето на мозокот:

Зошто е потребно да се ажурира просечниот резултат?

Дејвис одговара со примерот на Флиновиот ефект.

Стануваме сè попаметни, но…

Едноставно кажано, стануваме сè попаметни. Секојпат кога тестот се спроведува повторно, средната вредност на резултатите речиси секогаш расте. Всушност, ако денешните тестови за интелигенција ги примениме на луѓето од пред 100 години, тие би постигнале резултат од околу 70. Истражувачите проценуваат дека нашите резултати на тестовите растат за околу три поени на деценија. Овој феномен се нарекува Флинов ефект, според истражувачот (Џејмс Флин) што го открил.

Постојат неколку предложени причини за појавата Флинов ефект. Една од разумните причини е и тоа што повеќе луѓе одат на училиште отколку порано. Наставниците се трудат да подучуваат вештини што се директно поврзани со тестовите за интелигенција. Тоа може да биде точно, како што пишува Дејвис, но постои една област што несомнено ја зголемила интелигенцијата на луѓето – евтениката.

Додека евгениката се занимава со подобрување на човештвото преку генетска селекција, така што ќе се раѓаат наводно „супериорни“ луѓе, а „инфериорните“ ќе се спречуваат да имаат деца — идеја што предизвика значителни конфликти и дефинитивно не ја подобри состојбата на човештвото — евтениката се фокусира на подобрување на човештвото преку подобрување на околината.

Мет Дејвис нуди три примери како подобрувањето на околината може да ги направи луѓето попаметни.

Интелигенцијата и јодот

Историјата на воведувањето на јодот во животите на луѓето има своја историја.

На почетокот на 20-тиот век, луѓето што, на пример, живееле во областите на Големите езера и северозападниот дел на Пацификот биле особено подложни на гушавост — отечени јазли на вратот кои лекарите ги поврзувале со дисфункција на тироидната жлезда. Дејвид Мареј Куи, професор по педијатрија, знаел дека тоа е последица од недостаток на јод — хемиски елемент кој е неопходен за правилно функционирање на тироидната жлезда. Куи исто така знаел дека Швајцарците користат натриум јодид (состојка од натриум и јод) во кујнската сол за да ја спречат ова состојба, па ја убедил американската влада да ја воведе оваа практика.

Есента 1924-тата година, компанијата Мортон Солт започнала да дистрибуира јодирана сол на национално ниво. Како што се очекувало, бројот на случаи на гушавост нагло се намалил.

Речиси 100 години подоцна, истражувачите откриле дека воведувањето на јодираната сол донело и значителни дополнителни придобивки. Во регионите со недостаток на јод, резултатите на тестовите за интелигенција скокнале за 15 поени, додека на национално ниво се зголемиле за 3 поени. Покрај тоа, приходите во тие региони се зголемиле за 11 проценти, покажува статистиката. Како се случило тоа?

Јодот најлесно се добива од морски плодови и алги, но може да се добие и од растенија и животни, под услов тие да се одгледувани на почва богата со јод. Во регионите на Големите езера и северозападниот Пацифик, поплавите и древните глечери го исплакнале целиот јод од почвата. Тоа ја направило гушавоста почеста, но исто така имало и големо влијание врз трудниците. Ако бремена жена има недостаток на јод (и со тоа дисфункционална тироидна жлезда), нејзиното дете ќе биде ментално оштетено. Огромен дел од американското население растело со мајки кои имале недостаток на јод, што негативно влијаело на нивниот потенцијал, вели Дејвис.

Тетраетил оловото пред и потоа

Во 1922-та година, Џенерал Моторс открива дека хемикалијата наречена тетраетил олово фантастично функционира како адитив против детонација во автомобилите. Суштински, спречувала прерана детонација на горивото. Во еден од своите истражувачки текстови, Дејвис пишува:

„Етанолот би бил подеднакво ефикасен, но оваа супстанца не можела да биде патентирана, иако била значително помалку токсична од оловото. Затоа Џенерал Моторс, во соработка со нафтените компании, воведува олово во бензинот, наместо побезбедниот, но помалку профитабилен етанол. Џенерал Моторс, Дупонт и пошироката јавност знаеле дека тетраетил оловото е отровно. Наместо да го наречат адитивот со неговото вистинско име, го користеле терминот 'етил'.“

За жал, бензинот со олово останал дел од секојдневниот живот долго откако јавноста станала свесна за неговите последици. Дури во средината на 1970-тите, со усвојувањето на Законот за чист воздух, неговата употреба била забранета. Кога го отстраниле оловото од бензинот, станале јасни страшните последици од ова децениско труење.

Генерацијата родена по усвојувањето на Законот за чист воздух остварила зголемување на резултатите на тестовите за интелигенција за 6 поени, покажуваат официјалните податоци. Покрај тоа, истражувачите тврдат дека децата кои пораснале во периодот меѓу воведувањето на оловото во бензинот во 1920-тите и неговото отстранување во 1970-тите предизвикале до 90 проценти разни форми на насилен криминал.

„Криминалот во градовите како Лос Анџелес и Њујорк достигнал вртоглави нивоа за време на 1980-тите и 1990-тите. Потоа почнал континуирано да опаѓа откако последната генерација изложена на олово почина, беше затворена или го напушти криминалниот начин на живот. Политичарите беа склони овој пад да го припишат на полициските практики и спроведувањето на законот. Но, некои истражувачи тврдат дека тоа повеќе се должи на попаметна, поздравa и подобро прилагодена генерација граѓани кои пораснале во средина без олово,“ по анализа на податоците изјави Мет Дејвис за Биг Тинк.

Интелигенцијата и загадувањето на воздухот

Додека претходните точки на оваа листа зборуваа за нешта што веќе сме ги направиле, човештвото сè уште има многу работа пред себе, пред загадувањето значително да се намали. Секоја година, проектот State of Global Air објавува извештај во кој ја проценува сериозноста на загадувањето на воздухот ширум светот. На пример, еден извештај од пред неколку години покажа дека 92 проценти од светската популација живее во подрачја што ги надминуваат здравите граници за ситни честички кои го загадуваат воздухот поставени од Светската здравствена организација.

Ова не е штетно само за локалните екосистеми, климатските промени и човечкото тело, туку загадувањето на воздухот е поврзано и со значително намалување на интелигенцијата.

На пример, една студија анализирала податоци од речиси 32 илјади тестови со стандардизирани резултати и дневниот индекс на загадување на воздухот ширум Кина. Истражувачите откриле дека колку подолго учесниците биле изложени на високи нивоа на загадување, толку повеќе им опаѓала интелигенцијата. Најмногу биле погодени јазичните способности, а мажите биле поранливи од жените. Генерално, просечниот ефект од загадувањето ја намалил интелигенцијата на учесниците во мера слична на пропуштање една школска година — приближно 5 поени на тестовите за интелигенција.

Дејвис го објаснува ова со фактот дека ситните честички од загадениот воздух влегуваат во телото преку белите дробови и оттаму се шират низ организмот, вклучувајќи го и мозокот. Овие честички најверојатно предизвикуваат воспаление на мозокот и го забрзуваат оштетувањето на белата маса на мозокот.

Мнозинството луѓе веруваат дека интелигенцијата е способност со која се раѓа човекот, која може да се вежба или занемари. Но, според стручното мислење на Мет Дејвис, тоа не е сосема точно.

Интелигенцијата е динамичен феномен кој во голема мера зависи од квалитетот на околината.

Слики: Toni Hamel

Извор: https://bonitet.com/