Победници на конкурсот за краток расказ, втор циклус

15.03.2011 16:30
Победници на конкурсот за краток расказ, втор циклус

По еднонеделното разгледување на расказите што пристигнаа на нашата е-адреса, редакцијата на Окно се реши првото, второто и третото место да им ги додели на следниве раскази:

1 место за Трка на Габриела Стојаноска-Станоеска

Трка

Одделението е доведено до совршенство. Подовите светат. Лебарките се испратени на другите катови. Болничкиот кадар е беспрекорно хуман, помилуван од божја рака. Докторката ме гледа како ќерка, вели мајка ми. Неколкуте различни нтервенции во пределот на главата што се вршат на тој оддел не се крупни по својот зафат, тежината и времето потребно за изведување, но, како и сите интервенции бараат прецизност и знаење. Се изведуваат со локална анестезија и за сето време се разговара со пациентите. За што разговараат таму - не знам, но пациентите кои ги враќаат во седечка положба, во оние колички со големи тркала, без разлика дали се со преврзано око, уво или со чалма од завој околу главата, сите до еден имаат широка насмевка. Секој зафат започнува со техника за разбивање на стравот. Двајца дваесетгодишни болничари доаѓаат со количките в соба и викаат: „Ајде кревет еден и два, седнувајте!“ „Подготвени?“ И „Врм, врм...“ започнуваат трка на едно колце низ долгиот ходник. Кој прв ќе стигне до операционата сала, тој прв ќе биде опериран. Утрово и’ е редот на мајка ми. Мене ми го дадоа марамчето да означам старт! Можеби сепак требаше да побараат некој пообјективен, јас навивам за мајка ми!

Габриела Стојаноска-Станоеска на сите досегашни конкурси на Окно се етаблираше како зрела авторка со изграден и препознатлив стил. Нејзините раскази редовно нè воодушевуваа и со задоволство го очекувавме секое нејзино следно дело. Овојпат решивме да го наградиме расказот во кој таа прави пародија на македонскиот здравствен систем. Околу темата нема што повеќе да се додаде зашто на сите нам добро ни се познати условите во нашите болници. Габриела ја завршува својата кратка приказна доста неочекувано и непредвидливо, внесувајќи ја потребната доза хумор за читањето да се претвори во едно целосно уживање.

2 место за Момчиња на Ана Ефтимова

Момчиња

Околу два саат по полноќ, сè живо спие, улиците се прегледни но штури. Дува есенски ветар помешан со паднатите лисја. Од едeн премин меѓу две куќи се слуша глас. Момчиња на дваесетина години стојат и разговараат. Понискиот, во црн отворен капут, во рака држи полупразно шише црвено вино. Повисокиот е во светла јакна и фармерки, објаснува, но ветерот фучи силно, шумовите се гласни па зборовите не можат да се разберат. Повисокиот загрижено зборува додека другиот се налева со уште некоја голтка од виното, по што си ја избриша устата со ракав. Оној потоа му се приближи полека на својот пријател, го потпре на ѕидот од куќата и почна да го бакнува. Момчињата се прегрнуваат, се спојуваат цврсто од колената до главите. Во тој миг некој од соседните куќи излегува на чист воздух да се накашла. Додека се свртиш пак кон преминот момчињата веќе ги нема и само стакленото шише останува да се тркала по земја, туркано од ветрот.

За разлика од добитничката на првото место, Ана Ефтимова за нас претставува релативно ново име кое на конкурсот се појави дури неодамна. Се решивме да и’ го доделиме второто место поради специфичната атмосфера во нејзиниот расказ, но и поради темата за хомосексуалноста, тема која деновиве и месециве е доста актуелна и во нашето општество. Стилот на Ефтимова е едноставен, лесен, што не ја лишува приказната од нејзината сопствена тежина.

3 место за Насреде од Вртоглава

Насреде

Мојот стан се наоѓа на средина на зградата. Во добри односи сум со соседите, но не можам да излезам гола на тераса.

Насреде е една прекрасна минијатура, со луциден и неочекуван завршеток. Вртоглава исто така е релативно ново име на конкурсот, автор/ка  кој/а ни прати неколку солидни раскази.

Би сакале да ги пофалиме и следниве автори со нивните дела:

Д. Коцев

Море

Сакајќи да побегне од непријателски настроената средина, која го опкружуваше, собори едно големо дрво. Му ја излупи кората и почна секојдневно да го вдлабнува. Копаше во него. Тоа сурово дрво, без душа, конечно доби лик на чамец, совршено измазнет, со пар, исто така рачно направени весла. Во него го почувствува спокојот и блискиот спас. После огромен труд ќе може да се ослободи, да отпатува некаде далеку, да побегне од мрачните сеништа. Сериозно се доближи до неговата животна кулуминација. Безброј светови се пред неговиот чамец... Само уште, да направи и море.

Лидија Каранфиловска-Жикиќ

Ноќно кафе

Две црни очи, станаа едно големо око кое веќе не личи на око и стана еден мал остров кој почна да плови од брег до брег на нешто што порано беше лице.
Една голтка го измести релјефот. Ги испив очите, острoвот и лицето. Низ еден прстен гледам други можни светови.

Ed Bloom Young

Ред

Се сместив во долгиот ред во поштата да уплатам за административната такса (апсурдно нели!), ја извадив книгата од ранецот и читав. Напати ја кревав главата да видам до каде е редот. Јасно ми беше дека ќе ми одземе солидно време од денот. Го читав Кундеровиот Идентитет по втор пат. Одново беше забавно да се чита.
Ме натераа на смеење. Знаете, она смеење кога ќе прочитате нешто што би го кажале или помислиле ни малку поинаку, а сепак до тогаш не сте кажале ниту помислиле на истото. Истото го помислив и првиот пат кога ја читав. Ја кренав главата, луѓето чудно ме гледаа.Не знам зошто, но им бев чуден, тоа сигурно.
Редот се смалуваше, се наѕираа моите долгопосакувани минути пред шалтерот. Уште само една сметка да плати дедово пред мене и јас сум, си потшепнав на себе си. Стигнав на ред. Тогаш, „љубезната“ тетка ме погледна и го стави знакот за пауза.
Разбирливо беше. Предолго чекав.

Сонувачот

Јаз

Таа велеше дека нејзиниот живот е една голема авантура.
Спротивно на тоа, филмот кој се снима за неа беше категоризиран како драма.


In Absentia

Патникот

Го испушти возот. Можеби ако од железничката веднаш се стрчаше кон автобуската, немаше да го испушти и автобусот. Патувањето му заврши уште пред воопшто да започне. Го загуби и багажот некаде по пат. Се врати дома, но сеедно, влезе низ вратата со истиот резултат како и после секое патување. Без багаж и без спомени.

Затвореникот

Овде се наоѓаше многу, навистина многу време, А времето се мереше единствено по должината на неговата коса. Одвреме навреме го гледаше парчето униформа на стражарот кое се појавуваше пред вратата. Секогаш истото дводимензионално лево рамо со сина униформа, на некој човек без лице. Беше овде толку долго, што ја заборави причината за своето доаѓање и стана имун на потребата од храна (што одамна престанаа да му ја носат). Го преизмисли светот. Го преизмисли времето. И од ѕвер еволуира во Бог, омнипотентен до границите на неговата ќелија. Можеше со еони да ја препрочитува еволуцијата во еден дерматоглиф. Едно утро, (судејќи по жолтеникавата нијанса на светлината која правливо влегуваше низ тесниот прозорец) Затвореникот забележа една чудна неправилност на ѕидот. Се приближи, како човек кој го одмерува секој чекор пред да биде погубен и во дел од секунда удри по ѕидот. Надворешноста како отров му ја допре раката. Сфати дека ѕидот воопшто и не бил тоа! За сето време се наоѓал во коцка од хартија. Излезе, и зачекори по пределите кои се менуваа наизменично, а од каде што сивата флека на патот секогаш изгледаше еднакво оддалечена.
Чекореше толку долго, што заборави од каде дошол.
Еднаш некако сфати дека е направен од - хартија

Елена Илкова

Читам по станови!!!

Ги знам речиси сите наслови на книги кои ги чуваат живеалиштата во кои барем еднаш сум навратила.
Многу сакам кога домаќинот ќе замине да вари кафе. Тогаш, ако е библиотека, почнувам да читам наслови. Ако е рафт со дузина од нив почнувам да читам овде-онде, од сите по малку. Ако се неколку книги, одбирам една и читам. Ако поседуваат една, почнувам да ја читам од почеток. Ако немаат ниту една книга, тогаш читам списанија. Во отсуство на списанија читам амбалажи. Ако нема ни амабалажа за читање, тогаш... тогаш читам меѓу редови.

Arrested Development

Рандеву

Телефонот заѕвони.
- Ало?
- Те чекам кај плоштадот во 12 часот, љубов моја.
- Ќе бидам таму, душо.
- Едвај чекам да те видам.
- И јас.
- Не заборавај да ги земеш клучевите од станот.
- Нема...
Сара ја спушти слушалката и воздивна.
- Се прашувам кој беше тоа.

Надица Тренчева

Удар

Рекоа...
Дека извршил државен удар во литературата. Дека со еден удар создал две песни. Дека бил под удар на книжевна критика. Дека удрен од печатот, пожолтел. Дека удирајќи по зборовите, се прославил. Дека имитирајќи воен удар, предизвикал бунт кај буквите. Дека со кратки удари ги разделил слоговите. Дека заслужено се нашол на ударни вести. Дека под дејство на мисловен удар, го создал своето најдобро дело. Дека апстрахирајќи ги емоциите, избегнал срцев удар. Дека со перото удрил на погрешна врата. Дека од сопствениот удар, конечно се освестил...

Редакцијата на Окно им се заблагодарува на сите што учествуваа на конкурсот. Остануваме отворени и за понатамошна соработка. Догледање до некоја наредна прилика!

Браво за победничките!

Браво за победничките! Одлични раскази, а особено ми се допадна првиот.

Честитки,многу се радувам за

Честитки,многу се радувам за Габриела!Кога ќе биде готова збирката на најдобрите?

Кои политиканти сте човече.

Кои политиканти сте човече. Од минимум 30 други одлични раскази, од останатните на Габриела кои и беа подобри од овој, вие одлучивте да наградите еден плиток политички виц...демек заебанција со македонското здравство во времето на Грујо!!!!
Не ми се верује!

На прав пат си, победничкиот

На прав пат си, победничкиот расказ е сигурно нарачан од предавниците.

Get a life!

Не дека писанието е нарачано

Не дека писанието е нарачано од „предавниците“, туку дека окнашите треба да си ги излуфтираат главите....

На прав пат си Ilusion,ама

На прав пат си Ilusion,ама само донекаде. Поточно, во право си дека кој што ги прочитал моите раскази знае дека политиката не е предмет на моите раскази. Ако има нешто на што најмалку мислам кога пишувам, тоа е политиката, барем засега мене ме интересираат повеќе личните драми и некои универзални вечни човечки теми, а не времената политика. Секако, твое право е да мислиш дека расказот е плиток политички виц, ама според мене токму тоа е моментот во кој ти скршнуваш. Значи, политиката ја нема во расказот, туку може да ја има во нечии читања, видувања на расказот. Можеби лебарките и дваесетгодишните болничари ве поттикнаа на такви асоцијации, но сепак тие не се ексклузивитет само на една влада, туку на многу претходни, дури и на цел еден претходен систем, а се и ситуација која засега може да се сретне речиси секаде на Балканот, ако не и пошироко. Значи пародијата повеќе треба да се сфати како пародија на здравствениот систем и неговите достигнувања воопшто, иако пародијата е само еден дел и тоа не најважниот за комплетното доживување и уживање во расказот. Поздрав!

Сакав да кажам дека ти имаше

Сакав да кажам дека ти имаше 100 пати подобри раскази (ти самата го знаеш тоа), но дека окнашите острастени, само тоа им е во глава, па наградиле расказ кој има политичка конотација, независно дали тоа се однесува на оваа влада, на претходните или на идните....Баш заради тоа што си лирски, сентиментален пишуваш, егзистенцијален опсерватор, овој расказ ти е еден од послабите...а окнашите баш тој го наградиле. тоа сакам да кажам, не дека не ми се допаѓа твојата нарација или твојот стил генерално, напротив прекрасна си...
Поздрав

П.С. А мене во принцип ме

П.С.
А мене во принцип ме боли уво и за Грујо и за Бранко исто така...ме нервира само што уметноста станува перцепирана со дневно-политички очила...што престанавме да мислиме надвор од дихотомијата Грујо-Бранко, не можеме да мислиме не-политички, до таму ја дотеравме работата што ќе веруваме дека сме родени и живееме единствено за „судирот на титаните“ -Грујо и Бранко....

љутка

љутка

Честитки до

Честитки до победниците.
Изборот, сепак ме разочара. Имаше многу подобри раскази (од Габриела сите беа добри дефинитивно) но јас би избрал некој друг нејзин расказ .Ги има далеку посилни. Вториот мене лично не ми е воошто ништо посебно ниту пак по нешто би го издвоил.Темата хомосексуалност актуелна?!!. Ама ви се молам. Па имаше еден куп раскази на таа тема.Јас сум хомосексуалец и не мислем дека е тоа актуелно. Тоа е само така. А што баш овој расказ и каква тоа атмосфера доловува не разбирам.Ќе ми објасни ли некој?
Сега третиот
Миијатура ко минијатура . Минијатурна, Сепак вицкаста. И само толку.
Но тоа е изборот. Пак честитки до победниците и до непобедниците.

И јас сум разочарана,

И јас сум разочарана, расказите - банални освен минијатурата. За пофалба од победниците само Вртоглава. Значи како голем љубител на ОКНО - сите критики кои ви ги праќаат морам да се согласам, ги оправдавте. Својот избор го оправдувате со - темата е актуелна...мислам не вреди ни да се коментира ова.
Барем ние читателите си поуживавме овој месец со прекрасни раскази и духовите коментари...браво за сите и ако не ве избрале праќајте пак и пишувајте за читатели и за себе а не за конкурси!

Уааааааааа Окнаши!

Уааааааааа Окнаши!

#lame :D captcha-та ми е

#lame :D

captcha-та ми е бАнана (rofl)

..anyway short-short story is bit shorter then this [just for d record]

ОкоБоли главаВицФото