Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

14.04.2025 01:45
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

 

 

„Риба во(н) мрежа“, Јована Матевска Атанасова, Арс Либрис

 

Летот од Солун до Охрид траеше колку возење со автомобил од едно до друго предградие во Сиднеј. Иако траеше кратко, имав доволно време за една лесна дремка, при што како под конец го контролирав моето ‘рчење. За среќа, меѓу облаците нѐ служеше добро време, ја избегнав мачнината од турбуленциите кои со нискобуџетните летови претставуваат вистински хорор.Чувството беше исто како да преспиеш во куќичката од картон и од чадори што ја изградивме со Марио на смоквата во нашиот backyard.Тука беше и математичката веројатност повторно да го добијам седиштето во средината, кое по непишано правило или, да се изразам правилно, како некој малер ми припаѓаше мене.

Не дочекувам да се приземји авионот и да се паркира на пистата, па брзам да го исклучам безмрежниот режим. Правам селфи со главата благо поднавалена на десната страна, левиот профил ми е светлата страна на лицето или според географскиот речник, исток. Го објавувам на Инстаграм. Safely arrived in Macedonia.Здраво.

Сметам дека звучи смешно македонскиот јазик со австралиски нагласок, без разлика колку добро го владеам. Се случува да додадам буква каде што не ѝ е местото и тоа обезвучување на согласките ми е тотално несфатливо. Како математиката. Во раното детство имав упорна мајка, мислам дека чувствуваше вина што се преселила, па не пропушташе да нагласи дека мајчиниот јазик е траен заб со длабок корен што не се расипува, независно колку супи со букви низ него ќе поминат.

Екранот засветкува со нијанси на молња. Сметам дека новиот скрин- сејвер е навистина кул и не откривам никому од каде го имам спуштено. Почнуваат да се појавуваат лајкови како нотификации на телефонот. Се тркалаат известувањата на горниот раб. Бејби батрфлај_13, SarahOHara, DigiTauruS…Со темпото на моменталните прегледи, бројката сигурно ќе надмине стотка.

Се известуваат патниците на летот од Солун до Охрид дека авионот успешно слета на аеродромот „Свети Апостол Павле“. Можете да ги откопчате безбедносните ремени. Вратите наскоро ќе се отворат.

Се смешкам кон екранот, „You silly“, пишувам на тастатурата со брзина за во „Гинис“ (само за споредба, рекордот за најбрзо пишување на тастатура во светот е 85 зборови во минута). Не му обрнувам внимание на ‘ркнувањето од исправениот човек кој до пред малку беше мој сопатник, занесена во контекстот на коментарот. Сака да излезе. Понесена од него станувам и јас и чекам малку поназад да се подрасчисти метежот. Chaos. Ги ставам очилата за сонце со розово-златни стакла. Надвор мириса на нова временска зона. Ова е моето прво интерконтинентално патување сама. Баба ми е стара, пардон-повозрасна, според age appropriate термините (иако баш е младолика), и ја уверив дека со помош на мобилниот телефон лесно ќе се снајдам низ малечкиот град каков што е Охрид. Ја убедив дека е непотребно да се малтретира до аеродром и да плаќа такси во две насоки: „Не заборавај, бабоооу, живеам во Сидни. Не мора да ме пречекаш. Ти знаеш што треба да спремиш за да бидам среќна“.

Ја влечам својата рачна торба со тркалца и паралелно типкам на тастатурата. Ми пишала Сара. Сака да знае дали стигнав безбедно. Еве ја и мајка ми. Ама ќе почека, мора најпрвин да ѝ се исповедам на Сара за згодното момче што седеше на 15б во „боингот“ и со кое скришум се шмекавме. Го притискам прозорчето на Сара, автоматски минимизирајќи го тоа на мајка ми. Бејби пудрата и ББ –кремот го одржуваат будно моето лице и покрај триесет и шестчасовниот лет и неколкуте прекачувања, патем. Но, еден краток поглед кон стаклото на најблискиот шалтер ми ја обелоденува ужасната состојба на мојата коса. Во чантичето, закачено на ременот од кратките панталони, пребарувам ластиче за да ја фатам по брза постапка. Очилата ги прибирам во рачната торбичка со толкаво внимание небаре на неа пишува „кршливо“, по што ја спуштам рачката. Со последен поглед ја скенирам фризурата и пуштам две перчиња како рамки околу формата на моето лице пред да се насмевнам задоволно. Потоа застанувам и чекам до подвижната лента, погледнувајќи во телефонот.

 

***

 

„Роботот 1971“, Бобан Богатиновски, - Куманово, самостојно издание

 

Роботот се присети на последниот сервис во кој работеше. Сервисот за суштества кои имаа проблеми со програмите на нивниот ум.

Системот наводно имаше најдено нови посовршени модели на роботи што требаше да ја превземат неговата улога.

Преку ноќ му ги имаа изнесено личните работи од канцеларијата... ефтините ѕидни слики што стоеја на фотографијата од интервјуто во неделникот, книги, прирачници за сервисирање... Сигурно го нашле и шпилот карти и порно видеото што му го остави едно разболено, старо суштество. Всушност, тоа не беше класично апсење, туку полициска интервенција и притисок да ја напушти канцеларијата во која работеше последните три години.

Совршено ги реши тестовите за психичката подобност, го направи најдобриот тест во дотогашната кариера на испитувачот, но неговата претпоставена тестот не го призна, прогласувајќи го за Его идеал.

Истражувањето на свеста на суштествата не донесе некои опипливи резултати, пак беше на почетокот, а времето неповратно минуваше.

Остануваше опцијата да отвори сопствен сервис, или да замине некаде, во друга држава. Да се биде сервисер носеше извесна гордост, но на роботот тоа ништо не му значеше зашто одамна се имаше докажано во претходните Сервиси за разболени суштества. Суштествата го ословуваа по неговата титула и ништо повеќе... многу од нив беа на работ од егзистенцијата и не можеа да ја платат вистинската цена на услугата.

Ни самиот не знаеше зошто остана толку долго во Психо-сервисот... по инерција?!... од љубов?! Деградацијата настапи по една година, реагираше, но немаше никаков ефект...

Чекаше, во меѓувреме ги сменија правилата на играта, повторно испадна, собираше некакви безначајни информации, искуства без врска... времето поминуваше... настапи тотална деградација... од помошник го уназадија во волонтер.

Како знак на револт уринираше ноќе врз големото дрво посадено сред дворот на Големиот Сервис.

Најпосле заклучи дека не се гледа себе во таа улога, крајното достигнување му се виде некако мал подвиг, совршенството и онака го имаше постигнато. Објави сериозен научен труд, но и тоа немаше никакви ефекти... Можностите набрзо се исцрпија.

Гледаше во соголеното дрво преку прозорецот мислејќи на класичниот тест: ...нацртај Дрво.

Нормален. Луд.

Никој не можеше да знае што се крие во нечиј ум и како ќе изреагира во соодветна ситуација. Информациите секогаш доцна стигаа.

Аутопсијата покажала чуден сооднос на сивата и белата маса на мозокот. Неупотребливи информации имаше цел куп. Истражуваше безрезервно во тој правец. Првин требаше да докаже дека самиот е нормален и дека е повикан да биде прототип по кој треба да се раководат другите. Ги имаше излечено своите слаби точки. Постоеја правила што допрва требаше да ги научи. Направи фотографија и неговата лична карта ја покажа својата темна позадина.

Контролата можеше да побегне во секој момент.

Дали и самиот е дораснат за ситуацијата...?!

Ја владееше ситуацијата, тоа беше несомнено. Имаше огромна домашна библиотека, секоја недела гледаше по 20-тина филма од новата продукција. Потребна беше само силна самоконтрола.

Веруваше во себе, секако. Секоја ситуација беше нов предизвик. Почна интензивно да вежба боречки вештини за да се самозаштити.

Суштествата провоцираа. Имаше пречки, секако. Колективот беше голем. За секого имаше посебно мислење.

Според законите на природниот след требаше некого да наследи.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.