Империјата на злото како светска морална вертикала

14.04.2025 14:22
Империјата на злото како светска морална вертикала

 

Крајот на кусиот 20 век, кој траеше од 1914 до 1991 година, беше проследен со незамислива експлозија на културно-историската супернова, што најдрастично експлодираше во главите на жителите на постсоцијалистичките земји, но направи вистински русвај и во мозоците на луѓето од целиот „развиен“ свет и пошироко.

Оваа когнитивна експлозија ослободи невидени пропагандни и дезинформациски енергии што ги кренаа високо во стратосфера буквално сите историски, идентитетски, политички, морални, па дури и естетски системи на вредности. За кусо време овој вредносен чад, во форма на темен облак како за црн нуклеарен дожд, се слегна назад на земјата, но овојпат вредносните системи се изместија со главите долу зариени во почвата и со распуканите жолтозелени табани ко исушени пити кашкавал гордо исправени нагоре.

Од тој преран почеток на 21 век сите ние, жителите на северноатлантската интересна хемисфера, бевме изложени на најмоќната и на најефикасната пропагандна обработка на мозоци во човечката историја. Оваа чудовишна акција за перење на мозоци имаше за цел сè што паметевме дека било добро да стане лошо, а сè што презиравме или го сметавме за отровно да стане добро и пожелно. Ова смртоносно когнитивно салто се беше извршило и врз целиот морален спектар на вредности, и тоа по истиот терк, со свртување за 180 степени.


 

Чесното стана нечесно

Сè што сметавме за нечесно стана чесно, и обратно: она што го сметавме половина век за добро, доблесно и чесно, стана ако не баш нечесно а она неупотребливо, глупаво и анахроно. Од модернистичкото стоичко „помалку е повеќе“, кое цел век беше и естетички и етички идеал, прејдовме на неолибералистичкото „само повеќе си е повеќе“, кое сите вредности ги конвертираше во едната парична, и сите квалитети ги претвори во квантитет. Материјалниот раст стана единствената пожелна иднина, практично единствениот прифатлив начин на општественото постоење, а профитот бидна основниот услов на смислата на постоењето. Без профит не (треба да) воопшто да се постои, а неприфаќањето на пропаѓањето се одразува и во вообичаената службена употреба на оксиморони во економијата, каде што падот односно удолната линија на намалување (на производството или вредноста) се нарекува „негативен раст“.

На ист начин, САД – суперсилата што победи во Студената војна и стана единствениот политички, економски и воен планетарен хегемон – за која претходно аргументирано и информирано сите знаевме дека е сурова капиталистичка империја на неправдата и нееднаквоста, што ги поддржува сите диктатури и човекојадачки автократски режими во светот, тоа чудовиште безмалку преку ноќ стана „лидер на слободниот свет“. САД наеднаш станаа најстарата и најразвиена демократија на планетата, огледен пример за владеење на правото и демократските процедури и, најневеројатно од сè, Империјата стана морална вертикала на светот и најжесток борец за човечки права во улога на светски морален и политички полицаец.

Целокупниот воено-индустриски-политички-академски-образовен и медиумски естаблишмент на „развиениот свет“, на рајскиот остров опкружен со џунгла, веќе четири децении ја повторува мантрата за моралното, демократското и секое друго совршенство на САД, како да е тоа сосем неспорно, и само по себе разбирливо и очигледно. Единствениот проблем во оваа современа сеприсутна и севажечка парадигма, е што е таа тотално лажна. И тоа лажна за сите 180 степени колку што е отклонета од вистината.



Планината докази дека САД се токму обратното од она што сите денес смеат да го помислат и искажат, при што дури сите се убедени дека е тоа вистината до која самите доброволно дошле (што е дефиниција за совршен тоталитаризам, кога потчинетите се убедени дека се слободни и со слободна волја и мисла), на концизен начин е изложена од извонредниот Џејсон Хикел во неговата статија „Не, САД не се „светилник на демократијата“ (македонскиот превод е достапен на незаменливиот портал „Окно“). Ќе преземам некои податоци од Хикел, и ќе ги подзавиткам малку и со моите скромни сознанија за историјата на Империјата.

Елем, Соединетите Американски Држави не биле ниту основани како демократија, а тоа потоа не биле ниту секунда од своето постоење до денешен ден. САД биле создадени како суров апартхејд режим, робовладетелска држава, со „институционализирана нееднаквост врз основа на раса, пол и класа, управуван како олигархија“. Правото на глас го имале само белите мажи со имот, околу 6 насто од населението, додека сиромашните, работничката класа, жените и сите луѓе со потемна кожа немале право на глас. Практично сите африкански црнци биле робови во најсуровата смисла на зборот, а сето домородно население било уништено по пат на планиран геноцид и етничко чистење некогаш управувано и секогаш помагано од страна на владата на САД.

Имотното ограничување за правото на глас било укинато дури 1856 година, жените добиле право на глас 1920, домородните Американци дури 1948, а апартхејд режимот бил укинат во доцната 1965. При што мора да се земе предвид дека се ова само датуми на законските решенија, додека вистински функционалното општо право на глас не е постигнато – ниту од далеку! – до денешен ден. Системот на таканаречената „претставничка демократија“ е лажна псевдодемократска претстава во која двете партии наизменично си ја префрлаат власта, при што и двете имаат иста идеолошка подлога и програма. Имено, и демократите и републиканците се партии што се финансирани и ги бранат интересите на крупниот капитал, а политичкиот систем е „облик на институционализирана корупција“ во која владее анонимна олигархија на најбогатите што донира неограничени суми пари во финансирањето на политичките кампањи. Освен грандиозната пропаганда што е главното оружје на тоталитаристичките режими, политичкиот систем во САД нема ама баш ништо од вистинската демократија.


 

Екстремна нееднаквост

Вистинска слика за непостоењето на демократијата во САД е екстремната имотна нееднаквост што станува се поекстремна како минува времето, и што има историски пандан само во апсолутистичките робовладетелски системи од минатото. Доказ за ова е неверојатното богатење на најимотниот 0,1 процент од населението, кој во 1990 поседувал 6 насто од вкупното национално богатство на Америка, додека 2024 година овој илјадити дел од населението поседува безмалку 15 насто од вкупното богатство на земјата. Најбогатите 1 насто во Империјата поседуваат 34 насто од вкупното богатство на земјата, а горните 2 насто ја поседуваат половината од богатството на најбогатата земја на светот. Од ова произлегува и дека другата половина од богатството на САД ја делат 98 насто од населението, што е структура на олигархија од фараонски тип.

САД се непрекинато ангажирани во воени конфликти, првин за освојување на американскиот континент, а последниот век и кусур за освојување и доминација на планетата Земја. Од 1776 година до денес се забележани дури 126 големи воени конфликти во кои директно учествувале, додека на индиректните учества, прокси војните и асистираните конфликти им нема број. И, со исклучок на Втората светска војна во 20 век во која САД во Европа се вклучија пред нејзиниот крај на страна на победникот – Советскиот Сојуз, САД без исклучок војуваат на погрешната страна и за нечесна империјалистичка или колонијална кауза.



Понатаму, САД редовно се мешаат, комплотираат, финансираат и интервенираат во странски избори, најчесто со цел да помогнат десничарски режими и да спречат левичарски партии да дојдат или да останат на власт. Студијата на Дов Левин документира најмалку 128 такви подли интервенции помеѓу 1946 и 2014 година. Во помагањето на колонијалните режими, апартхејд држави и во борбата против ослободителните движења од деколонизацијата во минатиот век, САД не промашија буквално ниту еднаш: секогаш беа на страна на диктатурите, расистите и угнетувачите, при што дури 75 насто од сите диктатури на планетата имаа и денес ја уживаат воената помош на Империјата. Денес САД (заедно со натоизираната ЕУ) воено и финансиски го овозможуваат меѓусебното братоубивање на Русите и Украинците, и се 100 насто овозможувачи и соучесници во неподносливо богато документираниот геноцид и етничко измачување и истребување на Палестинците во Газа.

И за крај, реторичкото прашање: колку човек треба да е ментално и морално декомпониран за и покрај сите овие широко познати факти за САД, и понатаму да ја смета Империјата за огледна демократија, идеален систем на владеење на правото, меѓународен бранител на човековите права и воопшто, за моралната вертикала на светската политичка сцена?



Слики: MORO (Куба)

Извор за текстот: Слободен печат

САД / Америка / Moro

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Карикатури / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото