1011 hPa
82 %

15 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 08:59
Неколку постари демократи во американскиот Сенат побараа од федералната Комисија за хартии од вредност да истражи дали Доналд Трамп ги прекршил законите и учествувал во инсајдерска трговија и манипулација со пазарот кога ја променил својата одлука за царините.
„Ја повикуваме Комисијата да истражи дали благодарение на најавите за воведување царини, кои предизвикаа пазарен колапс и подоцнежно делумно опоравување, инсајдери и пријатели на власта стекнале корист на штета на американските граѓани и дали некои инсајдери, вклучувајќи членови на претседателовото семејство, имале претходни сознанија за паузирањето на царините, кои ги злоупотребиле за да тргуваат со акции пред одлуката на претседателот“, се наведува во писмото што го иницираше сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен.
Трамп во средата наутро на својата социјална мрежа објави: „ОВА Е ОДЛИЧЕН МОМЕНТ ЗА КУПУВАЊЕ!!!“ Објавата беше напишана во време на изразено нестабилни пазарни трендови и пад на американските индекси.
Неколку часа по објавата, американскиот претседател ненадејно најави 90-дневна пауза за низа царини. Потегот за само неколку минути го подигна американскиот индекс S&P 500 за неколку процентни поени. Најпосле, средата беше најдобриот ден за S&P 500 од опоравувањето по финансиската криза во 2008-та година.
Меѓу потписниците на писмото до Комисијата се и лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер, членот на финансискиот комитет Рон Вајден, сенаторите Марк Кели и Рубен Галего од Аризона и Адам Шиф од Калифорнија.
Сенаторите го обвинија Трамп дека најавил „серија недоследни, непромислени царини, кои довеле до значителни пазарни превирања“, и додадоа: „Како директен резултат на овој хаос, американските финансиски пазари доживеаја драматичен пад за само неколку дена.“
Во писмото се напоменува: „Нејасно е кои од официјалните лица и соработниците на претседателот Трамп однапред знаеле за неговите планови да ја одложи примената на царините – но инсајдерите можеле да знаат дека тој ќе го објави одложувањето и дека берзата ќе се опорави.“
Исто така, сенаторите укажаа на постапките на администрацијата на Трамп со кои се ослабуваат овластувањата на Комисијата за хартии од вредност и побараа одговор за последиците од неодамнешната одлука за намалување на бројот на вработени во федералните служби и како тоа влијае на способноста на Комисијата да „истражува и спроведува законски дејства“, како и „да ги следи и да реагира на пазарните настани од големи размери“.
Карикатури: Becs
Извор: https://www.theguardian.com/