1010 hPa
88 %

14 °C
Скопје - Чет, 24.04.2025 07:59
Во организација на Сојузот на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, се одржа 13. издание на традиционалната Авицена Женска трка. Приближно 3000 учеснички од девет возрасни категории се појавија на стартот на кружната трка во должина од 3 километри, во близина на фонтаната „Лотос“, испраќајќи силна порака за женска солидарност, мотивација и поддршка.
„Авицена Женската трка и оваа година ја пренесе пораката дека здравиот начин на живот е најважен. Горда сум, веќе 13 години, оти успеваме да мотивираме голем број жени, љубители на спортот, да излезат и да трчаат во името на здравиот живот. ’Авицена Женската трка’ дефинитивно прерасна во традиционална спортска манифестација, со што искрено се надевам дека бројот на учеснички на следното јубилејно издание ќе биде уште поголем“, изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.
Најбрза на годинашното издание на трката беше Теа Божиновска од Атлетскиот клуб „Скопски маратон“, која прва ја помина целта со време од 10 минути и 29 секунди. Второто место ѝ припадна на Фросина Михајловска од АК „Аеродром“ со време 10:39 мин, додека третото место ѝ припадна на Дарија Крстевска од АК „Олимп“, со резултат од точно 11 минути.
По завршување на трката, на свечена церемонија беа прогласени најбрзите натпреварувачки, а награди од партнерите на трката добија најдобрите во 9 одделни возрасни категории во кои беа поделени учесничките.
Конечните резултати од овогодинешната Авицена Женска тркаги има на веб-страницата tagtiming.mk.
Поддршка на годинешната Женска трка дадоа и претставниците од Здружението за промоција и поттикнување спортски активности – 091 Run Crew од Скопје.
’Женската трка’ го потврди својот статус како повеќе од спортски настан – таа е симбол на женската моќ, заедништво и промоција на здравиот животен стил. Организаторите изразуваат огромна благодарност до сите учеснички, поддржувачи и партнери, со ветување дека следното издание ќе биде уште помотивирачко и повозбудливо.
Фотографии: Небојша Гелевски