1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Зборот „Европа“ првпат се појавува во митот за истоимената ќерка на феникискиот крал Агенор, на која врховниот бог Зевс ѝ се појавил во облик на бик и ја однел на островот Крит, каде го родила Минос, кралот на Кнос. Херојот Тезеј, наместо да прифати да биде жртвуван на бик-човекот Минотаур што живеел во мракот на лавиринтот во палатата на Минос, успеал да го убие чудовиштето, да се спаси од лавиринтот и подоцна да стане владетел на Атина. Како и секој мит, грчките приказни симболично содржат и заматени зрнца историска вистина за ширењето на првите блискоисточни цивилизации на европскиот континент – Крит и Грција.
Зборот „Европа“ добива специфично значење по Втората светска војна преку називот „Мала Европа“, која опфаќала шест земји на Европската економска заедница. Следните децении се претвора во Европска унија (ЕУ), која се проширува на 27 земји. Ако ги изземеме големите периферни сили што ја опкружуваат ЕУ, како Русија, Турција и Обединетото Кралство, Унијата денес претставува основен облик на блиска политичка и економска интеграција на државите од најголемиот дел на Европа. Но, дали овој облик на европска соработка може, како древниот Тезеј, неоштетен да помине низ сѐ посложениот геополитички и геоекономски лавиринт во Европа и светот?
Францускиот претседател Макрон неодамна предупреди дека „Европа е смртна и може да умре“, мислејќи првенствено на европската интеграција каква што ја познаваме денес. Изборите за Европскиот парламент, како и нивните последици, претставуваат најнов тест за отпорноста на Европската унија, која се соочува со разни предизвици како што се војната во Украина, последователните европски кризи како мигрантската, промените во САД и Кина, климатските промени, новите технологии и др. На прв поглед, резултатите од изборите за Европскиот парламент не носат многу големи новости. Би се рекло дека (сѐ уште) не е остварена метафората од големата поема на Јејтс дека „центарот не може да се одржи, работите се распаѓаат, анархијата се спушта на светот“. Трите центристички групи – Европската народна партија, Социјалдемократите и Либералите (Обнова) – освоија вкупно 406 од 720 места во ЕП, односно 56,3 проценти од мандатите. Од друга страна, евроскептичните десничарски групи (Европски конзервативци, Групата Идентитет и демократија, како и унгарскиот Фидес) вкупно освоија 145 или 19,6 проценти. Тоа е зголемување во однос на претходните избори, но не и драматична промена. Сепак, работите изгледаат поинаку ако се набљудуваат резултатите на радикалната десница во некои држави. Тие партии освоија најмногу гласови дури во осум од 27 земји членки, меѓу кои во Италија, Франција, Австрија, Белгија и Унгарија. Покрај тоа, владејачките проевропски партии постигнаа многу лоши резултати во двете најголеми земји на ЕУ: Франција и Германија.
Најголемиот тековен предизвик за претстојниот европски поредок претставува неочекуваната одлука на францускиот претседател Макрон, кој по сериозниот неуспех на неговата партија реши да организира вонредни парламентарни избори. Оваа одлука би можела да се спореди со некогашната иницијатива на британскиот премиер Камерон, кој неочекувано распиша референдум за статусот на Обединетото Кралство во ЕУ (Брегзит). Во двата случаи се работи за политичко коцкање со висок влог. Во моментот и владејачката партија (Обнова) и нејзиниот лидер (Макрон) се исклучително непопуларни во Франција. Обнова на европските избори освои двојно помалку гласови од десничарската партија Национално обединување на Марин ле Пен.
Кога станува збор за евроскептицизмот, Ле Пен е далеку порадикална од, на пример, „Италијанските браќа“ на Џорџа Мелони, и поблиска до идеите на Виктор Орбан. Во програмата на нејзината партија, која некои ја нарекуваат „фрегзит“, се наоѓаат барања за радикална промена на Договорот за ЕУ и создавање, наместо ЕУ, нов „Сојуз на европски нации“. Меѓу другото, предлозите вклучуваат претворање на Европската комисија во обичен секретаријат, укинување на начелото на примат на правото на ЕУ во однос на националните закони, ревизија на Шенген и зајакнување на националните граници, како и запирање на процесот на проширување на Унијата. Радикална е и нејзината економска програма за Франција, која несомнено би предизвикала бранување во еврозоната.
Европската унија последниве децении покажа висок степен на отпорност на кризи. Сепак, таа е „смртна“, како што изјави Емануел Макрон, а можеби некој нов Минотаур демне во мрачниот агол од политичкиот лавиринт. Може да наведеме барем три различни причини кои би можеле да доведат до трансформација на Унијата до непрепознатливост или дури и до (засега сѐ уште малку веројатно) згаснување на оваа организација: (1) политички распад на стратешката оска Париз-Берлин, која е рбетот на евроинтеграцијата; (2) економски распад на еврозоната поради банкрот (односно бегство на капиталот) на некоја од поголемите економии на ЕУ (на пример, Франција, Италија или Шпанија); (3) распад на правниот систем поради откажување од сегашната улога на Судот на ЕУ и начелото на надреденост на правото на ЕУ во однос на националните закони. Во случај на доаѓање на власт на партијата на Марин ле Пен во Франција, секоја од овие три хипотези може да стане реалност.
Карикатури: Tasos Anastasiou
Извор: https://pulse.rs/