1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Помина еден месец од страшниот пожар во дискотеката во Кочани. На Окно досега објавивме шеесетина прилози за тој настан во кој настрадаа околу 300 луѓе, 61 смртно. Во четвртата мала рекапитулација издвоивме делови од текстовите на Стојан Синадинов, Ѕвездан Георгиевски, Мирослав Грчев, Ерол Ризаов, Душан Стојчев, Ивон Величковски, Горан Марковски, Милка Смилевска, Лина Ќостарова Унковска и Дејвид Кеслер.
Протестен „Марш за Ангелите“ во Кочани
На 5 април, дваесетина дена по трагедијата во Кочани, семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“, организираа протест насловен како „Марш за Ангелите“.
Собирно место беше Паркот на Револуцијата во Кочани, а потоа присутните се упатија кон Трговскиот центар, Општината, Одделението за внатрешни работи, сѐ до локацијата на која маршот заврши – Основниот суд и Обвинителството.
Семејствата, заедно со сограѓаните кои се придружија во голем број, движејќи се низ улиците во градот, држејќи фотографии и транспаренти, побараа правда за прерано згаснатите животи на нивните ќерки, синови, внуци, братучеди, другари, сограѓани…
Со фотографии од загинатите, граѓаните со молчење, плач и транспаренти порачаа: „Стоп за селективната правда“, „Коруптивниот систем ги уби нашите деца“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“. Семејствата порачаа дека ќе се борат до крај за правда за своите деца и нема да застанат ниту за момент.
Стојан Синадинов, Вистиномер / Окно
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март годинава, која досега резултираше со 61 починато лице и околу 200 повредени, предизвика оправдан револт меѓу блиските на настраданите и граѓаните воопшто, кои започнаа со серија протести.
Меѓутоа, веќе по првиот одржан мирен протест на скопскиот плоштад, со кој им се оддаде почит на загинатите во трагедијата во Кочани, на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, започна канонада од етикетирањата дека наводно се прават обиди за спроведување на „српско сценарио“ во Северна Македонија, по урнекот на споменатите студентски протести во Србија против власта на Вучиќ.
Од каде сега прелевање на „српско сценарио“ кај нас, кога студентските протести во Србија беа озлогласени како „македонско сценарио“? Можеме ли да препознаеме класична „Фројдовска грешка“ во провладините медиуми и профили на социјалните мрежи кои во протестите иницирани од револтот заради трагедијата во Кочани бараат „српско сценарио“, а истовремено студентските протести во Србија, меѓу другото, се обвинувани дека се реализираат според „македонско сценарио“?
Ѕвездан Георгиевски, Призма
Секој израз на незадоволство е протолкуван како желба или борба за власт. Во таа пропаганда уште играат улога веќе непостоечката УСАИД, потоа деактивираниот Сорос, па недефинирани или неидентификувани странски служби и светски заговори.
Па, уште ќе се привикаат „злите духови“ на Шарената револуција, небаре не беше тоа инстинктивен отпор кон тиранијата и диктатурата. Небаре тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов не амнестираше сѐ уште неосудени функционери. Небаре Мартин Нешкоски не беше убиен на некаква изборна прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Небаре не се испраа никакви пари преку стиропор-проектот „Скопје 2014“. Или не се раскрчи тешко засадената шума на Водно за да се направи пат до никаде.
Ваквата реторика автоматски подразбира дека нашите институции можеби не се совршени, ама се наши. И ние навиваме за нив, па какви и да се тие. Со други зборови, секој критички глас автоматски се толкува за предавство на националните интереси. Оттука произлегува дека нашите национални интереси се поткупливоста на функционерите и нивната неказнивост. Плус патните трошоци на народните пратеници.
Инфомакс
ВИСТИНСКИТЕ ХЕРОИ ОД КОЧАНИ
– Шоферите на Брзата помош од кои едниот заврши на кардиологија, а другиот во Јесеново.
– Полицајците кои вадеа повредени колеги и деца починати и повредени, на колеги; кои во болницата миеле повредени, менувале инфузии и преврзувале.
– Командирот на пожарната во Кочани кој е во болница.
– Дечките од Црвениот крст, пред сè од Кочани.
– Матичните лекари и медицински сестри од кочанско и виничко.
– Доброволните пожарникари од Кочани кои од џеб даваат пари за да имаат гориво за возилата и за нивна регистрација; оние кои плаќаат данок на државата за увоз на пожарникарски камиони.
– Кочанските таксисти кои беа ударна сила при транспортот до кочанската болница на многу повредени и починати.
– Цивилите кои со сопствени возила однесоа повредени луѓе директно за Скопје.
– Детето од Македонска Каменица кое извлече неколку преживеани лица, кои сведочат како биле спасени од него.
– Филип, Андреј, Марко, Никола, Давор, Илија, Петар, Игор, Мирче, Давид, Борис… и низа други дечки кои од дома дошле и извлекле десетици лица ризикувајќи го своите животи; некои од нив сега се по болниците.
– Родителите кои го загубија второто свое дете, откако пред неколку години во странство им била убиена ќерката.
– Родителите на чии раце пред болницата на клупа им починаа деца.
– Докторките, докторите и медицинските сестри кои сопствените деца таа кобна ноќ ги примале за згрижување.
– Дечки кои скршиле ѕид од гипс и ослободиле простор меѓу ходникот и излезната врата, потег со кој се спасиле многумина.
– Мајката на која ѝ пукна водењакот кога дозна дека сопругот е починат; се породи два дена подоцна.
Има уште многу други и знајни и незнајни херои на дело, за кои треба да знаеме и да се сеќаваме на нив.
Душан Стојчев, Фејсбук / Окно
Суштински, уште повеќе луѓе се погодени од овој настан, ако се земе предвид дека секоја од тие 296 жртви околу себе има барем уште по неколку членови на семејство или сакани луѓе, кои нивната смрт или тешки повреди ги повредила и веројатно со години и децении ќе ги измачува. Простата математика кажува дека над 1000 луѓе се директно погодени од тој пожар поради смртта или повредите на нивни блиски.
Гревот кон 196-те повредени не е помал, иако е со помали последици. Криминалот кон нив не е помалку простлив, само оти имале среќа да останат живи ама тешко повредени. Секој од нив можел, и за жал уште може да биде, дел од починатите 61 луѓе. Оти, за некој да биде жртва од нешто, не е неопходно тој или таа да го загуби животот.
Така што, кога зборуваме за овој настан, многу поблиску до вистината е да се каже дека има 256 жртви, од кои 61 мртви и 196 повредени. Ако сакаме да бидеме попрецизни и почесни, вака сликата станува многу појасна, иако и многу пожална.
***
Баш кога ќе речат НЕ треба да се снима, тогаш ТРЕБА да се снима! Не глумете душебрижништво кога целта ви е само криење на вистината. Цензурата на тагата и траорноста нема да им помогне на жртвите; само ќе ја скрие големината на трагедијата, со што на луѓето ќе им се отежне да стигнат до правдата. Доста терате политички пропаганди преку наводна осетливост и „тага“.
Тагата е вистина и крик, човече! Тагата е плач. Тагата не е тивка и невидлива. Тагата е емпатија; кога ја гледаш кај друг те прави и тебе тажен. Затоа ја закопавте, да не се гледа, оти ја третирате како заразна болест - да не се рашири многу. Вашето решение е да ѝ залепите фластер на тагата и да ја заклучите во некој подрум, никој да не ја гледа.
На погребите требаше да се снима. На кои погреби во светот не се снима?! Сум гледал погреби на вести од Украина, Палестина, Израел, Индија, од секаде. Отворете Јутјуб напишете го настанот кој го барате, меѓу другото ќе видите и сцени од погреби.
Само од Македонија не смее да се види погреб? Види богати. Генијалци ебате.
***
Македонскиот народ е успешно кастриран од секаква способност ефикасно да се организира, зашто го убедија дека треба да биде морално и општествено перфектен, и политички неутрален пред да започне било што.
И народот си мисли дека стварно така треба и почна предвремено да се извинува и да си мава камшици по грбот да ја докаже неговата чистост пред Владетелот.
(„Ама ние стварно не сме од невладини или партии или тајни организации ама стварно верувајте ни се извинуваме однапред за сите погрешни звуци од нашите протести леле многу сме грешни се покајуваме предвреме за секоја непријатност ама ама.“)
Како да треба да си вреден, и да заслужиш за да протестираш?
Како да треба да положиш и државен тест за подобност за да протестираш?
Бог да чува и да брани!
Мирослав Грчев, Слободен печат / Окно
На вмровците им затреперија душите и им се наполнија зборовите со искрени емоции дури откога се почувствуваа изложени на барањата за одговорност, дури откога се уплашија за своите бесценети позиции, и кога почнаа хистерично да ја префрлаат вината налево и надесно. Ова збивтано барање одговорни на сите страни, внимателно по хоризонтала и во широчина, па и длабоко наназад адресирано на претходната власт, имаше само една цел: да ја префрли вината кон кој било друг на хоризонтот, само да е подалеку од нивната љубена вертикала. И на тој начин му ги открија на светот единствените вистински емоции што ги поседуваат, а тоа се безмерната вљубеност во себеси и во моќта со која се здобија доаѓајќи на власт, како и жешката омраза кон сите што ги загрозуваат.
И наместо да ја артикулираат сопствената одговорност за трагичното загрозување на јавната безбедност, што е примарна и веројатно најважна функција на државата и на нејзините први службеници, тие психопати ги набедуваат сите други за сопствените пропусти, а бескрупулозноста на оваа хистерична потера по жртвени јагниња не ги поштеди ни жртвите на пожарот. Наеднаш, во зборовите со кои ја пренасочуваат јароста на јавноста кон потполно небитни и маргинални прекршоци, од кои некои се случиле пред децении, кај премиерот, ресорните министри и кај околната камарила, наеднаш, велам, се појавија прегнантни чувства на божествен праведнички гнев и растреперена емпатија кон сопственото загрозено его.
Ерол Ризаов, Слободен печат
Дали трагедијата во Кочани можеше да биде спречена ако функционираа институциите на системот за кои е надлежна Владата и нејзините институции по девет месеци и на општините безмалку по четири години на власт. На тоа, наместо јасен одговор, се повторува по стопати дневно дека ќе се апсат неселективно наназад 30 години сите виновници за сите големи несреќи што се случиле во Македонија.
Класична релативизација на кочанската трагедија.
На јавноста ѝ се сервираат приказни за лиценци, за корупција, за сѐ што нема врска со фактот зошто не се спречи најголемата трагедија во Македонија, бидејќи, не само таа вечер, имаше повеќе груби прекршувања на законите во кочанското огнено „кабаре“.
Како тоа поранешни началници на полицијата се уапсени, а министерот за внатрешни работи не чувствува ни морална одговорност за експресно да даде неотповиклива оставка. Врз која законска основа се заканите на власта врз медиумите да не се објавуваат снимки и извештаи од траорните настани и погребите? Под закрила да не се политизира трагедијата, па тоа да го дознаваме од странски медиуми.
Ивон Величковски, Фејсбук /Окно
Од денот на трагедијата во Кочани власта на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го води јавниот дискурс околу прашањето „Кој ја издал лиценцата на дискотеката“ – за да го одвлече вниманието од централното прашање: „Кој и за чиј интерес во МВР го толерира ’Пулс’ 13 години“.
Затоа, да се потсетиме на прашањата што веќе трета недела во (медиумското) следење на истрагата се запоставуваат. На пример, за улогата на Агенцијата за обезбедување која го контролира бројот на гости во објектот, сосе прашањето кој ја лиценцирал, и за одговорноста на проектантот на објектот и одговорноста за неговото лиценцирање.
Со објавите на социјалните мрежи од бројни настани во „Пулс“ стана јасно дека практично нема повисок полициски функционер од Кочани и Штип кој не бил гостин во дискотеката. Но, никој не одговара на прашањата:
- Како „Пулс“ работи иако фирмата што ја управува дискотеката има блокирана сметка. Како исплатувала плати? Објектот бил „пломбиран“. Па кој ја отстранил „пломбата“ и објектот продолжил со работа? Ова е прашање што ја инволвира и УЈП.
- Како полициски службеници го толерираат работењето на „Пулс“ вклучително и денот на кобниот настан, и покрај пријавите за присуство на малолетници и употребата на пиротехнички материјал без притоа со него да оперира овластен/лиценциран оператор?
Затоа, да ја прекинеме шарадата наречена „Сите се виновни освен МВР“.
Припадници на МВР се присутни во „Пулс“ и на трагичната вечер. Само по основа на присуство на малолетници и нелегална употреба на пиротехника – концертот требало да биде прекинат. Како и настаните организирани таму во сите претходни прилики.
Горан Марковски, Бизнис 21 / Окно
Постојат точно наведени критериуми за тоа какви мораат да бидат објектите кои се користат како ноќни клубови. Треба да бидат механички стабилни, значи носиви, стабилни, отпорни на земјотрес и на пожарно дејство, а секако да имаат и санитарно-технички услови. Пожарното дејство е точно наведено; дефинирано е дека за да бидат отпорни на пожарно дејство во нив треба да бидат вградени материјали отпорни на пожар и кои не горат. Сунѓер и стиропор не само што лесно горат, туку предизвикуваат огромна густина чад при што се испушта и цијанид, односно киселина на цијанид; знаеме тој цијанид, еден од најстрашните отрови за човекот, каде и како се користел во минатото.
Ова е доказ на тезата дека нашиов систем буквално си ги уби своите деца, оние што не успеа да ги истера надвор од државата. Тој почна да ни ги убива децата, и сведоци сме дека такви случаи во последниов период има многу.
Милка Смилевска, Фејсбук / Окно
Владата на 19 март, за време на деновите на жалост, склучува договор од 370.000 евра (22.857. 964 денари) со фирма за маркетинг Маркет Висион од Скопје, за да си го мери рејтингот.
РЕЈТИНГОТ е секогаш најважен, дури и во деновите на жалост!
А пари за опрема за пожарникарите ќе нема и годинава?!
Или ќе чекаат пожарникарите како милостина да добијат користена опрема од пријателски земји?! Како и досега!
Лина Ќостарова Унковска, Окно
На една од дебрифинг сесиите со професионалните помагачи во трагедијата што ја погоди целата наша заедница, на прашањето што најмногу ве погоди, имаше најразлични и многу болни одговори. Еден од нив беше: „Најмногу од сè ме погоди третманот на децата и младите во заедницата, нивното последно, невидливо место во оваа заостаната и во секој поглед нестабилна, небезбедна, рудиментарно груба и негрижлива средина“.
Токму тоа последно место што одамна им го доделивме на младите, секогаш во името на „грижа“ и „за нивно добро“, наеднаш стана толку страотно небезбедна средина. Се случи несреќа која посведочи за нашата лежерност во нормализација на ризиците на кои сме изложени сите, но младите беа тие кои беа жртвувани, меѓу другото и затоа што се толку адаптирани на таквите услови на живеење што без двоумење ги преземаат како личен избор, кој не се доведува во прашање, и никогаш не го поминал прагот на потребата за самозаштита. Го гледаме тоа во нормализација на моделите на насилството што им ги нудиме, во толеранцијата на лошите и загадени услови во кои тие живеат и учат (улиците, училиштата, домовите ...), местата во кои се забавуваат и дружат (дискотеки, игралишта...), се движат и патуваат (улици, автомобили, јавен превоз), спортуваат и се рекреираат. Целиот нивни свет, силно опасен.
Таа чудовишна леснотија на нормализирана изложеност на сите можни ризици по развој и живот, која им ја нудиме како „безбедна“ средина, е непримерна за ниту една заедница на учење и развој.
Несреќата покажа и уште покажува дека со таквата зададена позиција на младите во општеството, сме им го зацврстиле местото и улогата на пасивни, слаби, неумешни, често и недоветни, корисници на нашите заглавени идеи за тоа што е за нив најдобро, и како треба да изгледа нивниот живот, и иднина. За целата таа „божемна“ грижа да биде манипулативно условена со послушност и лојалност, во замена за нашето прифаќање и и поддршка. Најлесната манипулација со она што на младите им е најпотребно - приврзаноста и припадноста на зедницата, без која не можат да опстанат.
Дејвид Кеслер, Окно
Кога тагуваме имаме потреба нашата болка да биде посведочена и одразена од околината. Но, во нашиот премногу зафатен свет, тагата е сведена на минимум и е „стерилизирана“. Добивате само три слободни денови од работа кога ќе загубите блиска личност, а потоа сите очекуваат да продолжите како ништо да не се случило. Има сè помалку можности другите да сведочат за вашата болка, а тоа може да биде многу изолирачко искуство.
Додека бев на турнеја во Австралија, запознав една истражувачка што ги проучуваше начините на живот во северните домородни села на Австралија. Еден жител ѝ кажал дека ноќта кога некој ќе умре, сите во селото преместуваат дел од мебел или некој друг предмет во својот двор. Кога ожалостеното семејство ќе се разбуди следното утро и ќе погледне надвор, ќе види дека сè се сменило од смртта на нивниот најблизок – не само за нив, туку за сите. Така овие заедници ја одразуваат и споделуваат тагата. На видлив начин покажуваат дека нечие заминување е важно. Загубата станува видлива.
И во нашата земја некогаш било вообичаено да се собираме како заедница за да ја споделиме тагата со оној што загубил некој близок. Но, во денешната култура, ожалостениот човек има чувство дека, иако неговиот свет се распаднал, светот на сите други продолжува како ништо да не се случило. Постојат премалку ритуали за да се одбележи жалоста и за неа се посветува премалку време.
Тагата треба да нè обединува. Таа е универзално искуство. Ако разговарам со некој што има физички здравствен проблем, можам да слушам и да сочувствувам, но можеби никогаш нема да го имам тој конкретен проблем. Но, кога сум со некој што загубил сакана личност, знам дека еден ден и јас ќе бидам на негово место и се обидувам да разберам како се чувствува. Не за да го променам тоа—туку за да го спознаам.
Слики: Andreas Leikauf