1015 hPa
62 %

11 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 21:59
Веќе на сите им е добро позната идеолошката подлога на новата американска администрација. Не, тоа (сè уште) не е рамната Земја, туку враќањето на библиските вредности и вистини. Во настојувањето тоа да се оствари што побрзо, водечките американски универзитети беа прогласени за извор на сите зла, како што се инклузивноста, транссексуалноста, хомосексуалноста, еднаквоста меѓу мажите и жените и многу други. Универзитетските професори јасно и гласно беа прогласени за непријатели.
Но таквата реторика е присутна за да ги задоволи оние педесетина проценти гласачи на Доналд Трамп. Вистинските причини за укинувањето на голем дел од научните истражувања во медицината, климата, астрономијата и општествените науки лежат во фактот што тие укажуваа дека мора радикално да се смени начинот на користење на ресурсите на планетата, како и на човечките ресурси, доколку сакаме да ја зачуваме цивилизацијата, и во најцрното сценарио, човечкиот род. А тоа значи темелна промена на капитализмот како доминантен работен модел во светот. На краток рок, таквите заклучоци многу болат, па најдобро е едноставно да се игнорираат, да се прогласат за невистини или за заговори на истите професори и елитните универзитети.
Во тој контекст беше покрената лавина укинувања за финансирање проекти и институции кои со своите предавања и истражувања ја загрозуваат новата конзервативна програма, а всушност укажуваат на штетноста на новата парадигма воспоставена под републиканскиот слоган „буши, само буши“ (drill baby drill), што значи поттикнување на што поголемо барање и експлоатација на нафтата и гасот.
Во таа парадигма светот е едноставно место – а кој не го сака едноставното? Во неа нема климатски промени, човечките суштества се исклучиво или мажи или жени, не постојат никакви природни варијации на сексуалноста освен како болести кои треба да се лекуваат, еволуцијата на живите суштества е само една од можните недокажани теории за потеклото на човекот и е во директна спротивност со она што го пишува во светите христијански списи.
За среќа, во самата администрација постојат кругови кои не ги поддржуваат таквите ставови. Тоа е видливо од фактот дека списанието Nature пред неколку дена доби документи од анонимен извор за нови кратења што Трамп планира да ги направи во вселенската агенција НАСА и Националната агенција за океани и атмосфера (NOAA). Во фискалната 2026-та година, планирано е научниот буџет на НАСА речиси да се преполови, а за NOAA да се намали за 27 проценти. Станува збор за голем финансиски удар, и притоа ќе бидат загрозени многу програми, од кои треба да се истакнат проектите за моделирање на климата, лансирање нов телескоп во вселената и развој на контрола на сообраќајот од вселената.
Сето тоа се однесува на финансирањето од федералните средства. Еден дел од универзитетите има доволно финансиска моќ за да се спротивстави на уцените од федералната администрација. На пример, тоа го направи универзитетот Харвард кој одби да ги исполни барањата за промени во своите програми и така изгуби значителни федерални финансии.
Дали таквите острови на науката и рационалноста ќе успеат да опстанат во растечката плима на христијанскиот конзервативизам и догматизам во САД? Да се надеваме дека ќе успеат. Но ако Трамп успее во она што го вети во изборната кампања – а тоа е дека следни избори нема ни да има – тогаш можеме да бидеме сигурни дека ќе дојде и до огромни клади со неподобни книги.
Сето тоа беше познато и пред изборите. Дури и уште повеќе имајќи го предвид фактот што зад Трамп застанаа речиси сите најбогати луѓе во светот. Тие луѓе своето богатство го стекнаа развивајќи или користејќи ги резултатите од науката и напредните технологии. Дали поверуваа дека ќе можат да управуваат со Трамп, исто како што и најбогатите индустријалци на Германија веруваа дека ќе управуваат со Хитлер додека се искачуваше во власта? Знаеме што се случи во вториов случај.
Се плашам дека дури и ако сега сите тие богаташи му го свртат грбот, тоа нема да значи ништо. Тие луѓе и онака не ги сака гласачкото тело на Доналд Трамп. Дали намерно или случајно, Трамп успеа целосно да го уништи угледот на Елон Маск и притоа да го искористи како алатка за отпуштање илјадници вработени во федералните институции. Токму Маск е и љубител на нацизмот, поддржувач на профашистички и најконзервативни европски движења и партии. Заедно со Трампoвата фасцинација со диктаторите – да се сетиме само на пораките за Ким Јонг-Ун во првиот мандат – американското општество се соочува со сериозни чекори наназад. А кога таквиот џин се движи наназад, тогаш страдаат и многу други.
Притоа воопшто не ја ни спомнавме економијата.
Карикатури: Derkaoui Abdellah
Извор: https://www.portalnovosti.com/