Кога некомпетентноста станува културна политика

21.04.2025 00:39
Кога некомпетентноста станува културна политика

По девеесетминутното следење на јавниот настап на Министерот за култура на Македонија, невозможно е да не се заклучи дека министерството се соочува со неколку длабоки кризи: на лидерство, стратешка визија и основна информираност. Овој настап, наместо да понуди уверливи насоки за иднината на културниот сектор, го разоткри отсуството на системска мисла, културна чувствителност и административна зрелост.

Прво, министерот очигледно не разбира што значи стратегија за култура. Наместо со информирани ставови и визионерски пристап, настапот беше исполнет со генерализации и незнаење за сложениот процес на развој и имплементација на културна стратегија. Се чини дека не постои никаква свест за долгорочните импликации од носењето политики во културната сфера, ниту за значењето на консултативните процеси со стручната јавност.

Второ, повторно се потврдува македонската реалност каде што дури и кога се донесуваат квалитетни закони, истите остануваат мртво слово на хартија. Наместо да се зборува за механизми на имплементација, за управување со институционалните капацитети и буџетска предвидливост, министерот се задржа на површно уверување дека “ќе биде подобро”.

Трето, најзагрижувачко беше разбирањето (или, поточно, неразбирањето) на поимот „културно наследство“. Со изјави кои граничат со негрижа, министерот демонстрираше целосна неинформираност за тоа како се заштитува, управува и современо се толкува културното наследство. Отсуствуваше и секоја свест за комплексноста на моделите на самooржливост во овој домен — тема која во европските културни политики е веќе стандард, додека кај нас останува далечна и неразбрана.

Четврто, неверојатна беше ароганцијата со која се зборуваше за архитектурата, особено за брутализмот. Притоа, сосема се игнорира фактот дека партијата која го назначи министерот е токму таа што го промовираше и имплементираше најконтроверзниот проект во историјата на македонската култура — Скопје 2014. Ваквото лицемерие, споено со некомпетентност, е срам за институцијата што ја предводи.

Петто, изборот за претставување на Македонија на ЕКСПО Осака е срамен и недостоен. Наместо да се искористи можноста за современа, инклузивна и визуелно јасна презентација на нашата култура, повторно сведочиме на избор коj не комуницира со современиот свет.

Шесто, финансиската визија на министерот е далеку од соодветна за комплексноста на културниот систем. Во време кога Европа префрла сериозни средства во зелени уметности, дигитална трансформација и инклузија, кај нас повторно се зборува за „помош“, а не за развој.

И конечно, целосната неинформираност за европските трендови е алармантна. Да се зема Србија како референтна точка за бројот на национални институции, без воопшто да се споменат други добри примери, како Финска, Норвешка или Холандија, говори за провинцијализам и методолошка неодговорност. Финска, на пример, има над 700 јавни библиотеки, 33 симфониски оркестри и стотици музеи — а има едвај 5,5 милиони жители.

Иако не очекував визионер, сепак очекував минимум културна и институционална одговорност. Очигледно е дека ова раководство нема капацитет за водење културна политика во 21-от век. Чесниот, но и професионално неопходен чекор би бил — оставка, и тоа за доброто на културата, на институциите, и на граѓаните чии пари ја финансираат оваа неспособност.

Карикатури: Marco De Angelis

ОкоБоли главаВицФото