Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

22.04.2025 00:42
 Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

 

„Кум“, Саша Богдан, „Сакам книги“


Нагло ме обли јака светлина кога излегов на плоштадот. Сонцето толку се одбиваше од белите плочки што за момент ослепев. Десно од мене стоеше статуата на Цар Самоил. Сега ми е појасно зошто го ставиле овде. Повторно надгледува и навигира ослепени луѓе, ама сега низ плоштадот.
Му свртев на Мики да му кажам дека сум стигнал. Ми кажа каде да седнам, па се упатив кон кафе барот покрај кејот на Вардар. Кафе барот беше полн, едвај најдов маса за да седнам. Половина од луѓето зборуваа на мобилен и звучеа како да работат од таму. Се појави Мики, со лесен од и опуштени раменици се протна покрај масите и дојде до мене. Имаше накачено на килажа па повеќе не изгледаше ковчесто. Лицето му имаше добиено поинаков облик, јаболчиците му беа ублажени, усните фино вклопени, а погледот му делуваше смирено и некако питомо. Се изгушкавме и нарачавме по едно пиво.
„Нема да ти прават проблем што пиеш алкохол додека си на работа?“
„Пиво не е алкохол. Пиво е Б витамин во течна форма. Еј, не ми се верува дека те гледам. Си се стегнал ептен. Вежбаш?
„Трчам и дигам нешто тегови по дома. Ништо амбициозно“.
„Како бе ништо амбициозно? Јас последен пат имам трчано кога бевме средно. И тоа за да фатам автобус. А единственото нешто што сум дигнал е Мими“, заводлива насмевка му се појави на лицето.
„Еј Мими. Кажи ми нешто повеќе за неа. Ништо не знам, а кум треба да ѝ бидам“, сакав да чујам како се одлучил да стапи во брак, зашто мене сѐ уште ми изгледаше страшно врзувањето со една жена засекогаш.Иако долго време бев во врска со Кетрин, помислата на брак ме плашеше. Не бев сигурен дека некогаш во животов ќе се осмелам да се врзам на тој начин. Зборот засекогаш правеше да почувствувам морници по телото.
„Ти си ми мене кум, таа си има старосватица. Добра е Мими, ќе ти се допадне. Многу е паметна, работи во туристичка агенција, всушност колешка му е на Оги, само продава авиокарти, не патува како Оги“, продолжи да објаснува кога ми текна.
„Куферот!“ викнав.
„Каков куфер?“
„А бе куферот не ми стигна, ме потсети сега дека не се јавија.“
„Па што не му свртиш на Оги, сите ги знае на аеродром. Чекај јас ќе му свртам“, веднаш му се јави.
„Ало Оги, еве со Коки седиме... Да бе стигнал, ама без куфер... па затоа те барам, чекај ќе ти го дадам.“
Ми го подаде телефонот и го слушнав Оги.
„Ај добро ни дојде. Слушам добар пречек си имал на аеродром.“
„Да бе, не ми стигна куферот, а еве ги нема ни да се јават.“
„Ај сликни ми го бројчето и прати ми го, ќе ѝ ѕвонам на Невена, да видам до кај се. Слушај морам да прекинам, имаме гужва во агенција, ќе ти јавам за ова.“
„Ќе ти го пратам македонскиот број на Вибер, можеш да ми вртиш на тој.“
„Важи, се слушаме.“
Спуштив и му го вратив телефонот на Мики. Го најдов бројчето во паричникот, го сликнав и му го пратив на Оги.
„Ете таа работа ја средивме, друго нешто имаш изгубено да бараме? Џоле сигурно си го наоѓаш бар за мочање хаха.“
„А бе што ви е на сите денес?“
„Што бе Коки, па после Биби ништо не си пријавил“
„Добро, еве и тебе да ти кажам, имам девојка.“
„Што зборуваш бе? Која е? Од каде е? Да не е црнкиња?“
„Јаооо, ко Сања да ја слушам! Се вика Кетрин, од Њујорк е и не е црнкиња, од бела, побела е. Не дека ми е важно тоа.“
„А ќутиш педерче едно, ние овде те прежаливме, за малку на ЛГБТ парада ќе отидевме во твоја поддршка. Помисливме дека си сменил страна од многу гледање Нетфликс.Замисли ги Тони и Шваба на парадата брат, хахаха, ама беа спремни за тебе, жими се! Сега и ќумур црна да им кажеш дека е, пак ќе им олесни. Едвај чекам да им кажам!“

 

***

 

„Ковчежето со драгите предмети“, Матеј Богдановски, самостојно издание

 

Со реката студентарија, која одвај дочека да заврши часот, излегов од училницата и побрзав низ долгиот ходник накај излезот. Имав обичај, секоја среда, откако ќе завршев со сликањето во ателјеата, да се симнам во училницата во која професорот Вилиќ ги држеше предавањата по историја на уметност. Иако во тој период бев на постдипломски, а часовите беа за втора година додипломски, ги следев бидејќи ми беа интересни, подобро приспособени за ликовни уметници од оние кои ги слушав додека бев додипломец.
Надвор ме дочека ладен декемвриски воздух, кој сепак беше попријатен од задушливата училница. Од капутот го извадив мобилниот. Видов дека имам пропуштен повик од Кети, моја другарка, фотографка. Сигурно сака да ми покаже некои нови фотографии, си реков. Нашето дружење беше креативно и меѓусебно ни се допаѓаше тоа што го работиме.
Ѝ се јавив.
- Ајде да се видиме - ми рече веднаш, без вообичаените „шо праиш, како си“. Имаше необична загриженост и мал страв во нејзиниот глас.
- Зошто? Што? Звучиш некако растреперено.
- Нешто чудно се случува во мојата соба.
- Што се случува?
- Не можам вака по телефон. Дојди кај мене, ќе видиш и сам.
- Во ред. Еве, веднаш доаѓaм.

Одејќи пред мене, таа ја отвори вратата од нејзината соба. Веднаш можеше да се види дека собата е во хаос. Ситните предмети беа расфрлани секаде низ неа, постелнината во креветот растурена. Големиот кафеав орман со отворени вратнички. Со несигурен чекор влегов во собата.
- Што се случило овде? – ја прашав, обидувајќи се и самиот да си дадам некаков одговор.
- Нема да ми веруваш што се случило. Почна од пред некој ден. Прво се појави густа магла. Јас спиев. Кога се разбудив, одвај можев да го видам орманов.Утредента, пред креветот се појави огромна дупка, колку пола од собава. Од креветот зјапав надолу кон темната бездна. Не се осмелив да станам цел ден. Вчера задува јак ветер. Тој ја растури целава соба. Се борев со чаршафите да не ми летнат. Затоа е сѐ вака растурено.
- Навистина неверојатно – не знаев што друго да кажам. На момент помислив да не се шегува со мене. –Знае некој друг за ова?
-Не. Само тебе ти кажувам. Друг нема да ми поверува. Ти дека си уметник, ти можеш да ги разбираш ваквите ситуации.
-Точно е дека сум уметник... но, не сум баш експерт за метеоролошки случувања во спална соба. Не знам како да ти помогнам. Да бидам искрен, ни јас не верувам во ова што го кажуваш. Од подот подигнав обло шишенце со некаква сина течност во него.
-Ако не ми веруваш мене, прашај ги мечето и мачето! - се обидуваше да ме убеди со засилување на гласот.
Погледнав кон мечето и мачето, најобични кадифени играчки што седеа на долгнавестата наткасна до нејзиниот кревет.
-Така беше, навистина! - одговори мечето.
Ова уште повеќе ме збуни. Гледав низ растурената соба, додека Кети ме гледаше во очекување да ја прифатам нејзината приказна.
Одеднаш во собата почна да се формираат облаци. Бели облаци кои изгледаа бенигно, но полека почнаа да се собираат за да формираат густ црн облак, кој сега беше во центарот на собата и се муртеше.
-Гледаш!Ти кажав! – извика и избезумена се качи на креветот. Ја зеде перницата и почна да се бори со облакот. Мавташе лево - десно, но перницата само пропаѓаше низ него, растурајќи ја водената пареа таму кај што ќе удри. Залудно. Облакот за кратко време повторно ќе се консолидираше. Ситни молскавици се појавуваа во неговата утроба. Облакот татнеше. Без никакво предупредување, од него излета една силна молња и удри во креветот. Кети падна на душекот целата во шок. Се обидов и јас да го удрам облакот со старата гитара што ја најдов во собата, но тоа само повеќе го разлути и тој почна да пушта молњи насекаде.Удираа по паркетот, по орманот, по ѕидовите, за на крај, како кулминација на неговиот бес, да почне да врне. Да истура поточно. Собата полека почна да се полни со вода. Водата стануваше сѐ подлабока и потемна. Ветерот ја разбуркуваше и големи бранови почнаа да се удираат од ѕидовите. Кети се качи на прозорецот, но примети дека мечето и мачето плутаат по водата. Некако го победи стравот и се нурна во големите бранови за да ги спаси. Пливавме во разбрануваната вода некое време.