1015 hPa
62 %

11 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 21:59
Огромното богатство и моќта на Америка се темелат на два столба: универзитетите и претпријатијата. Универзитетите создаваат идеи, истражувања и образование – сè она што ја направи земјата Мека за најдобрите умови од целиот свет. Претпријатијата создаваат инвестиции и иновации кои го движат моќниот економски мотор на Америка. Се чини дека претседателот Доналд Трамп е решен да ги уништи и едното и другото.
Однесувањето на Трамп не е изненадување. Неговите идеи за економската политика отсекогаш беа невообичаени, а омразата кон елитните академски институции – кои тој ги смета за извор на „воук“ културата – одамна е позната. Она што е шокантно е фактот дека корпоративните и академските лидери речиси не испуштаат глас.
По победата на Трамп на изборите во ноември минатата година, во деловните кругови завладеа претпазлив оптимизам. Се чинеше дека тоа ќе биде добредојдена промена по Џо Бајден, кој остро настапуваше против приватниот сектор и ги поддржуваше организираниот труд и регулацијата. Од друга страна, Трамп вети ниски даноци и помалку прописи. Неговите изјави за царините беа загрижувачки, но повеќето претпоставуваа дека тоа се само празни закани. Берзата ја поздрави победата на Трамп со нови рекордни вредности на индексите. Техно-милијардерите што ја финансираа кампањата дојдоа да му оддадат почит на инаугурацијата.
Неделите што следеа покажаа дека нема место за оптимизам. Трамп ја нападна економијата со низа проблематични потези, што доведе до загуби на американските берзи поголеми од добивките по ноемвриската победа. Тешко е да се каже кој потег беше поштетен: високите царини наметнати на најблиските сојузници на САД (Канада, Мексико и Европа), или постојаното фалење, закани и казнување преку трговската политика, што резултираше со зголемување на показателите за економска несигурност на нивоа повисоки од оние за време на глобалната финансиска криза во 2008-та година.
За да биде уште полошо, Министерството за ефикасност на државната управа на Елон Маск направи хаос во федералната администрација, кршејќи основни законски начела и отпуштајќи повеќе од 100.000 државни службеници. Можеби укинувањето на помошта за странство и може да се оправда со некаква ладна економска логика, но оваа администрација воедно необјасниво го укина и финансирањето во земјата за фундаментални истражувања во многу области – од медицинските и биолошките науки до образованието.
Американските деловни лидери веќе би требало да разберат дека Трамп е очигледна и непосредна закана за системот во кој го стекнале своето богатство. Колку и да се штетни неговите непостојани трговски политики, таа закана избледува во споредба со заканата по темелните институции кои се неопходни за успешно функционирање на пазарната економија: владеење на правото, поделба на власта, државни инвестиции во науката и иновациите, јавна инфраструктура и стабилни и пријателски односи со земји со слични уверувања.
Голем дел од успехот на Маск се должи токму на овие институции. Без добро темпиран државен заем, компанијата Тесла ќе беше банкротирана; SpaceX доби десетици милијарди долари преку државни договори. Сепак, Трамп го отфрли сето тоа во корист на планот кој не нуди никаква кохерентна стратегија, а камо ли решенија за проблемите во земјата.
Заканата на Трамп кон американската академска заедница е уште поочигледна. Државната поддршка за фундаментални медицински истражувања е значително намалена, а под маската на борбата против антисемитизмот, самоволно им се ускратуваат средства на некои од водечките универзитети во земјата. Колумбија и Џон Хопкинс беа првите мети, но и други универзитети (вклучувајќи го и мојот Харвард) исто така се под удар.
Кога се напаѓаат темелните институции на демократијата, оние што ги водат најголемите компании и академските организации имаат должност да проговорат. Но, тоа не го прават ниту деловните лидери, ниту ректорите на универзитетите. Наместо тоа, изгледа дека го избрале она што харвардските политиколози Рајан Д. Енос и Стивен Левицки го нарекуваат „тивко прифаќање“. Заклучиле дека делувајќи зад кулисите и избегнувајќи внимание, можат да го избегнат најлошото.
Но, како што истакнуваат Енос и Левицки, таа стратегија не функционира. Авторитарните популисти како покојниот Хуго Чавез (Венецуела), Владимир Путин (Русија), Виктор Орбан (Унгарија), Нарендра Моди (Индија) и Реџеп Таип Ердоган (Турција) секогаш ги таргетираат универзитетите и ги газат академските слободи. Цензурата – било наметната од државата или прифатена како автоцензура – е цената што на крајот ја плаќаат сите академски институции. Дури и кога на почетокот се пријателски настроени кон пазарот, автократите на крајот ги поткопуваат самите институционални темели на конкурентната пазарна економија.
Кога ќе се спореди со другите споменати авторитарни фигури, нападот на Трамп врз американските демократски институции го одзема здивот со брзината, дрскоста и отвореноста со кои се спроведува. Веќе не можеме да кажеме: „Тоа се само зборови, никогаш нема да ги оствари заканите.“ Сите организации на граѓанското општество и јавните лидери се соочени со сериозноста на ситуацијата.
Автократите стануваат посилни кога нивните противници се поделени и не се осмелуваат да проговорат. Тоа е трагедијата на колективното дејствување: сите губиме ако не сме подготвени поединечно да истапиме. Затоа токму водечките универзитети и најголемите корпорации – оние со најголем кредибилитет и оние кои можат да изгубат најмногу – имаат одговорност да преземат нешто.
Замислете ако раководителите на големите американски универзитети и најбогатите корпорации – заедно со синдикатите, верските групи и другите организации од граѓанското општество – објават соопштение во кое јасно и гласно ќе укажат на опасностите од поткопување на владеењето на правото, академските слободи и научното истражување. Таквиот гест нема да го допре Трамп и неговите сојузници, но ќе ги охрабри останатите демократски сили, ќе ги поттикне и ќе им помогне да се мобилизираат. Десетици милиони Американци се прашуваат кога некој конечно ќе собере доволно храброст да проговори. Ако ништо друго, оние што ќе го сторат тоа ќе си обезбедат место на вистинската страна на историјата.
Карикатури: Rodrigo de Matos
Извор: https://www.project-syndicate.org/