Што (сѐ уште) можат да направат библиотеките?

23.04.2025 01:21
Што (сѐ уште) можат да направат библиотеките?

Од многуте институции што трпат последици од светската метаморфоза од аналогно кон дигитално (од реално кон виртуелно, од офлајн кон онлајн), мал е бројот на оние што се под толку силен удар како темелите на нашата култура – јавните библиотеки. И државата и локалните власти им ги кратат буџетите. Дури и најдобрите библиотеки го намалуваат бројот на вработени и нивното работно време. Нивните информативни пултови се заменети со Гугл, нивните енциклопедии собираат прав. А нивниот главен производ, единствениот што го имаат на сите полици, сега постои во форма на бестежински doppelgänger кому не му требаат полици.

Во технократијата, сите информации од светот ги добиваме преку екрани – на маса, во џеб, на зглоб, на очила – и веќе никој не сака на оди на невреме, со библиотечна картичка во рака, за да ископа само една книга. Најпосле, кога барате текст од Магна карта, не го барате оригиналот. Исто е и со книгите? „Библиотеките заглавија“, рече Илај Нејбургер, директор на библиотека во Мичиген, во својата често цитирана презентација на конференцијата Library Journal во 2010-тата година. „Библиотеките заглавија, зашто инвестираа во кодексот, а кодексот стана застарен.“

Значи, дали библиотеката, складиште и позајмувач на книги, е анахрона како продавницата за плочи, телефонската говорница и средната страница на Плејбој? Перверзно, најпопуларна услуга во некои библиотеки стана бесплатниот пристап до интернет. Луѓето чекаат во редици пред терминалите за да играат пасијанс и Мајнкрафт, а библиотекарите им носат кафе. Други корисници седат во автомобилите пред библиотеката за да можат да фатат Wi-Fi. Никој не може да биде задоволен со ситуација во која библиотеките се сведени на wannabe Старбакс.

Она што можеби е најлошо од сè: „библиотеки без книги“ веќе постојат. Побарајте на Википедија.

Јас сум оптимист. Мислам дека песимистите и оние што премногу се грижат – а тоа вклучува и некои библиотекари – упорно го одвраќаат погледот од суштината. Библиотеките немаат иднина како уште еден интернет јазол, но нема поради тоа да заминат во пензија како антикварен склад. Додека нашите дигитални души не нè напуштат засекогаш и не заминат во облак, сѐ уште имаме државјанство во физичкиот свет, каде што ни требаат книги, микрофилмови, дневници и писма, мапи и ракописи, како и експерти што знаат како да ги најдат, организираат и споделат.

Среде информативна експлозија, библиотекарите сѐ уште се најмултифункционалните специјалисти за податоци што ги имаме. И најнекомпромитираните. Во својата нова книга „Библио Тек“, мудар и страстен манифест, Џон Палфри нѐ потсетува дека библиотеките се последните слободни места за собирање и споделување знаење: „Нашето внимание не може да се купи или продаде во библиотека.“ Како традиција стара едвај век и половина во САД, таа му дава физичка форма на принципот според кој јавниот пристап до знаењето е темел на демократијата.

Сегашниот проблем на библиотеките – а тоа навистина е проблем – се однесува на одредени парадокси што треба да се решат. Прво, како што наведува Палфри, библиотекарите ќе мора да ги развијат своите специјални таленти како „управувачи“, но ќе мора да се откажат од своите инстинкти на „собирачи“. Со физичката форма на знаењето мора да се ракува внимателно, тоа мора да се одржува и организира. Но со дигиталните информации што се слеваат во ајфоните и киндл уредите во петабајти – преку Твитер, Инстаграм и Јутјуб, да не ги спомнуваме фабриките на Амазон за самостојно издадени книги – библиотеките мора сериозно да ги преиспитаат своите стари навики. Тие не можат да соберат сè, дури ни мал дел од сè. „Веќе е премногу тешко да се следи тој модел“, вели Палфри. „Мрежа на управувачи може да постигне многу повеќе отколку што би можела неповрзана (понекогаш и конкурентна) група на собирачи.“

Тешко е да му се одолее на стекнатиот нагон да собираш и што ти треба и што не ти треба. Пред пет години, Конгресната библиотека започна проект за собирање на секоја објава на Твитер, во име на зачувувањето на националното дигитално наследство. Тоа се милијарди податоци неделно, вовлечени и складирани во безбедни архиви, а библиотеката сѐ уште нема осмислено начин како сето тоа да го направи достапно. Без човечки надзор, нефилтрираната маса од Твитер може да биде и куп ѓубре. Во меѓувреме, продолжува постојаната конверзација на Фејсбук и Снепчет, и на кој и да е нов канал што ќе се појави следната година, заедно со големи и мали мејлови, случајно зачувани или не, на очекувано изненадување на идните историчари. Што да прави архиварот со сето тоа?

Нема начин да се избегне тензијата помеѓу реалниот и виртуелниот простор, помеѓу полицата и облакот. „Библиотекарите многу добро знаат дека откривањето информации се движи од физички локации кон простори на дистрибуција“, забележува Палфри, а ова всушност е еуфемизам. Се присетува на едно попладне во својата библиотека во Андовер (Масачусетс), кога слушнал тринаесетгодишно момче како му се обраќа на својот ајфон: „Сири, што значи ‘терминална брзина’?“ Очигледно, немарниот гениј од облакот немал што да понуди како одговор. Палфри се утешил знаејќи дека секој библиотекар би го упатил подобро: „Сфатив дека во светот на библиотекарството сѐ ќе биде во ред, барем засега.“

Како што можело да се предвиди, додека книгата на Палфри го достигне својот физички облик, Сири веќе научи што е терминална брзина. Википедија продолжува да еволуира, како голем отпор на комерцијалниот интернет, одбивајќи да наплатува или продава информации на своите корисници, собирајќи стручни знаења на референтни библиотекари од бројни извори. Тоа е ефективна онлајн реализација на замислата за мрежа на управувачи. Но сепак, тоа сѐ уште не е, ниту има намера да биде – библиотеката.

Луѓето и сè уште се собираат во библиотеки, со или без нивните лаптопи и џебни уреди. Седат на дрвени маси, консултираат вистински документи и ја ценат тивката аура на книгите што ги опкружуваат. Дали е ова само некаков носталгичен сон? Палфри има разбирање за технологијата и се радува на иднината, и оттаму произлегува фундаменталната поента: „Во дигиталната ера, просторите каде што луѓето можат да дојдат за да учат, читаат и размислуваат се есенцијални за напредокот на заедниците и индивидуите. Уште сега имаме премалку такви отворени, јавни простори.“ Библиотеките и понатаму се свети места на секуларниот народ.

Најтешкото прашање пред библиотекарите е што да се прави со е-книгите. Библиотеките ги сакаат, се разбира – да ги поседуваат и позајмуваат. „Ако е-книгите се недостапни“, забележува Палфри, „доведена е во прашање главната улога на библиотеките, во смисла на обезбедување слободен пристап до културата за оние кои инаку не можат да си ја дозволат.“ Но од друга страна, библиотека што издава е-книги ризикува да го прикаже својот реален простор како излишен. А библиотека што може да изнајмува е-книги, без ограничувања, на големо, би можела да стане фатална конкуренција на сите книжарници и автори што сакаат да ги продаваат своите е-книги. Нешто ќе мора да се жртвува. Палфри сугерира дека Конгресот би можел да создаде „задолжителен систем на лиценци за покривање на дигиталното издавање е-книги во библиотеките“, мислејќи на исплата на фер надоместок на авторите. Многу земји, вклучувајќи го и поголемиот дел од Европа, имаат програми за издавање и авторски права, токму за оваа цел.

Палфри, кој моментално е директор на Академијата Филипс, е поранешен професор по право на Харвард и извршен директор на Центарот за интернет и општество Беркман. Исто така, тој е еден од основачите на Дигиталната јавна библиотека на Америка (DPLA). Роберт Дарнтон во „New York Review“ ја опиша Дигиталната јавна библиотека на Америка; таа започна како реакција на проектот на Гугл за дигитализација на сите книги на светот, под негови услови и за негови цели. DPLA е замислена како бесплатна и јавна онлајн библиотека, која ги комбинира ресурсите на најголемите универзитетски архиви со инвентарите на регионалните библиотеки и музеи – „национална библиотекарска платформа на САД“, како што ја опишува Палфри, „а во одредена смисла и на целиот свет – во ерата на дигитализмот.“

Тензијата што ја мачи секоја јавна библиотека постои и во DPLA. Таа е „достапна за сите“ и е со отворен код, па поради тоа не може да вклучи материјал со авторски права; и мора да биде многу внимателна во натпреварот со мноштвото мали институции што ги собираат нејзините ресурси. Од една страна, DPLA е веб-страница, http://dp.la. Од друга страна, како што објаснува Палфри, таа мора да служи како широка платформа, која ги поттикнува библиотекарите да ја користат својата експертиза за поврзување на регионалните и националните библиотекарски фондови и навремено создавање поставки. Ќе биде тешко да се најде рамнотежа. Веб-страниците сакаат да привлекуваат посетители – колку повеќе, толку подобро – па така и дигиталните сервиси тежнеат кон централизација.

Библиотекарите ќе мора да ги прифатат овие контрадикции, а тоа ќе мораме да го направиме и сите ние кои се грижиме за библиотеките. Преодот кон дигиталното не смее да значи отфрлање на светското отелотворение на знаењето, чувствителните ракописи, избледените фотографии и старомодните книги од хартија и лепило. Третирањето на тие нешта како застарени објекти на носталгијата е глупост на технократите. Мајсторите на интернет трговијата – Гугл, Фејсбук, Амазон, Епл – понекогаш велат дека градат ново општество, каде што знаењето е заменливо и се споделува со брзина на светлината, но пазарот не е општество.

Слики: Stephen Doyle

Извор: https://www.nybooks.com/