Јапонски научници развија пластика која се распаѓа во морска вода

23.04.2025 13:16
Јапонски научници развија пластика која се распаѓа во морска вода

Истражувачи од Јапонија развија алтернатива на пластиката која не ги загадува океаните.

Овој нов материјал е цврст и издржлив како конвенционалната пластика, но со една клучна разлика: кога доаѓа во допир со солена морска вода целосно се распаѓа, оставајќи молекули кои микроорганизмите можат да ги јадат.

Експерименталните наоди од истражувањето, предводено од Центарот за наука за емергентни материи при RIKEN, беа објавени во ноември минатата година во научното списание Science.

Научниците ширум светот долго време се обидуваат да развијат безбедни и одржливи материјали кои би можеле да ја заменат конвенционалната пластика и со тоа да го намалат проблемот со загадувањето.

Како што соопштија авторите на студијата, иако денес постојат различни типови биоразградлива и рециклирачка пластика, еден голем проблем сè уште останува нерешен: кога ќе стигнат до океаните, не можат да се разложат бидејќи не се растворливи во вода.

Со распаѓањето на таквата пластика се создава микропластика, односно пластични честички помали од пет милиметри кои му штетат на морскиот свет и преку синџирот на исхрана, стигнуваат и во човечкиот организам.

Најчесто користените видови на пластика денес се составени од атоми и молекули поврзани со силни врски, кои одолеваат на микроорганизмите и надворешните влијанија како што се водата, светлината, кислородот и топлината. Поради тоа, овие материјали се исклучително трајни. Сепак, тоа понатаму значи дека неправилно фрлениот пластичен отпад се распаѓа многу бавно, загадувајќи ја животната средина.

Од друга страна, биоразградливата пластика од Јапонија е составена од молекули со средна големина поврзани со врски кои се доволно силни за употреба, но под одредени услови многу брзо се распаѓаат. А тие „одредени услови“ подразбираат – сол.

Во солената морска вода распаѓањето на новата пластика се одвива за само осум и пол часа, додека во обична, десалинизирана вода, материјалот ја задржува својата структура.

Следниот чекор на истражувачите бил да го тестираат нејзиниот квалитет: новиот материјал е нетоксичен и незапалив, и може да се преобликува на високи температури исто како обичната пластика.

Тимот произведе пластики со различна цврстина и тврдина, кои во многу случаи се подобри од конвенционалните пластики. Тоа значи дека материјалот може да се прилагоди според потребата: од тврда и отпорна пластика, преку силиконски меки до еластични материјали. Примената е можна во 3D печатење, како и во медицината.

По растворањето во солена вода, научниците успеале да повратат 91 и 82 проценти од почетните компоненти, што покажува дека материјалот е лесен за рециклирање.

Во почвата, пластичните фолии целосно се разградиле за само 10 дена, при што во почвата ослободиле фосфор и азот – слично како ѓубриво.

„Со овој материјал создадовме целосно ново семејство на пластики кои се силни, стабилни, рециклирачки, мултифункционални и, што е најважно, не создаваат микропластика“, истакна Таказо Аида, еден од авторите на студијата.

Иако ветува многу, новата пластика сè уште има долг пат до масовна употреба. За навистина да биде одржлива замена за пластиката каква што ја знаеме, ќе треба да се произведува во големи количини по ниска цена. Добра вест е дека овој материјал може да се произведе во вода и без загревање, а една од состојките е евтина и лесно достапна, додека другата може да се добие со едноставна синтеза од комерцијални хемикалии.

Истражувачите сега работат на развој на нови верзии кои би покриле уште поширок спектар на примена. Флексибилноста на материјалот моментално е послаба во споредба со конвенционалната пластика, но тимот верува дека и тој предизвик наскоро ќе биде решен.

Извор: https://klima101.rs/