1018 hPa
26 %

31 °C
Скопје - Нед, 15.06.2025 13:59
„Тони“, Румена Бужаровска, „Три“
Секојпат кога одеше по голема нужда, му текнуваше на сообраќајката. Порано знаеше по најмалку половина час да седи и да чита стрипчиња, весници, а подоцна да скрола по Фејсбук, но сега тоа задоволство му беше уништено. Беа поминати два месеца од смртта на Тамара и сликите од настанот сѐ уште му се враќаа во главата, но си наоѓаше начин како да ги избрка, зашто инаку чувствуваше голема жал за себе што останал сам, во станот на мајка му, на тие години, со мртов татко и со дете што не може да го види. А и за Тамара му паднуваше малку жал, која толку многу сакаше да оди на одмор што тоа ја уби. Толку сакаше да поцрни, а сета беше ишарана со бемки и кожата ѝ имаше боја на смрзната скуша. Реално, си рече Тони, реално она не требаше да седи на сонце. Требаше можда да ѝ уплатам солариум за роденден, наместо сега цел живот траума да си носам, си рече и длабоко вдиша од смрдеата во тоалетот, но тоа му создаде само мало чувство на комфор, како да вдишува топол, добро познат дел од себе. Зборот „траума“ го слушна од многу луѓе, посебно од жени што му изразуваа сочувство. Некои дури му рекоа да побара помош, што значеше, веројатно, да оди на терапија. „Кога ќе најдам терапевт што ќе може вистински да ме разбере, може ќе одам“, ѝ беше рекол на колешка му Сандра од работа.
Никој му немаше пишано и се осети длабоко сам, но му текна дека е петок и дека времето надвор е убаво. Реши да му прати порака на Шарска наместо да му се јавува. Беше сфатил дека тоа во последно време е модерно меѓу луѓето, иако претпочиташе да зборува по телефон, за да не мора постојано да си ги става очилата. Но кога веќе ги имаше на нос, реши да се однесува во склад со времето.
шо се праи вечер :)))
-му напиша на Шарска, ставајќи ги знаците за тоа што мислеше дека означува добро расположение.
Ни пола минута откако ја прати пораката, телефонот му заѕвони. Беше Шарска, задишан. Околу него се слушаше брмчење на автомобили.
„Шо праќаш пораки ко со некоја пичка да се допишуваш?“, му рече.
„Па ја сум културен чоек, да не те вознемирувам“, рече Тони и погледна кон тоалетната хартија, оти осети како другар му да беше присутен со него во вецето, чиј воздух наеднаш му засмрде.
„Културен жими куров“, рече Шарска и гласно шмркна.
„Да ми го јадеш“, му врати брзо Тони. „Кај си се забревтал вака?“, го праша.
„Идам со Буре и Квиско и Давид на пијачка пред на Буре шупата“, рече Шарска задишано, па зеде поголем здив, „ај замиј се под мишки и доаѓај“.
„Шо бревташ толку, идеш пешки од село?“, праша Тони и гласно се насмеа, знаејќи дека Шарска живее во Карпош. Гласот му се одби од старите плочки на вецето, бледосини, уште од неговото детство.
„Ај не јади многу гомна и доаѓај. За десет сум таму“, рече и му спушти.
Одлично, си рече Тони оставајќи го телефонот на работ од бидето, кое никогаш не го користеше, за да си ја ослободи раката и да се избрише. Одлично, не можам да седам дома, не можам ни телевизија да гледам од старава, си рече и пушти вода.Забележа дека ќе треба пак да пушти вода и да ја исчисти убаво веце - школката со четка, но реши дека нема време да го прави тоа. Не е многу прљава, си рече и си ги изми рацете гледајќи се во огледалото. Косата му беше миена од претходниот ден и му беше во најдобрата фаза, при залезот на првите дваесет и четири часа од миењето, кога најмногу си имаше легнато во формата и најубаво се вееше ако дувкаше ветар. Му се допадна и како му стои обетката на десното уво, која ја стави кога се навршија четириесет дена од смртта на Тамара. Таа му беше подарок од неа за роденден – обичен, дебел сребрен прстен со придушен сјај, или машка обетка, како што си мислеше тој - но тогаш не ја стави затоа што не сакаше да ѝ даде надеж дека можеби ќе се венчаат. Сѐ прстенесто го потсетуваше на брак, од кој едвај излезе со првата сопруга, Милица, која веќе петнаесет години живееше во Австралија со нивната дваесет и двегодишна ќерка Нела. Па така, кога на Тамара ѝ дојде роденденот, иако таа објави на сите мрежи дека ѝ е роденден и на Инстаграм споделуваше сториња од другарките како ѝ честитаат, тој намерно не ѝ купи ништо.
***
„Кога соништата не заспиваат“, Викторија Гаго,- Струга: Ирис
Беа трауматизирани секој на свој начин. Минуваа деновите, тој и Розмари ја развиваа својата визија за сопствен бизнис да приготвуваат слатки, вештини научени во фабриката во Осиек, да прават чоколада, пудинзи, еклери, шампити, кадаиф, сутлијаш и други разновидни слатки, убави и за очите и за сласта. А Антониа, Антониа го нарушуваше складот и мирот помеѓу нив, плеткајќи им се низ нивните нозе. Кога и да ја погледнеше Атанас, очите ѝ беа на мајка ѝ, синозелени, косата медена, свила на глава, напишани веѓи како со „плајвас“, со крилесто фустанче. Таа беше симбол на убавината, едно убаво македонско струшко момиче, им беше голема поддршка во нивната креативна природа и бизнисот кој од ден на ден им цветаше. Атанас сакаше таа да биде учена, а не да го продолжи нивниот бизнис, сакаше да ги запознае светските уметници – сликари, можеби да биде кустос во некој светски познат музеј, да го знае Дали, Миро, Пикасо, да знае колку е битна рамката за секоја слика, стаклото, светлото под кое сликата се наоѓа, сета негова дарба и на Хариклија да се преточи во нејзината умешност не за слаткарството, туку за уметноста - еден друг вид слаткарство. Со рачињата сакаше да меси, честопати лицето ѝ беше брашносано, на што Марија слатко се смееше и ја викаше мојата брашнарка.
Размислувајќи така за љубовта што како татко ја имаше Атанас спрема ќерка си, мислеше дали еден ден тој ќе посака таа да студира во Загреб, во нејзината Хрватска. Баба ѝ по мајка, Роза Молнар, беше упокоена. Розмари не успеала да ја запомни, само бледо му спомнувала на Атанас како Агнеза ѝ раскажувала за нејзината стројност, решителност, убавина, за нејзината кадифеста кожа, бела, бела како снег и за нејзините сино-зелени килибарни очи, кои најмногу сличеа на неговата Марија(Розмари).
Марија, пак, сметаше дека Антониа има силно срце, таа знаеше за Рeгулус, една од најславните ѕвезди; под нејзин патронат се раѓале кралеви и освојувачи, знаменити историски личности, со помош на Регулус низ животот чекорите водени од срцето креативно се развивале и од својот живот сте можеле да направите бајка. Искушението кое треба да се совлада под влијание на Регулус е осветољубивоста спрема оние кои ве навредиле, омаловажиле или повредиле. Само така се ослободува од Регулосовата создавачка енергија, која ве води кон остварување на големи цели, кон успеси и животно задоволство.
Регулус се поврзува со архангел Рафаел,неговата исцелувачка моќ, радост и смеа. Антониа беше родена во пролет, во месец ни пролет ни зима, иако силата на Антониа Марија ја споредуваше со Регулус, со нејзината Антониа владееше Fomalhaut, а старите астролошки списи најавуваат голем успех, слава, среќа, богатство. Но, сето тоа да се оствари, мора да се пребродат предизвиците за да се покаже дали си дораснат да примиш царски дарови. Некои од чуварите на небото ќе ѝ бидат активни,Сонцето и Месечината, сепак нејзиниот знак ѝ беше кармички.Често Антониа ќе се навраќа на минатото, ќе има епизоди на анализа на минатото, ќе има многу желби, сила и упорност.Тоа Марија не го знаеше, ниту Атанас.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.