Иван Илиев (1981-2025)

28.04.2025 13:25
Иван Илиев (1981-2025)

Почина Иван Илиев, прекрасен човек, даровит, духовит, креативен, еден од најинтересните и најнеобичните македонски фотографи. По потекло од Кочани, последниве години живееше во Сан Франциско.


Рефлексија - автопортрет во портрет во урамена слика

 

На Окно објавивме многу негови фотографии, а во 2019 Иван беше дел од Темплум книгата „12 македонски фотограф(к)и“. Во таа книга Иван напиша:

„Фотографијата за мене почна како експеримент. Нeкој ми даде стара камера и филм, а после почнав да собирам стари аналогни апарати од роднини и да сликам со нив. Еден магазин кој објавуваше слики од читатели објави моја фотка и некој ми рече дека имам око за фотографија. Тогаш бев тинејџер и тоа беше доволно да помислам дека ме бива за нешто. Детската љубопитност премина во сериозно хоби,а хобито во еве веќе дведецениска љубов.

На почетоците, исто така, еден драг повозрасен пријател ми рече дека не мора да сликам цело куче за да покажам дека тука има куче. Ако му ги сликам само увото или опашот пак ќе знаеме дека е куче. Тоа ми беше интересно од аспект дека можеш да раскажеш приказна само со дел од неа. Потоа открив дека можеш да поврзеш различни делови за да раскажеш сосема нова, твоја приказна, реалност, да, но низ твој ремикс, а со вкрстување елементи можеш и да наведуваш, манипулираш, а со тоа и да оставаш простор за различни толкувања или доживувања... Сите тие комбинации ми беа фасцинантни.

Фотографијата ми даде нов поглед кон секојдневните работи, кој не е досаден или грд, и ме обврза да го гледам светот со „поинакви очила“; ме научи да ја наоѓам убавината таму каде што навидум ја нема, и ми ја даде слободата да ja врамувам и компонирам ’реалноста’ под свои услови.“

„Никогаш не сум имал професионален апарат и можеби затоа никогаш не сум пристапил кон фотографијата од техничка страна. Сликам со телефони, идиот камери, стари аналогни, а нова фасцинација ми се апаратите за една употреба и новите верзии на полароиди. Сакам „матни“, нечисти, замаглени и несовршени фотографии и сметам дека единствената вештина во фотографијата е умешноста или талентот да компонираш кадар. Фотографијата често ми е процес на изненадување во кој проверувам што сè може да направиме јас и апаратот. ’Твоите фотографии се чудни’, ми е најдрагиот комплимент кој сум го добил и доаѓа од мојот тогаш осумгодишен син. Вечно инспирација ми се најблиските кои воопшто не се запознаени со мојата работа и до ден денес мислат дека си играм - во што делумно имаат право.“

Во продолжение пренесуваме дваесетина фотографии од Иван Илиев. Последната фотографија има наслов: „Има еден момент во денот кога сонцето вака ги осветлува жиците“. Фотографијата на насловната страница Иван ја наслови „Вака замислувам дека умираат старите луѓе“.











Слични содржини

Фотографија / Култура
Фото
Фотографија / Живот
Фотографија / Живот / Око
Фотографија / Графички Дизајн / Стрип / Живот / Уживање / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото