Забранетото јаболко – Кон изложбата на Милош Милосављевиќ

29.04.2025 01:37
Забранетото јаболко – Кон изложбата на Милош Милосављевиќ

Единаесет јаболка

 

Забранетото овошје и митот за падот

Почнувајќи од најдревните епови за теогониите и за космогониите, човечкиот гениј во центарот на цивилизацијата ќе го вметне антрополошкото прашање за сопственото потекло, за својата смисла и за судбината. Овие прашања му се наметнуваат на човештвото од праискона како на единственото познато битие со самосвест.

Теогониите и космогониите се „платформа“ врз која се истражува антропогонијата. Промислувајќи ја својата тековна состојба, човештвото заклучува дека таа е сѐ, само не совршена. За вавилонските, египeтските, хеленските теогонии состојбата на човештвото не е поврзана со морален пад. Заеднички именител им е војувањето на боговите меѓу себеси, а во чиј тек низ низа пресврти и преврати е создаден човечкиот род. Луѓето не се создадени совршени и не се Божји образ. Кога доаѓаме до библиската теогонија, создавањето на човештвото е своеволен акт на Бог кој создава совршен пар на маж и на жена и ги става во совршен свет. Падот кој следи е морален и предизвикува прекин на совршената врска со Бог. Чинот кој води до тоа е посегнување по забранетото овошје. Иако е општо прифатено дека се работи за јаболко, плодот на овошјето не е именуван. Опишан е како „добар за јадење, убав на изглед“, а самото дрво како „пожелно поради тоа што дава знаење“, (Битие 3:6). Оттогаш човештвото е со „отворени“ очи за својата голотија која постојано се обидува да ја „покрие“ со разни смоквини лисја.

Таа и тој

 

Стилскиот развој: од реализам до модерна апстракција

Оваа приказна уметникот Милош Милосављевиќ ја раскажува преку мртва природа и преку фигурација на луѓе. На сликите со мртва природа преовладува мотивот на јаболкото – (не)-суденото забрането овошје од каде што и потекнува изреката „забрането јаболко“. И мртвата природа и фигурациите опфаќаат распон од чист реализам до апстракција и кубизам.

На сликите со јаболка се гледа стилска градација. Сликата „Единаесет јаболка“ е насликана во чист реализам. Сликата именувана само како „Јаболка“ има примеси на импресионизам, додека заднината на платното содржи елементи на апстрактен експресионизам. Во „Мртва природа со јаболка“ модернистичкиот израз доаѓа во прв план така што на ова платно доминира постимпресионизам со благи „допири“ на кубизам.

Мртва природа со автопортрет

 

Симболиката на „Таа и тој“: егзистенцијална дистанца

Кулминацијата циклусот на мртва природа со јаболка е сликата е „Таа и тој“. Она што се забележува на оваа слика е минимализмот на сценографијата што на двете јаболка им дава нагласено присуство на платното и уште понагласен меѓусебен контраст. Јасно е дека авторот со ваквото претставување го има симболизмот на ум. Минималистичкиот симболизам изразен преку постимпресионизам е ставен во рамка на модернизмот. Милосављевиќ како да сака да ја прераскаже приказната за човештвото гледана низ призмата на „забранетото овошје“. Почнува со идеалот на реализмот за постепено, од слика во слика, да ја воведе публиката во модерната состојба на егзистенцијализам. Околината на двете јаболка во делото „Таа и тој“ е стерилна. Јаболката се во недефиниран простор една до друга, но не и една со друга. Меѓу нив има мало растојание, но мизансцената покажува тоа може да биде и бесконечно.

Дополнителен драматичен нагласок е што едното јаболко е црвено, а другото е зелено. Ако авторот сака да ја „читаме“ сликата како што го читаме текстот во насловот, одлево надесно, тогаш црвеното јаболко е „таа“, а зелено/жолтото е „тој“. Симболиката е моќна. Водечкиот мотив за „забранетото овошје“ – јаболкото, во форма на црвен делишес и на зелено/златен делишес е двојна метафора. Метафора за дрвото чиј плод не смее да се вкуси и метафора за жената и за мажот (Ева и Адам), кои токму тоа го сториле. Живоста на реализмот во „Единаесет јаболка“ низ ред дејства на бунт доведуваат до стерилноста на модернизмот. Кон овој впечаток придонесува опкружувањето на студените бела и сина боја така што изгледа како да црвеното и зеленото/жолтото јаболко се фрлени во снег кој сѐ уште паѓа. Ова силно потсетува на една друга метафора за падот на човештвото од совршената состојба. Тоа е метафората на К.С. Луис во „Летописите за Нарнија“. Во волшебната земја Нарнија под тиранскиот стисок на снежната кралица владее вечна зима. Како што еден од ликовите жално констатира, „Секогаш зима, а никогаш Божиќ“.

Така „забранетото овошје“ станува „забрането јаболко“ поточно, сето она што во совршениот свет на едемската градина требало да биде извор на радост по избрзаното „загризување“, станува извор на постојани искушенија и падови. Обостраните сенки што двете јаболка ги „фрлаат“ едно врз друго е уште еден симбол на отуѓеноста, на нетрпението, на зависта и на предрасудите, „Ти си зелен!“ „Ти си црвена!“ Јаболката се истовремено „сочно“ привлечни и „студено“ отсутни.

Што е постаро?

 

Мртвата природа како слика на изгубениот живот

Раскажувањето на Милосављевиќ со потезите на четките, со боите, со изразот на сликање и со креативниот стилски контраст продолжува со други објекти на мртва природа. Има лимони и цреши, но најбројни се сликите со цвеќе во вазна. И во случајот со цвеќињата, опусот оди од реализам до симболизам. Ако јаболката се симбол за забранетиот плод од „дрвото на познавањето на доброто и на злото“, розите, темјанушките, каранфилите, кринот и други видови цвеќе го „раскажуваат“ епот на космогонијата и од перспектива на загубениот рај, поточно на трагичниот исход од загризувањето во забранетото овошје – Херувим со огнен меч кој го брани пристапот до градината Едем, а особено до дрвото на животот. Оттогаш луѓето и сета жива флора и фауна е осудена на смрт. Самиот назив „мртва природа“ е симбол на пресечените врски со изворот на живот. Овие убави цветови во вазните имаат краток век на траење. Но, дури и ако се во саксија или во плодна земја и во тој случај нивниот крај ќе заврши со смрт.

Природата е осудена на смрт зашто човекот е осуден на смрт. Бунтот против Божјата заповед навидум е чин на еманципација, но во суштина е тешко ропство. Според раните црковни отци познавањето на „доброто и на злото“ не е никаква слобода. Напротив, без заедништво со Бог човекот е жртва на вселенските стихии.

Милосављевиќ оваа порака ја изразува низ сликата „Мртва природа со автопортрет“. Се работи за слика во стилот на синтетичкиот кубизам. Формите се поедноставени и составени како колаж од геометриски површини, што е воедно и препознатлив уметнички потпис на Милосављевиќ. Во сликата се забележуваат влијанија на руската авангарда од првата половина на дваесеттиот век каде што структурата е исто толку важна колку и духовноста во едно уметничко дело. Овој автопортрет е соочување со самиот себеси и своевидна психосоматска дисекција. Карактеристиките на портретот се изразени со минималистички потези така што лицето е сведено на основните црти, а личноста е соголена и лишена од каква било маска. На платното во рамката пред нас гледаме, иако сѐ уште не, веќе мртва природа и веќе покојна личност.

Врвот на оваа уметничка антропогонија на Милосављевиќ е во човека фигурација и дисфигурација. Филозофскиот аспект во неговото сликарство во овој опус е видлив во насловот на сликата „Што е постаро?“. Прашањето е најчесто во врска со јајцето и со кокошката. Милосављевиќ го поставува во контекст на јајцето, но не и на кокошката, туку на жената, поточна на скулптура на жената. Секако дека не се работи за буквално префрлање на прашањето на што е прво. Ова е антрополошко прашање за човечката антропогонија. Сликата е високо стилизиран и естетски израз на вечното прашање, „Што се случило една милисекунда пред да настане сѐ“? Не знаеме. Можеме да претпоставуваме и да станеме приврзаници на определен светоглед.

Милосављевиќ низ севкупниот опус на своето сликарство почетоците на човечкото постоење ги открива во градината Едем. Во овој конкретен опус за Едем зборува преку јаболката и преку мртвата природа, а преку фигурациите и дисфигурациите зборува не за враќање во Едем, туку за новиот Ерусалим. Оној кој нема да биде подложен на никакви геополитички игри и за кој нема да се водат крвави војни во кои најмногу страдаат и гинат оние што се најмалку одговорни за нивното почнување.

Последен бакнеж

 

Љубовта како одговор: од падот до визијата за рајот

Со кубистичките дисфигурации на две слики со наслов „Бакнеж“ и „Последен бакнеж“, Милосављевиќ ја претставува подвоеноста на личноста, но и општата отуѓеност на луѓето едни од други. Во нив има трагови на митот дека човечката раса е поделена од својата совршена двојна состојба и оттогаш секоја половина е во потрага по онаа со која идеално се вклопува. Бедната состојба на човечките односи е сурово будење од мечтата дека тоа е постигнато. Сепак Милосављевиќ не губи надеж и не сака публиката да губи надеж. Со сликата „Ракопис“ тој нѐ враќа во невиноста на прамајката Ева. Сликата е двоен акт, потсетување дека кога Бог ги создал мажот и жената голи и без срам. Неговата оценка за светот и за луѓето во него е дека сѐ создадено е „многу добро“. Двата акта на сликата ја слават телесноста и словесноста. Без логос нема сома, без слово нема тело. Женскиот акт преставен во мигот на пишување ја сублимира оваа древна вистина.

Опусот почна со реализам и завршува со реализам. Визијата на авторот е непопустливо во име на животот, во име на човештвото и во име на вечноста. Ваквиот став Милосављевиќ го најавува со силен ек преку сликата „Мојата сопруга и Пит Мондријан“. Во рамка на типична палета на бои на неопластицизмот на Мондријан, од апстрактна геометриска заднина во прв план се појавува реалистичен портрет на жена, на сопругата на авторот. Еве уште еден контраст меѓу рационалното и емотивното, меѓу геометриското и живописното, меѓу строгото и спонтаното. Лицето на жената е насмеано и со вперен поглед во букет со цвеќе. Помирување меѓу Едем и Ева? Уште повеќе, ова е симболично и веројатно буквално букет подарен од уметникот, нејзиниот сопруг, симбол за исконскиот Адам. Сведочиме ли на колективното помирување меѓу Адам и Ева? Меѓу колективното човештво и Бог?

Дека веројатно тоа е така сведочи последната слика која не само што е насликана во стил на реализмот, туку и во стилот на раната барокна композиција со примеси на експресионизам. Се работи за визијата на небото на св. Павле насловена како „Св. Павле во рајот“. Според стилот, палетата на бои и според уметничкиот израз оваа слика потсетува на делата на Ел Греко. Особено тоа е впечатливо во издолженоста на телата и динамичниот приказ на определено духовно искуство како визија.

Мојата сопруга и Пит Мондријан

 

Тоа што св. Павле го гледа не е враќање во градината Едем таква каква што била пред падот на човештвото во грев. Глетката е апокалиптична. Не во современа смисла на дистописко уништување на светот, туку во неговото изворно значење, објава за воспоставувањето на владението на Божјото царство при второто доаѓање на Исус Христос.

Воведниот реализам на „забранетото јаболко“ во градината Едем е заокружен со заклучниот реализам на златниот град кој се симнува од небото на земјата. Меѓу тие два реализма преку експресионизмот, постимпресионизмот, кубизмот и општо земено модернизмот Милосављевиќ, низ призмата на фигурации и дисфигурации, ја прераскажува библиската антропогонија. Како и во изворната приказна со сликите „Бакнеж,“ „Последен бакнеж“ и „Мојата сопруга и Пит Мондријан“ авторот ја бира љубовта како клуч за конечното прашање за судбината на човештвото за сета своја визија да ја сублимира во визијата на св. Павле за рајот.

Сликите од овој опус на Милосављевиќ не само што раскажуваат приказна, тие нѐ соочуваат со вистината за нас самите и нѐ воведуваат во драмата на постоењето како свесни човечки суштества кои често своите потенцијали ги ползуваат себично, дури и за омраза. Сеедно, овие потенцијали на човештвото му се дадени пред сѐ за да љуби. Зашто како што Достоевски вели, „Пеколот е место каде што не може да се љуби“. Рајот соодветно со овој заклучок е место во кое не може, а да не се љуби.

Свети Павле во рајот