1023 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Нед, 22.06.2025 06:59
- Еве ја и Бојана, која израснала покрај реката Бојана – ме претставува Анета, во нејзиниот неискрено пренагласен весел стил, задоволна од играта на зборови на која се сетила. Ме запознава со раководителите на неколку сектори од министерството кои седат во канцеларијата во која ние влегуваме. Првпат имам состанок во новото својство за кое бев неодмна назначена.
- Таа ви е прав човек за ова место – продолжува Анета да ме претставува – чесна е, не е конфликтна, не прекршува ветувања.
Ме обзема чувство на одбивност кон изречените зборови и на чудно, загадочно совпаѓање. Речиси е неверојатно што ги употреби истите зборови со кои моите соседи го опишуваа Гојко: чесен, не е конфликтен, не прекршува ветувања.
Тоа беше толку одамна.
Додека се одржува состанокот, ми се враќаат спомените од детството кои сите овие години се обидував да ги потиснам.
Се обидувам да се фокусирам на состанокот.
Дознавам дека постои опасност исплатите на хонорарите во неколку министерства да доцнат. Некој предлага да се јават кај директор чие име не ми е познато за да интервенираат за нашето министерство. Раководителите присутни на состанокот се согласуваат дека мора да ги браниме своите интереси сложно зашто така стојат работите.
Потоа еден од раководителите предлага кандидат за член на некој управен одбор. Прашувам дали има можност и за други предлози.
- Па, може, ама да не ги комплицираме работите. Многу е подолга процедурата кога се предлага повеќе од еден кандидат, а легитимно е да се даде и еден предлог.
Уште не ми се јасни работите, па не прашувам понатаму.
Освен тоа, цело време ми се навраќаат спомените на Гојко.
* * *
Тоа беше толку одамна.
Влегувам со стопалата во реката Бојана, чија проѕирна, студена вода и чии мазни камчиња нежно ми ја допираат кожата. Легнувам на грб и го допирам дното во близина на брегот. Мајка ми дотрчува и ме вика да излезам. „Веќе си голема си да се бањаш скоро гола во реката,“ извикува, „веќе стана тинејџерка, уште малку ќе бидеш спремна за мажење“.
Не сакам да излезам од водата. Не ми е грижа дали сум голема за капење во реката, а не ми е ни грижа што отсега тоа ќе ми биде забрането.
Лута сум што Гојко пролетва се ожени.
Татко ми беше ѕидар и на почетокот од минатата зима се преселивме во предградие на Скадар близу до кулата на чија изградба беше ангажиран да работи. Инженерите и дел од работниците вклучени во изградбата живееја во привремената населба од монтажни куќи направена за да бидат блиску до работното место.
Меѓу нив беа Гојко и неговите двајца постари браќа, Вук и Урош. Вук ми изгледаше страшно. Иако сите ме убедуваа дека во основа е добар, само настапот му е малку груб, јас се обидував да го избегнам колку што беше можно. За Урош сите велеа дека е шармантен, но мене ми беше одбивен. Ги засмејуваше луѓето. Уште првпат кога ќе ги запознаеше веднаш влегуваше во разговор со нив и кажуваше шеги кои очекував дека ќе ги навредат, но никој не реагираше навредно.
Гојко беше поинаков – тивок, таинствен, привлечен. Освен што ме поздравуваше кога ќе се сретневме, немавме никаква друга комуникација. Но во моите мисли тој беше мојот иден маж. Којзнае што сè си замислував со него, толку многу работи што до крајот на денот не можев сите да ги запамтам.
Татко ми и сите колеги често го опишуваа како човек кој е чесен, кој не е конфликтен, не прекршува ветувања. Многу јасно го помнам тоа со ветувањата, израз кој сите го користеа: „не прекршува ветувања“. Веројатно го имаа осведочено во повеќе ситуации. И „чесен“, секогаш „чесен“.
Потоа бевме поканети на неговата свадба со Стојанка, која се породи неколку месеци подоцна. Бев толку очајна што не отидов на свадбата. Не смеев да кажам зошто, па се преправав дека сум болна. Ќе го забележи моето отсуство, се убедував, и ќе му биде тешко што не сум таму, ќе сфати колку му недостигам, ќе ја остави Стојанка и ќе дојде да ме побара.
Ѕидањето на кулата одеше многу бавно. Уште на самиот почеток имаше земјотрес кој направи проблем со темелите, па мораше одново да удрат нови темели. Некој месец подоцна, при пороен дожд, Бојана се излеа и ги однесе градежните материјали. На почетокот од есента, имаше некаква грешка во проектирањето или во изведбата поради која мораа да урнат дел од изградената кула. Бидејќи татко ми беше работникот задолжен да го надгледува тој дел од зградата, го сметаа за одговорен за грешката.
Еден ден во септември во нашата куќа татко ми, Гојко и неговите браќа седеа во дневната и разговараа. Мајка ми не беше дома. Татко ми знаеше дека не сум заинтересирана за разговори меѓу возрасните и веројатно беше сигурен дека ќе бидам во својата соба. Не знаеше дека бев заљубена во Гојко и дека сакав да го слушнам секој збор што ќе го каже. Гојко во нашата куќа! Мислев дека на светот нема посреќна личност од мене.
- Бев таму каде што се договоривме за да се консултирам – гласот на татко ми беше сериозен и мрачен. Никој не го потпрашуваше ништо. Сите чекаа да продолжи. – Вака стојат работите. За да тргне работата на кулата, мора една од вашите жени да биде заѕидана внатре. Која прва ќе донесе ручек утре на градилиштето, ќе ја закопаме во ѕидот. Само така може да се изгради кулата. Ако се изгради, ќе има солидна исплата, децата ќе ви бидат обезбедени за цел живот. Ако не, пропаднавме. Ама не смеете да им кажете ни збор на жените. Таа што прва ќе се појави, таа ќе биде заѕидана. И благословена нека е – благодарение на нејзината жртва ќе успееме.
Сите тројца ветија дека нема да им кажат на своите сопруги.
Целиот овој говор ме измести. Не можев да поверувам што слушам. Звучеше како некоја народна приказна, како измислица, како невкусна шега, како нешто што не припаѓа овде.
Потоа добив неодолива желба јас да бидам жената на Гојко која ќе знае за ова и доброволно ќе се жртвува за него. За да биде обезбеден за цел живот. И ќе ме сака засекогаш. Никогаш нема да засака ниту да цени никоја колку што ме сака и ме цени мене и мојата непоколеблива жртва. Заспав во бунило.
Утредента сè ми изгледаше како сон. Првите минути и бев уверена дека е сон. Не знаев што да правам со информациите што ги имав. Отидов кај градилиштето и седнав за да гледам што ќе се случува. Се надевав дека тоа вчера било некоја нивна шега, некаков чуден хумор, финта која тие си ја разбираат.
Секој ден ручек носеше или жената на Вук или жената на Урош. Стојанка никогаш немаше дојдено, се знаеше дека не доаѓа бидејќи има мало бебе, додека децата на Вук и на Урош беа поголеми. Ако се појави таа, размислував, тоа ќе значи дека Вук и Урош им кажале на своите сопруги, а Гојко не.
Гојко не прекршува ветувања. Значи, судбината на Стојанка е неизбежна.
И беше неизбежна.
Ја здогледав Стојанка како се приближува со ручекот в раце.
Станав. Почнав да се доближувам. Не бев сигурна дека ќе можам да го сведочам тоа што ќе следи. Не сакав. А не можев да не гледам. Ушите ми се затнаа и најпрво не можев да ги слушам целите реченици, само испрекинати гласови додека зборовите не почнаа полека да се разјаснуваат.
Додека тие ѝ зборуваа, таа изледаше зачудено, како ништо да не разбира, потоа почна да оди наназад и да се оттргнува од рацете што сакаа да ја задржат. По некое време успеаја да ја зграпчат. Таа се тргаше, ги клоцаше, викаше.
- Гаду, гомнару, идиоту, ти си најглупиот човек на светот, ти си монструм, убиец! – Стојанка му викаше на Гојко.
Во тој миг го заборавив нејзиното соочување со смртта, само ги слушав навредите кои му ги упатуваше на Гојко.
Неправедно. Неправедно.
- Не му викај така. Само тој го исполни ветувањето, само тој е чесен! – извикав.
Сите изненадено се свртеа кон мене и дури тогаш ме здогледаа.
- Си знаел за ова? И си ветил? Да цркнеш, гаду! Не можеш да ми го направиш ова, не можеш да ме осудиш на смрт. Не, не е можно ова да се случува, не е можно! – вресоците на Стојанка одекнуваа додека ја носеа кон кулата.
- Заѕидајте ме мене, таа не ја заслужува твојата љубов! – викав во бунило.
Осетив како некој ме зграпчи за раката и почна да ме влече. Се свртев и го видов татко ми со непрепознатлив израз на лицето.
- Што бараш тука? Ќе те скршам! – ме тегнеше тој кон нашата куќа.
* * *
Ги слушам околу себе гласовите на луѓето на состанокот во министерството, и се слушам себеси како ги прифаќам нивните сугестии, а во глава ми одѕвонуваат зборовите со кои ме опиша Анета.
Долги години во Скадар се зборуваше за чесноста на Гојко и за тоа како никогаш не прекршувал ветувања, за разлика од Вук и Урош, и од сите други.
Долги години и јас верував во тоа.
Со текот на времето таа увереност се измеша со други мисли, не секогаш сосем јасни. Дури денес ми се разбистри што точно ја разниша таа увереност.
Ги слушам луѓето околу себе како сложно ги бранат своите интереси затоа што така стојат работите. Особините на Гојко ми стануваат бесмислени и празни надвор од ситуацијата во која постоеја. Гојко беше најпростодушниот и истовремено најбезмилосниот соучесник во злосторството.
Ги слушам луѓето околу себе и сведочам како моите особини, ако не речам нешто, ќе им дадат поддршка на нивните коруптивни потези.
Слики: George Condo
28.09.2023
Расказот е напишан за време на книжевната резиденција во Lazina kuća za pisce организирана од Kulturni Centar Šabac, во септември 2023 година, и е објавен на српски јазик во збирката „Амбис“, во издание на Kontrast izdavaštvo, заедно со расказите кои, како што е назначено во збирката, имаат добиено книжевна награда за најдобар современ расказ на српски јазик „Laza K. Lazarević”, и со оние кои се напишани за време на резиденцијалната книжевна програма Lazina kuća za pisce 2019-2023.