1009 hPa
31 %

31 °C
Скопје - Вто, 08.07.2025 10:59
Непросредно пред 37. издание на Саемот на книга, првиот роман на писателката Румена Бужаровска, „Тони“, доби свое трето издание откако за само четири месеци беа распродадени над 2.000 примероци, соопштуваат од Издавачки центар „ТРИ“.
Оттаму дополнуваат дека домашните читатели ќе имаат можност да се сретнат со Бужаровска и да добијат потпис на својот примерок на 9 мај (петок), на штандот на „ТРИ“ во рамки на Саемот на книгата.
„’Тони’ го освојува и Балканот. Српското издание на романот ќе излезе на 3 јуни во издавачката куќа ‘Бука’, а на истиот датум ќе излезе и во Хрватска, во издание на ‘Фрактура’’, велат од ТРИ.
Тие истакнуваат дека романот е откупен и од престижната француска издавачка куќа „Галимар“, која досега ги издаде и збирките раскази на Бужаровска „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Правата за „Тони“ се откупени и во Шпанија, Грција, Косово и Црна Гора, што значи дека романот наскоро ќе може да се чита на седум европски јазици.
„Румена Бужаровска е една од најпопуларните македонски писателки. По гостувањето на домашниот Саем, продолжува на балканска книжевна турнеја – на 11 мај ќе гостува на солунскиот саем на книга по повод скорешното грчко издание на збирката раскази ‘Осмица’ во издание на ‘Гутенберг’, а во превод од македонски на Александра Јоаниду“, велат од „ТРИ“.
Бужаровска ќе ја посети и Албанија, по повод промоцијата на албанското издание на „Мојот маж“ во превод на Крешник Ајдини, а издаден од страна на издавачката куќа „Кандра ботиме“.
На 4 јуни Бужаровска ќе гостува и во Загреб, на книжевниот настан на клубот „Букса“ посветен на нејзиното творештво, а ќе се зборува и за нејзината збирка есеи “Господ, па Америка”. Српското издание на оваа книга (Booka) веќе неколку недели е најпродавана книга во нивните книжарници.