1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Кочани не загина на денот на трагедијата. Кочани умираше одамна, бавно и тивко, во децении на корупција, незаинтересираност и себичност. Оваа катастрофа не беше изолиран инцидент туку последица на еден систематски распад што сите го гледаа, но ретко кој реагираше. Во град во кој корупцијата не е отстапка, туку очекуван начин на „функционирање“, несреќите не се прашање на дали, туку на кога. Секој што вртеше глава пред вистината, што ја прифаќаше апатијата како нормала, што велеше „не е моја работа“ и „не ми се замара, за мене и тука е Швајцарија“ – учествуваше во создавањето таков супер летаргичен амбиент.
Луѓето си гледаа само во својот двор, заглавени во менталитетот на лични интереси без грижа за пошироката заедница. Додека сопствените џебови се полнеа, системите кои требаше да штитат животи се распаѓаа: неисправни безбедносни регулации, неефикасна администрација, немање институционален интегритет. И кога се случува ваква катастрофа, шокот е привремен, но проблемот е што ништо од старите навики не се менува. Ако нешто навистина сакаме да се смени, мора да се признае дека трагедијата на Кочани не почна со самиот настан туку таа беше само нуспроизвод на долга историја на колективна неодговорност.
Посттрауматски стресен синдром: зошто треба гласно да зборуваме за ова?
Во моментов, повеќето луѓе во Кочани се во шок. Нивната болка е свежа, нивната тага е неизмерна. Но, она што доаѓа после, тоа е всушност вистинската битка. Посттрауматскиот стресен синдром (ПТСД) не е нешто што се случува веднаш, туку нешто што полека ги обзема оние кои преживеале, кои изгубиле, кои сведочеле на ужасот. Овој феномен може да предизвика хронична анксиозност, депресија, изолација, па дури и суицидални мисли. Затоа е клучно сега да се зборува за тоа.
Луѓето треба да знаат дека ќе има последици, не само физички, туку и ментални. Оваа траума нема да исчезне со времето ако не се третира. Емоционалниот товар на вакви трагедии може да се рефлектира во секојдневниот живот – преку несоница, анксиозни напади, неможност за нормално функционирање. Најголемата опасност е што во нашата култура, менталното здравје сè уште е табу. Луѓето се плашат да побараат помош, се срамат да признаат дека не можат сами да се справат. Но, сега не е време за срам – сега е време за акција. Психијатриската и психотерапевтската поддршка не значи слабост, туку храброст. Секој што минува низ ова мора да знае дека не е сам и дека постојат методи и експерти кои можат да помогнат во процесот на исцелување.
Колективното надминување на оваа траума ќе бара ангажман на сите: целата заедница мора да разбере дека ова нема да помине со молчење. Само преку активно соочување со последиците ќе може навистина да се изгради некаква иднина по оваа темна страница во историјата на Кочани.
Затоа иницијативи како „Support Кочани“ се повеќе од важни. Секој што може да донира, што има контакти со луѓе во странство, со домашни компании или организации, треба да го рашири зборот. Колку повеќе луѓе разберат, толку повеќе средства ќе можат да се акумулираат за покривање на трошоците за колективно исцелување.
Како Кочани навистина ќе воскресне?
Кочани ќе се издигне од емотивната пепел само ако разбере дека вистинското оживување не значи само обновување на материјалните штети, туку и духовна, психолошка и социјална трансформација. Ова не е само работа на институциите, ова е работа на сите, особено на оние кои имаат влијание врз мислењето на народот.
Духовниците, лајв-коучевите, приватните гуруа – сите тие имаат огромна улога, бидејќи народот им верува. Нивната мисија не е само да проповедаат за верата, туку и да ја поттикнат заедницата да направи чекор кон вистинско заздравување. Тие мора да најдат баланс меѓу духовното и рационалното – да разберат дека науката и стручната помош не се во спротивност со вербата, туку се неопходен дел од процесот. Нивната задача е да ги охрабрат луѓето да побараат помош кога им е потребна, да зборуваат за менталното здравје како нешто легитимно, а не како слабост.
Ова воскресение на Кочани нема да биде лесно. Ќе бара промена во размислувањето, отфрлање на старите навики, признавање на грешките што доведоа до ова. Ќе бара луѓето да престанат да ја гледаат корупцијата како нешто „нормално“ и да почнат да бараат отчет од оние што управуваат со нивните животи. Ќе бара од сите – без разлика дали се лидери, граѓани, родители или деца – да се издигнат над сопствените лични интереси и да почнат да размислуваат колективно.
Кочани ќе воскресне само ако научи од оваа трагедија. Ако не, ќе продолжи да трули. А следната несреќа, како ехо од оваа, повторно ќе нѐ разбуди накратко – само за да нѐ потсети на сето она што требаше да го смениме, а не го сменивме.
Да не дозволиме да нѐ буди само на звукот на трагедијата!
Фотографии: Ванчо Џамбаски