Трамп и слободата на говорот: Како расте бројот на забранети зборови во САД?

05.05.2025 01:50
Трамп и слободата на говорот: Како расте бројот на забранети зборови во САД?

„По години и години нелегални и неуставни федерални напори да се ограничи слободата на изразување, ќе потпишам извршна наредба веднаш да се запре целата владина цензура и да се врати слободата на говорот на Америка“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на говорот што го одржа во Сенатот по повод инаугурацијата на 20-ти јануари годинава. Наредбата ја потпиша истиот ден, а во неа, уште во првиот дел стои дека Првиот амандман на Уставот на САД му дава право на народот да зборува слободно во јавниот простор без мешање од страна на владата.

Меѓутоа, намерата на претседателот да „го запре владиното цензурирање“ беше демантирана од низа настани. Неодамна, локален суд одобри депортација на студентот од Универзитетот Колумбија, Махмуд Халил, кој беше уапсен минатиот месец поради организирање пропалестински протести. Халил е легално во САД и не е обвинет за кршење на законот, туку „апсењето е директна последица“ на неговата заложба за правата на Палестинците. Минатиот месец, на француски научник од Националниот центар за научни истражувања (CNRS) му беше забранет влез во САД откако на неговиот компјутер и телефон беа пронајдени пораки во кои не се согласува со политиките што администрацијата на Трамп ги води кон високото образование, особено во однос на научните истражувања. Како одговор на ваквите постапки, CNRS ја стави САД на списокот земји кои, поради една или друга причина, не се сосема безбедни за нивните вработени. Рамо до рамо со Сирија, Ирак и Русија. Вклучувањето на САД на овој список беше сосема незамисливо пред два месеци.

За тоа колку се смени ситуацијата со враќањето на Доналд Трамп, но можеби уште повеќе за неговата намера да „го запре владиното цензурирање“, зборува и извештајот на Американскиот ПЕН. Имено, локалната подружница на светската организација на писатели, организација што работи веќе 104 години во 90 земји ширум светот, чие основно начело е „да се отстрани омразата и да се застапува идеалот за обединето човештво кое живее во мир и еднаквост“, и која се спротивставува на „секој облик на задушување на слободата на изразување во земјата и заедницата на која ѝ припаѓаат“, состави листа на забранети зборови и материјали кои владата на САД ги брише од своите страници и документи. Станува збор не само за најавената борба на актуелната администрација против „различноста, еднаквоста и инклузивноста (DEI или woke)“, туку и за климатските промени, вакцините и уште многу други теми, велат од ПЕН САД.

Во повеќе од 250 зборови и фрази кои новата администрација не ги смета за прифатливи се наоѓаат навистина бизарни примери кои не се усогласени со новоговорот. Од „абортус“ и „жени“, преку „инвалидитет“, па сè до „американски домородец“. Освен самите термини, ПЕН исто така напоменува дека Министерството за одбрана од базата на податоци го избришало и стратешкиот бомбардер Б-29, кој на 6-ти август 1945-тата година фрли атомска бомба врз Хирошима. Имено, полковникот Пол Тибетс го нарекол авионот по својата мајка – Енола Геј.

Како што забележува американскиот ПЕН, „Белата куќа потврди дека не изготвила список на забранети зборови, туку им оставила на федералните агенции сами да интерпретираат како ќе ја почитуваат извршната наредба што го признава само машкиот и женскиот пол, додека ги укинува програмите за различност, еднаквост и инклузивност“. Притоа, некои од одделите и министерствата отишле толку далеку што целосно се впуштиле во бизарности. ПЕН наведува пример на програмата за намалување на смртноста од рак „cancer moonshot“. Овој поим, според ПЕН, исчезнал од службените документи „веројатно затоа што (програмата) беше започната од претседателот Барак Обама, а за време на својот мандат ја поддржуваше и Џо Бајден“.

Здружението на писатели ги наведува и последиците што ја погодуваат научната заедница. Имено, Националниот институт за здравство (NIH), владина агенција за истражување во областа на биомедицината и јавното здравје, стравува дека финансирањето истражувања поврзани со области како здравјето на жените би можело да биде укинато или намалено поради користењето на зборот „жена“ во апликациите за грантови.

„Иако секој претседател во својата комуникација користи речник што ги одразува неговите приоритети, широката забрана на одредени зборови претставува дистописки обид за контрола врз тоа што Американците мислат и зборуваат, и покрај тоа што претседателот Трамп ја нагласува 'слободата на говор и крајот на федералната цензура'. Нема ништо 'слободно' во забраната на зборови и идеи“, се наведува во текстот на ПЕН Америка, под кој може да се погледне и целата листа на забранети зборови и поими, меѓу кои се, на пример: accessibility, activism, air pollution, anti-racism, biofuel, changing climate, clean energy, climate crisis, Covid-19, discrimination, equality, feminism, hate speech, hispanic minority, microplastics, multicultural, oppression, racial, segregation, water pollution.

Карикатури: Dennis Goris

Извор: https://lupiga.com/