1021 hPa
57 %

24 °C
Скопје - Сре, 18.06.2025 06:59
„Стриптиз на душата“, Филип Георгиевски, „Бата прес“
Во ноќта единствената светилка се наоѓа на небото. Станот е темен. Во него се влегува од тешка железна капија. Клучевите ги имаат Нељуби и Невера. По железната капија се наоѓа уште една метална врата со кодирана сигурносна брава. Шифрата исто така ја знаеја само тие двајцата. Ходникот е долг, празен и наликува на бескрајна црна дупка што се создала уште пред времето на севкупното создавање. Но, создателот како да затаил во своето совршенство, па му дал шанса на злочинителот да има свои сочинители и поданици и парче почва за дејствување. На средина од ходникот се наоѓа уште еден отвор, патека до поголемо пространство. Но, широчината повторно не се забележува од мракот. Низ тој отвор се влегува од мобилна врата. Таа не е заклучена и најчесто е подотворена за да се губи топлината. На крајот на ходникот се наѕира нова врата. Таа е без функција. Зад неа уште една врата што води до местото за олеснување и празнење. Единствено место каде што барем малку се испразнува дел од негативноста. Лево, на крајот од ходникот, продолжение од нов ходник. На неговиот крај се наоѓаат три врати. Од првата се слуша детски плач. Детето никако не се смирува.Од втората се слушаат силно трескање и дерење. Тресокот и вресокот никако не се смируваат. Од третата се слуша течење на млаз вода. Водата ништо не може да испере. Од клучалката на првата врата се гледа мала соба. На нејзиниот лев крај се наоѓа кревет. До креветот една масичка со празен лист и молив. На прозорецот решетки во облик на ролетни намерно расипани за да се минимизира продирањето на зракот. Во левиот ќош поставен црн, висок шкаф. До шкафот клечи детето и плаче. Неговиот лик е лик на возрасен човек. Неговата облека е расцепена милиметарски прецизно. Градите се голи и ја издаваат неговата белина. Од очите не му се гледа никакво сознание ни признание.Телото му е здраво и совршено. Болката доаѓа од друго место. Тоа не е свесно за ништо, а од друга страна, пак, нешто го тера да просолзува и да промолува, но нема на кого. Се жали на самиот себе. Го зема моливот и пишува со нејасен ракопис. И самиот не разбира што напишал. Го завртува од другата страна, но сега црта. Голо женско тело лежи. Никој не знае дали е живо или мртво. Можеби има крв, но бојата на моливот не може да го изрази тоа. Тој сега чувствува дека не плаче. Му доаѓа неизнудена насмевка на усните. Го бакнува листот и го свиткува како штотуку да го нашол решението за болката. Од втората клучалка, фронтално се гледа голем брачен кревет. Десно од него се наоѓа огледало. Во огледалото се пресликуваат два лика. Од нивната тежина огледалото е распукано по вертикална линија така што двата лика стануваат четири половинки. Двете половинки општат меѓу себе и трескањето е неиздржливо. Другите две половинки меѓусебно во несвесна состојба (преку вресок) ја креираат иднината на детето. Невера излегува од едната половинка на огледалото и се прекрстува во името господово. Трипрстието завршува на страната каде што треба да се наоѓа срцето, но тие завршуваат во празнина. Повторно вреска. Нејзините подочници се корито на лажните солзи. Таа не чувствува болка. Ја креира лажната основа за неа. Сѐ е лажно. Нељуби не знае каде му се рацете, а каде му се нозете. Тој не си го знае телото. Разумот е расцепкан и затворен во безброј испиени шишиња алкохол. Вресок, тресок и дерење. И неговата половинка излегува од огледалото и сака да се прекрсти. Трипрстието, наместо на страната на срцето, завршува на неговиот пенис. Го боли за болката. Пенисот за дига и ја набодува љубовта. Исто така фронтално над креветот влагата го издава прозорецот. Тој е целосно затворен со двојни решетки. На таванот една единствена светилка. Меѓутоа, не постои рака што може да го притисне прекинувачот. Од клучалката на третата врата, од десната страна, се гледа када. Чешмата не запира. Изворот е непресушен, но водата е матна. ‘Рѓата се излева од кадата врз алиштата. Над мијалникот се издига мало прозорче. Тоа е премногу мал и нефункционален излез. На него нема решетки. Светлината е многу слаба, зашто е отворено накај северната страна. Мала виделина, без сила за спасение. Големиот простор во кој се влегуваше од мобилната врата е големо чекалиште. Тука секој од тројцата го чекаше другиот свој ближен за да му се спротивстави во облик што впрочем не решаваше апсолутно ништо. Кога глутницата станува гладна, се поместува десно накај местото што го совладува нагонот за преживување. Од тука се излегуваше надвор кон бескрајната ширина и височина.Тој излез беше забранета тампон - зона. Можеше да го отвори патот до вистината. А тука вистината не постои. Привидот е на високо ниво. Реалноста е уништена. Манипулација на мал простор. Големиот простор секој ден е воена зона. Без човечки жртви. Но, тука секојдневно летаа парчиња душа.
***
„Искра“, Петре Димовски, „Дијалог“
Го сонуваше како да не дошол од сoн.
Туку од јавето.
Можеше да го милува, да го љуби, да ја љуби и тој. Да, и тој ја милуваше и ја бакнуваше нежно. Тоа беше посилно од јавето.Увереноста дека си припаѓаат еден на друг сосема ја презеде. Веќе ја знаеше и тајната од неговата интимна душа. Дека тој ја сака. И дека таа целосно се стопува во неговата прегратка.
Да не не било сон?
Сепак, тоа да не било јавето?
Она вистинското што го носи вистинскиот тек?
Но еве сонот бил само еден миг. И завршува. Не се обновува, не се повторува, иако желно го повикува.
Се завртува во креветот да ја затвори светлината зад клепките, а да ја остави отворена душата за да се врати сонот. И заспива. Секако заспала, штом се буди за да открие дека Виктор не дошол во сонот.
Присакува јавето да е понадежно од сонот и брзо пребарува во постелата крај себе. Виктор не е во постелата. Не дошол тука, а не дека исчезнал.Студенило ѝ лази кон срцето. Но има оружје, има спас. Виктор е тука, во нејзината мисла и е во намера да ја употреби.
Да, го наоѓа во својата мисла од каде не исчезнал. Од таму се шири мека топлина, од неа студенилото брзо се повлекува и сега, останата сама со својата разгорена мисла предизвикува пожар што ѝ ги пламнува и мислата, и телото, и душата. Виктор сега е со неа. Сега целосно го има потчинето на својата желба. Раководи со неговите постапки, управува со неговата волја. Сѐ е како што си посакувала. Како што треба да биде.
„Ти си моето сонце“, му кажува, чувствувајќи колку тоа ја грее.
„Две сонца во едно“, ѝ кажува Виктор, и таа сака секогаш да го сфаќа неговото кажување. Сега го сфаќа.Тој кажува дека се споени во едно. Во едно сонце.И остануваат како едно сонце, со удвоена светлина. Пожарот е во нејзината душа, и нема својства да ја опече и согори, туку да ја развива убавината на животот. Може да го замисли тоа. И го замислува. И го има. Го живее.
„Животот е убав“, кажува како што многумина кажале. „Биле во иста среќа како мене“, отвора глас што заѕвонува низ Универзумот. И ехото што се враќа кон неа ја уверува дека тоа го кажал Виктор, дека тоа се неговите зборови. Не може да се присети кога го кажал, но знае дека го слуша сега и дека постојано ќе го слуша низ иднината.
„Животот е убав!Животот е волшебно убав!“
Виктор е волшебник, ѝ минува мислата низ срцето и ѝ ја растопува душата. Срцето и душата се во целосен спој. Може тоа да го потврди и ништо не може да ѝ го наруши спокојството.
Сега знае дека го има. Па, Виктора, да! И не посакала ништо друго освен да го има Виктора. Постојано го замислува така, во својата постела. Дали само тогаш е нејзин, само така може да го има? Не дава одговор зашто не си го поставува ниту прашањето. Ѝ удоволува на мислата. Каде што ја води таа, таму потонува. Важно е да ѝ е убаво, и целосно да ѝ е исполнета желбата. Да го има Виктора. Ако е победник во една битка, станува вешта во водењето на борбата, и верува во целосната победа. Виктора го има во мислата. Тоа е нејзината прва добиена битка. И смета дека тоа е најважната битка што ќе ги подреди другите под своето усвојување. Знае, убедена беше дека ни една друга битка не би добила ако не ја добие оваа битка, да го постави Виктора во мислата и целосно да го задржи таму. Ако тој не е во мислата, никаде не би бил блиску до неа, никогаш не би го забележала, што ја отфрла можноста да ја забележи тој, затоа што тоа таа не би го забележала. Такво е правилото на животот. Што и да стори тој, ако не му ја отвори својата мисла да влезе во неа, залудни се сите негови обиди да ја добие битката која воопшто не може ниту да ја започне. Незапочната битка не може да се добие.
А Искра ја доби првата битка, суверено поставувајќи го во својата мисла.
И сега Искра почнува да сонува за добиена војна, за остварена цел.
Виктор да ѝ припаѓа нејзе.
Само нејзе.
Големо разочарување за Искра што може да ја згасне искрата на мислата.
Го виде Виктора во прегратка на друга жена.
Нејзе ѝ припаѓа во јавето.
Тоа ја збесна.
Тоа ја направи неспокојна, растревожена, избезумена. Кратка беше нејзината верба дека го има во сонот откако го придоби во мислата. Тоа не можеше да се провери. Сонот исчезна од неа.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.