1025 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 16.01.2026 00:59

Ги нареков вака своето размисли затоа што одговорно и сосема свесна за последиците, веројатно негативни, одбирам ракурс и јазична поставност, кој е мета позиција, затоа што имам интимна потреба да влезам во мета зоната на реагирањето, на расправата, на критичкото мислење за да созададам основа за радикална конфронтација и поставување во однос на контекстот кој нужно бара радикалност, инсистира на политичка, па ако сакате и на уметничка конфорнтација (пред сè на уметничка конфронтација, и мене ми е многу чудно зошто не ја глеадам таа уметничка конфорнтација!) Вереме е за конфорнтација а не за преговри. Перманентна конфорнатција која ќе предизвика стабилизација. Не гледам како поинаку. Бидејќи конфронтацијата секако е облик на преговарање.
Ние сме сенишни отсечоци кои заборавиле како изгледа нивното тело. Кои заборавиле таа сенка на какво тело е рефлексија. Говорам за јавниот простор, следствено за институцијата како за тело, и за нас како сенки кои телото ги отфрлило или ако сакате на кои телото им е украдено, или кои дозволиле да им го одземат телото, или ушто полошо, да го продадат своето тело, или кои не биле способни доволно да ја сфатат идејата за здружување, за заедничко артикулирање на едно тело, за создавање на еден институционален модел кој како ризом ќе се разгранува на многу сенки тоа тело, кои се задоволувале со тоа да имаат некои полуинстинтуционални приказни, без стратешки да предвидат одреден модел што ќе ги направи посилни и што нема да има партикуларни интереси, туку заеднички интерес за сите. Моето искуство низ годиниве покажува дека тешко се здружуваме, кога се здружуваме мислиме еуфорично, а уште потешко сакаме да вложиме напор во стратешко промислување на политичкиот контекст од кое би излегле некои појасни знаци покрај калдрмава низ која одиме, а кои би нè довеле до загубеното тело, до сонуваната институција, до посакуваниот институционален модел.
.jpg)
Но за рзалика од Петар Шлемил кој ја беше продал својата сенка на ѓаволот, ние нашата сенишност треба да ја организираме и реорганизираме, и телото кое ни е украдено да го киднапираме ако е потребно, но, пред сè да покажеме дека тоа ни следува. Политички, артистички, продукциски, социјално. Културните работници во оваа земја имаат потреба да обликуваат тело според сенките кои ги сонуваат, и кои некои им ги гази, а не ретко самите ги газат. Тоа тело треба да биде не нешто што ќе биде панично наметнување и формулирање на кројка која била наменета за ниечие туѓо тело, туку треба да биде реартикулирано, реформулирано, реинституционализирано. Нашето тело бара да биде прочитано како огледало на хибирден, интерсекторски организационен модал, кој ќе ги деконструира затворените институционални модели кои произведуваат само дупки во буџетот а не содржина. Предлагам активистичка артикулација пропратена со стратешки обмислена идеја за културата како политичка и социјална одговорност.
Нужно е да се ризикува, предизвикува, иницира, мотивира, прашува, менува. Времињата во кои живееме се брутални, насилни, и нема простор за метафизика бидејќи пустината не е креативен копнеж туку е сурова стварност. Ќе се бориме против фасадната култура која е без арматура и без содржина. Не би сакала да поверувам дека Македонија нема да најде интерес за постоење на независни институции во кои ќе се промовираат некои нови модели на културни практики. Сега навлегуваме во сива зона која бара јасни граници меѓу крвникот, крадецот и оној кој сака да се бори против него создавајќи општество а не мафијашка енкалва. Оти повеќето од институциите се токму тоа.
.jpg)
Институциите се нападнати, запоседнати. Ние талкаме обидувајќи се да најдеме нови модели, нови уточишта за уметничките практики, за критичкото согледување на светот преку уметничката практика, ново организационо воспоставување, кое ќе ги штитти креативните и пред се’ работничките права. Се обидуваме да ги ослободиме институционалните формати од нивната еднозначност, од нивното подаништво од нивната ретрорагдност. Популизмот и демократската дистопија се заразна болест, или би рекла некој чуден антракс кој неосетно ни доаѓа на нашите адреси во шарени коверти кои со задоволство и непретпазливо ги отвораме. Тие ја растураат шансата на институциите да бидат независни јадра, созадвајќи од нив подвижни огледала кои го отсликуваат и рефлектираат ликот на лидерот, на наредбодавецот, на наметнатиот модел на управување. Овие институции се одликуваат со целосна арбитрарност на „лидерот“, на моќниот. Тие немаат ниту своја органска управувачка ниту своја органска програмска структура. Кога ние говориме конфорнтирани наспрема ваквите институции, треба да се запрашаме дали умееме да создадеме поинаква структура, а потоа да влеземе во нејзиното креирање.
Имајќи ја на ум ентропијата во која сме, имајќи ги на ум сите двигови кои се направени на граѓанската општетсвена сцена во изминативе дваесетина години, имајќи ја на ум патеката по која мислевме дека треба да се движиме кон создавањето на демократски референци, референци на слободата, еднаквоста и солидарноста (да се изразам во рамките на еден анахрон, можеби опасен, но пожелен дискурс), чувствувајќи ги заморот и обезнедеженоста од чувството дека биеме битки со ветерници, но ветерници направени од ‘рѓосан метал, кој прави сепса во општественото ткиво, не е лесно да се започне, по незнам кој пат, приказната која ќе биде доволно конструктивна, умна, да го артикулира и операционализира, да го роди одново телото на нашиот ангажман. Која ќе ги претвори сенките на нашите акции во тела, во опредметени, прецизно артикулирани политички контексти кои нема да бидат утопични, а уште помалку дистопични места на уметничките практики и на прозиводството на социо-културниот критички дискурс.
.jpg)
Да не се лажеме, ние живееме под опсада. Опсада која е резулатат на само-организарана и само-креирана внатрешна опсада од власта. Во таквите услови, софистицираните преговори, договори, разговори, т.н. соработки се само еден бесконечен процес од кафкијански размери. Затоа се застапувам за силна, жестока конфронтација, тактички добро осмислена, која прво јасно ќе нè постави наспрема а потоа ќе го отвори патот за нашите фокуси и потреби. Не е време на меки отстапувања во име на добивање трошки. Време е за офанзивно заземање на политичкиот и социо-културниот простор. Нашите досегашни културни практики треба да се претворат во нешто што ќе има значење за пошироката општетсвена битка.
Имајќи го искуството на Точка, морам да поставам неколку едноставни прашања, на кои се разбира немам конечен а можеби и немам воопшто одговор: што значи институција? Какви се’ формати на институции имаме? Дали институцијата е таа која не’ прави единствено политички и практично релевантни? Во какви формати може да се одвива нашето дејствување? Дали институцијата е таа што нè формира или можеби нè деформира? Колку ние имаме капацитет, а колку контекстот има капацатитет да се отвори себеси во однос на нов модел институција? Кои се нашите стравови? А кои се стравовите на политичкиот и бизнис секторот да се формира ваква институција, под чија капа ќе ги формулираме и ќе ги вдомиме нашите активности. И, на крајот, дали нашиот сон по дом, по тело за нашите сенки, нè не втурнува понекогаш во ад хок, избрзани, стратешки не одржливи чекори за формирање на институција која ќе биде нов модел на културна практика. Да се има само простор е една работа, да се формира нов модел на институција е друга.
.jpg)
Она што до сега им се случуваше на независните институции во сферата на културата, кои се разбира по својот формат, управувавње и содржина пред се’ беа интердисциплинарни, каков што е и самиот сектор, и никако само и само вкотвени во херметичниот концепт на културата, е многу обесхрабрувачки. Бевме наивни, никогаш не влеговме во сериозен, стратешки и партнерски однос со централната и локалната власт. Имавме некои климави договори кои многу лесно, при смената на моќникот нè исфрлија од просторите во кои бевме. Точка е за мене голема љубов но и голема болка, радост но и нешто што ги содржи сите аспекти на тагата. Но тоа е завршена приказна која повикува на нов почеток. Мораме да создадеме закони, контексти, статути, устави каде што ваквите Точки ќе бидат многуточие, жариште на постојана и отворена полемика на поттикнување на сите форми на алтернативно и вонинституционално промислување на актуелните политики, на светот. Нам ни е потребно место за разговор и за ширење на елементарна демократска култура.
Мојот став е дека не би се согласила веќе да влезам во материја, во тело кое ќе се опира во сферата на преземање на политичка одговорност од страна на оние кои треба да бидат стратешки партнери во градењето на еден хибриден модел на соработка меѓу независниот културен сектор, локалната и централната власт. Не сакам да го преземам нивниот калкулантски, кукавички модел на функционирање којнсе одликува со партикуларност, заведување, давање трошки. Јасно е дека гладна кокошка просо сонува, но сепак...
Приказните ги такеме како со срма по сите ќошиња на просторот, кои постојано нè потсетуваат дека мора да постои парче од време-просторот кое ќе „памети“, кое ќе шепоти за нашите подвизи, салбости, искушенија... Ние веруваме во тоа дека ќе мораме низ веќе невидливиот град кој исчезнува, да исцртуваме, во мапата да впишувамепоинакви топоними кои ќе градат поинакви светови. Нашиот пат е одговорност која светот на фасадите, на градската пустина ќе го исполни со содржини. Културата, не е црешна која се наоѓа на врвот од колачето на историјата: таа секогаш одновно е место на конфликт и арена на отпор, спротиставување и преговарање.
.jpg)
„Крикот против“ и „движењето на креативната моќ“ треба да водат кон оние облици на отпор и борба кои тежнеат во својата форма да не репродуцираат структури и практики против кои се борат, туку да воспостават нови општествени односи (често нè демне опасноста да почнеме да ги репродуцираме структурите и практиките против кои се бориме). Токму помеѓу таквите хетерогени облици на отпорот треба да се одвива експерименталното испробување на она што се посакувало како преведен свет. Далеката иднина и незивесното време кое треба да дојде после револуцијата не ни се потребни. Да се биде против но ситематски и теориски потковано да се експериментира со новите организациони облици на отпорот.
За гневот
Во отсуство на т.н политика на квалитет, ни останува на сцената да го поставиме гневот. Епскиот гнев во целата негова комплексност. Знаете, Илијада на Хомер започнува со стиховите: Спеј го божице гневот на Ахила, синот Пелеев... Според архајската онтологија светот е вкупен збир на битки кои се водат во него. Гневот е онаа активна сила во квинтесенцијален облик. Тој претходи на секој локален контекст. Но, сепак, и поводите предизвикуваат гнев. Како снага која спротиставениот свет го држи заедно, гневот го чува единството на мноштвото ерупции...
Способноста да се страда заради навреда или понижување е одлика на секој голем борец. Ахил страда за Брисеида која му ја зема Агамемнон. На Ахил му е доволно што знае дека е во парво и што Агамемнон нешто му должи, нешто му одзел. Гневот според Хомер е супстаниција од која е направен светот... Нема потреба да се бавиме со ноторниот факт дека денес никој не мисли автентично...
Економијата на гневот слично како и монетарната економија го пречекоруваат критичниот праг на гневот кога напредува од локална акумулација и селективно трошење до ниво на системско инвестирање и циклично размножување.
.jpg)
Кога станува збор за пари таквата разлика се опишува како премин од форма на богатство кон форма на капитал. Кој е нашиот капитал. Во случајот на гневот, трансформацијата се случува кога осветничкото нанесување болка се трансформира од освета во револуција. Револуцијата во најшироката смисла на зборот не може да биде работа на ресентиман, на изолирани приватни лица. Таа подразбира основање банка на гневот чиишто инвестиции треба да бидат темелно осмислени како воени операции пред одлучувачката битак – или како акции на мултинационални корпорации пред непријателско преземање од страна на конкурентите.
И затоа да го мобилизираме гневот, да се ослободиме од осветата, да влеземе во креативна и конструктивна конфронтација, да смислиме стратегија за борбата против фасадната култура која е без арматура и без содржина. Не би сакала да поверувам дека Македонија нема да најде интерес за постоење на независни и трансформирани институции во кои ќе се промовираат некои нови модели на културни практики, и уште поважно, нови работнички права. Сега навлегуваме во сива зона која бара јасни граници меѓу крвникот, крадецот и оној кој сака да се бори против него создавајќи општество а не мафијашка енкалва. Оти повеќето од институциите се токму тоа.
Слики: Barbara Kruger