1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Жан-Ив Ками е француски политиколог чија специјалност се националистичките движења во Европа. Тој е раководител на Опсерваторијата за политички радикализам во Фондацијата Жан-Жорес, а со него разговараме за десницата во Европа и Франција по судската пресуда за Марин Ле Пен.
Претседателката на партијата Национален собир (РН), Марин Ле Пен, неодамна беше осудена на четири години затвор и пет години забрана за кандидатура на избори поради злоупотреба на средства од ЕУ. Тековни се и процесите против поранешниот претседател на државата, Никола Саркози, и сегашниот премиер Франсоа Бајру. Што ни кажува ваквиот број процеси против високи политички функционери за состојбата на демократијата во Франција?
Последниве десетина години зајакна законодавството со кое се обидува да се регулира моралното однесување во политиката. Француската демократија беше нарушена со децении наназад поради бројни скандали поврзани со финансирање партии или кандидати на избори. Државното финансирање на политичките партии е регулирано од 1988-та година и се спроведува врз основа на резултатите на парламентарните избори, но тоа не е доволно затоа што кампањите стануваат сè поскапи. Износот на донациите од приватни лица е строго ограничен на прилично смешни суми, помали од 10.000 евра. Затоа, партија како РН е прилично тешко да се финансира, бидејќи има малку локално избрани функционери, на власт е само во еден голем град, а бројот на пратеници во Националното собрание значително им се зголеми дури во 2022-та година. Освен тоа, француските банки нерадо даваат кредити на политичките партии, а странските банки од 2017-та година не смеат да позајмуваат на партии. Сето ова во голема мера објаснува зошто РН ги користел средствата на Европскиот парламент за својата национална политика, каде што партијата е застапена од 1984-та година. Франција има проблем со финансирањето на партиите со пари од приватниот сектор бидејќи нашата идеја за републиката се заснова на поимот за општ интерес, кој е строго одвоен од партикуларните интереси. Тоа е сосема поинаков контекст од оној во САД, каде што корпоративното лобирање се смета за сосема нормално, додека кај нас на лобирањето се гледа како на обид за корупција и е спротивно на јавниот интерес.
Каква улога имаа мејнстрим медиумите во третманот на судењето на Марин Ле Пен?
Изразот „водечки медиуми“ не е прецизен бидејќи, гледано од странство, се добива впечаток дека сите француски медиуми, освен оние од групата Болоре, се левичарски и непријателски настроени кон РН. Тоа не е точно, бидејќи постои и десничарска печатена медиумска сцена, како и економско-политички весници од десниот центар, но ниту тие не го поддржуваат РН. Во тоа има логика, бидејќи француската деловна заедница не е протекционистичка и имиграцијата ѝ е потребна, поради што домашната буржоазија и понатаму е претпазлива кон РН. Со исклучок на некои медиуми од групата Болоре, сите други медиуми заземаа став дека пресудата против Ле Пен е во согласност со законот.
Во колкава мера оваа пресуда би можела да ги загрози шансите на РН на следните претседателски избори? Ле Пен досега имаше контрола врз парламентарната радикална десница, додека нејзиниот наследник Жордан Бардела се залага за обединување на десницата. Дали тој е сериозен кандидат?
Жалбеното рочиште ќе се одржи летото 2026-та година. Ако судот ја потврди извршната природа на пресудата, Ле Пен нема да може да биде кандидат, но ако судот ја отстрани таа одредба, таа ќе може да се кандидира. Во секој случај, партијата ќе има претседателски кандидат – или Ле Пен или Бардела. Анкетите спроведени по пресудата покажуваат дека 62 проценти од Французите веруваат дека пресудата против Ле Пен е оправдана, но и таа и Бардела сè уште водат во анкетите за првиот круг. Значи, Марин Ле Пен не е надвор од игра. Што се однесува до Бардела, речиси е сигурно дека тој ќе се кандидира ако не може таа. Останатите десничарски кандидати немаат шанси. Но, треба да се напомене дека, дури и со 35 проценти во првиот круг, не е нужно дека кандидатот на РН ќе победи во вториот круг. Лесно би можеле да имаме сценарио слично на дуелот во Австрија во 2016-та помеѓу претседателот Александер ван дер Белен и кандидатот на радикалната десница Норберт Хофер – тесен резултат, со кој РН беше многу блиску до целта, но без победа.
Како ги коментирате реакциите на Владимир Путин, Виктор Орбан и Илон Маск на пресудата? Првиот им држи лекции за демократија на независните француски судии, вториот нуди поддршка, а третиот ветува „одмазда против левицата“.
Трите реакции, како и оние на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш и потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини, покажуваат дека постојат две антагонистички сфаќања за демократијата. Првото се заснова на претставувањето и поделбата на власта, според кое народот ги избира своите претставници, кои добиваат легитимитет од народот, но преку делегирање и под контрола на независната судска власт. Вториот концепт е популизмот, кој резултира со неурамнотежена демократија во корист на прекумерна моќ на извршната власт, која се меша во независноста на судството. За популистите, „народот“ мора да биде суверен во сите области, во секое време. Кого и да претставува – дали е тоа Путин, Орбан или Трамп – оној што тврди дека го претставува народот, не смее да го контролира никој, дури ни уставниот суд. Оние што не се согласуваат со популистичкиот лидер се прикажуваат како пречка за демократијата, која постои само преку гласот и делувањето на популистичкиот трибун. За Путин, либералната демократија е доказ за декаденција, без разлика дали е левичарска или десничарска. За другите лидери што ги спомнав, левицата е филозофски одговорна бидејќи ја узурпирала демократијата, сметајќи го „народот“ исклучиво како збир на граѓани, односно индивидуалци, а не заедница што е над сè – да употребам германски збор – Volksgemeinschaft, обдарена со „душа“. Значи, апсолутна автономна совест што мора да остане надредена на секоја форма на контрола.
Недамна констатиравте загрижувачки промени во рамки на традиционалната конзервативна десница во Европа, велејќи дека таа го напушта својот демократски идентитет во корист на реакционерните опсесии на радикалната десница. Така, лидерот на ЦДУ во Германија двапати го прекрши ветувањето дека никогаш нема да соработува со екстремно десната партија АфД, во Австрија Народната партија на Австрија (ОВП) и екстремно десниот ФПО преговараа за формирање влада, во Белгија исто така владее коалиција од конзервативци и радикалната десница.
Според моето мислење, оваа ситуација е резултат на длабока криза на конзервативната мисла, која го занемари влијанието на либералната глобализација врз западните општества. Во земјите што без транзиција преминаа од планска економија во пазарна и каде што општествените структури се нарушени од судирот помеѓу традиционалните и либералните вредности, популистите успеаја бидејќи ги отелотворуваат вредностите на суверенитетот, идентитетот и отфрлањето на мултикултурното општество како облик на декаденција. Во западните земји, конзервативизмот е разводнет со економски либерализам, што резултираше со општество на индивидуализам што ја уништува солидарноста и чувството на припадност на колективот. Ако пазарот е единственото правило и тој е глобализиран, тогаш повеќе нема стабилни и одржливи општествени структури – сè може да се купи и продаде, дури и телата на поединци и работната сила на имигрантите. Затоа дојде до револт и кај левичарските и кај десничарските гласачи, против светот што се движи пребрзо и во кој нема веќе корени, граници и стабилност. Победници во оваа ситуација се популистите, кои го продаваат сонот за враќање во минатото и идентитетот без надворешни влијанија или промени со текот на времето.
Џорџа Мелони и Виктор Орбан се два лидери со отворено екстремно десничарски програми, но Мелони е целосно интегрирана и прифатена, додека ЕУ се дистанцира од Орбан. Како го објаснувате тоа?
Мелони и Орбан се третираат различно зашто нивните земји имаат сосема различно економско и стратешко значење – во корист на Италија, земја основачка на Унијата, која е исто така значително поголема по број на население и има побројна делегација во Европскиот парламент. Италија е исто така можен мост помеѓу ЕУ и администрацијата на Трамп, бидејќи односите меѓу двете земји се многу блиски, вклучително и американското воено присуство на италијанска територија. Географската положба на Италија е таква што без неа не може да се спроведува заедничката миграциска политика – таа е влезна точка, додека Унгарија е транзитна точка. Мелони е и пофлексибилна од Орбан во односот кон ЕУ – таа не сака да ја попречува политичката фамилија на која ѝ припаѓа. Покрај тоа, секогаш ја прифаќала атлантистичката идеја. Од друга страна, Унгарија смета дека европските сили во минатото се однесувале неправедно кон неа, а Трианонскиот договор, со кој пред сто години изгубила значителен дел од својата територија, за Будимпешта претставува понижување што никогаш не е заборавено.
Каква е улогата на социјалдемократијата во подемот на екстремната десница во Европа?
Социјалдемократијата не е одговорна за подемот на екстремната десница на почетокот на тој процес, односно во осумдесеттите и деведесеттите години. Но, таа станува одговорна во моментот кога, поради својата идеолошка заслепеност, повеќе не гледа дека дел од работничката класа бара ред, авторитет, суверенитет и заштита од последиците на либералната глобализација. Единствениот одговор што социјалдемократијата успева да го даде е дека сè што се спротивставува на либералната демократија се прогласува за екстремна десница или фашизам, заборавајќи дека вредностите на просветителството и Револуцијата од 1848-тата година вклучуваат и барање за ред, исто толку колку и барање за социјална правда и еднаквост.
Карикатури: Payam Boromand
Извор: https://www.portalnovosti.com/