1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Сто и дваесет години откако е основан во 1905 година од Хафиз Мехмед-паша, Градскиот парк денес е собиралиште, место за прошетка и релаксација на илјадници граѓани во текот на годината, но и е едно од последните зелени точки во Скопје. Со интезивното и агресивното урбанизирање на Скопје, сè повеќе се губи и она малку зеленило во градот. Годините на уништување на Скопје, го направија паркот, модерен еколошки рефугиум на сиот жив свет, кој тука го најде последниот простор за мир. Градскиот парк со своите езерца може да се смета и за еколошко-историски наследник на старите Вардарски ракави, езера, рипариски шуми и влажни ливади што значи чува и дел од старите екосистеми на Скопје.
Бидејќи не се почитуваат ни основните урбанистички правила и стандарди и над Градскиот Парк во Скопје, сè повеќе демне опасноста од неговата непотребна урбанизација, па се поставува прашањето, дали можеби Градскиот парк во Скопје треба да се прогласи за заштитено подрачје со што дополнително ќе се заштити неговата иднина?
Урбани паркови може да се заштитени споменици и тоа не е никаков еколошко-правен преседан, а пример за тоа се: Дворката градина во Сремски Карловци, Каменичкиот Парк во Сремска Каменица, Паркот Бландаш во Кикинда, Жупанискиот парк во Зрењанин и Дунавскиот парк во срцето на Нови Сад. Градскиот парк поради неговото историско, културно, естетско, а сега и еколошко значење ги исполнува условите за оваа категорија. Дополнителна законска заштита не значи ништо сама по себе ама е прв чекор кон покажување на грижа кон природното наследство и дополнителна заштита.
Основан во 1905 година низ годините прераснал од отомански геометриски дизајн од 16.000 м² во денешниот комплексен пејзаж од над 450.000 м². Клучна улога во уредување на денешниот изглед на паркот одиграл д-р Станко Караман, кој го трансформирал мочуришниот појас покрај Вардар во парк со автохтона флора и водни екосистеми. Овој дел од паркот се уште поддржува наразновидна и најбогата локална фауна и флора. Основниот урбанистички проект од 70-тите и реконструкцијата на паркот во 2009 година ја дефинираат неговата сегашната структура.
На прашањата до Град Скопје, дали досега била разгледувана можноста Градскиот парк да се прогласи за заштитено подрачје, согласно Законот за природа, но и за тоа каква е координацијата со Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со статусот на паркот, за ДОМА изјавија:
„Градскиот парк е вештачки подигната парковска површина со претежно рекреативна намена каде што не се застапени во голем број значајни видови кои се значајни од аспект на заштита на природни вредности. Исто така, не постои координација со МЖСПП за конкретниот парк поради тоа што основна функција на паркот е спортско рекреативна намена, и нема евидентна загрозеност на постоечките видови присутни во паркот“, велат од Град Скопје.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак ни дговорија дека Министерството досега нема спроведено истражувања за биодиверзитетот во паркот и неговото значење како еколошки коридор.
ДОМА разговараше со еколозите од Македонско еколошко друштво (МЕД) на оваа тема и оттаму велат дека Градскиот парк кој припаѓа на категоријата урбани зелени простори треба да се третира и унапредува во тој контекст.
„Парк е највредниот урбан зелен екосистем во Скопје – и неговата заштита зависи од квалитетното управување, а не од промена на статусот. Прогласувањето на Градскиот парк за заштитено подрачје не е ниту неопходно, ниту правно применливо. Наместо тоа, фокусот треба да биде ставен на активна примена на постојниот Закон за урбано зеленило, подобро урбанистичко планирање, кое го интегрира паркот и ги поврзува зелените површини во урбаниот простор и околните природни и полуприродни целини/екосистеми“, објаснува м-р по екологија и проектна координаторка во МЕД, Деспина Китанова.
„Според Законот за заштита на природата, заштитените подрачја се дефинираат на подрачја каде постојат екосистеми со високи природни вредности и автохтони видови, наменети за заштита на биолошката разновидност и природните живеалишта. Во Македонија постојат бројни вакви подрачја како Јакупица, Моноспитовско Блато и други – кои навистина имаат потреба од формална заштита“, вели Деспина Китанова, проектна координаторка во МЕД.
Зеленото срце на Скопје го чува биодиверзитетот, но човекот му ја отежнува работата
Човечките секојдневни активности не треба да се потценуваат бидејќи тие многу влијаат врз биолошката разновидност во паркот, а може и да предизвикаат и долгорочни промени. Бучните настани доведуваат до привремено повлекување на чувствителни видови како што се птиците, лилјаците и вервериците. Долгорочна и прекумерна употреба на одредени простори, како што се тревните површини, може да резултира со ерозија на почвата и со намалување или исчезнување на дел од биолошката разновидност.
Кога станува збор, пак, за цицачите, најчувствителни од нив се лилјаците. Во паркот регистрирани се и неколку видови лилјаци, меѓу кои и белорабиот и малиот лилјак.
„Овие ноќно активни цицачи се особено чувствителни на урбани стресови како бучава и светлосно загадување, а нивните живеалишта во урбана средина се сè поретки. Нивната улога во контрола на популациите на инскетите е значајна и за луѓето, па затоа е важно присутвото на старите стебла со пукнатини во Градскиот Парк во кои овие животни го наоѓаат својот дом“ појаснува Китанова.
Во врска со водоземците, почувствителни видови се мрморците кои се скоро исчезнати од подрачјето на паркот, иако постојат водни површини кои условуваат нивно присуство.
„Нивното размножување зависи од квалитетот и постојаноста на водната средина, особено од добро развиената водна вегетација (водни растенија кои плутаат и трска). Обичниот мрморец во последните години не е забележан во водите на паркот, што значи дека или неговата популација е видно намалена или е повлечена кон некои посодветни живеалишта покрај Вардар. Со прилагодување на барските полуприродни екосистеми во паркот, одржување на соодветно ниво на водата, внесување на растителни акватични видови и крајречна вегетација би се обезбедиле подобри услови за присуство на обичниот и на македонскиот мрморец кој бил забележан во неколку наврати досега во Градксиот Парк. Ваков тип на бари би ја стабилизирале и популацијата на змијата белоушка која се храни со водоземци“, потенцира таа.
Според Китанова, влекачите ретко се среќаваат во паркот, а причината веројатно е поради рутинските методи за одржување на тревестите површини (косење на тревата и кроење на грмушките), како и одржување и уредување патеките.
„Овие живи организми веројатно и го одбегнуваат просторот на паркот заради големата посетеност и концентрација од луѓе особено во пролетниот период кога тие си најактивни, па веројатно се повлекуваат на места каде се помалку вознемирени во периодот на парење, и во потрага по плен“, додава таа.
Сепак, најчестиот вид е инвазивната американска црвеноушлеста водна желка, која претставува опасност за македонските видови и пожелно е да биде отстранета од паркот.
Во паркот се присутни и голем број животни кои, на пример, позитивно влијаат врз контролата на популациите на комарци, мушички и други инсекти како вилински коњчиња: Libellula depressa, Anax imperator, Aeshna affinis, Coenagrion puela кои лесно колонизираат водни површини.
Потребна е јасна и системска визија за екосистемот во срцето на Скопје
Градскиот парк претставува уникатна еколошка и социјална вредност во јадрото на Скопје, но останува ранлив на последиците од човечката активност и недоволната институционална грижа. Иако не е формално заштитено подрачје, неговата функција како урбан екосистем од огромно значење за биодиверзитетот и благосостојба на граѓаните е неспорна. Недостигот од системски истражувања, стратешко управување и координација меѓу институциите ја ограничуваат можноста за негово долгорочно зачувување.
Китанова од МЕД вели дека имајќи предвид дека законските основи се многу општи, неопходни се стручни совети и кадар за спроведување на мерки кои би ги унапредиле функциите на паркот. Како поконкретни препораки ги издвојува: селективен пристап кон уредувањето и одржувањето на паркот, со оставување на „полуприродни зони“ со минимално човечко вмешување, со цел зачувување на локалната биолошка разновидност, која игра клучна улога во одржување на виталните функции во паркот.
„Потребно е стручно да се избираат растителните видови, со фокус на садење автохтона флора која ќе ја поддржи локалната фауна. Исто така, неопходно е отстранување и контрола на инвазивни видови, како киселото дрво, црвеноушлестата желка и други. Треба да се работи и на подобро поврзување на зелените површини во градот и нивна интеграција со околните природни екосистеми. Дополнително, потребно е подобрување на квалитетот и структурата на водните површини преку одржување на нивото на водата во поволна состојба за успешно размножување и присуство на водните животни, како и внесување на акватична флора која ќе обезбеди присуство на поголем број на видови“ истакнува таа.
Според неа, од суштинско значење е воведување на паметни урбани стратегии за зачувување и унапредување на градското зеленило и обезбедување на услуги од зелените површини за луѓето. Потребно е и подигнување на јавната свест преку спроведување на едукативни кампањи за граѓаните, како и градење на соработка со релевантни институции, научни и стручни, владини и невладини организации, со цел носење на порелевантни решенија за исполнување на функцијата на паркот како зелен простор за рекреација и негова еколошка функција.
За да го задржи статусот на „зеленото срце на Скопје“, неопходно е итно да се воведе холистички пристап во управувањето со Градскиот парк преку целни истражувања, подобро одржување на екосистемите, воведување зони за „мир и тишина“ и рестрикции на штетни активности. Градскиот парк не бара само нега, туку и визија за град што ги препознава, вреднува и штити своите природни ресурси, не само како украс, туку како основа за здрав и одржлив урбан живот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографии: Дарко Андоновски и МЕД
Извор: https://doma.edu.mk/